Дали имамот Ѓулен е закана за 170 држави?
Објавено во: Балкан 21 Септември, 2016
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган вели дека проповедникот Фетулах Ѓулен е закана за 170 земји во светот.
Тој синоќа во обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк ги повика светските лидери да преземат мерки против „терористичката мрежа“ на исламскиот проповедник Ѓулен, оценувајќи дека таа ја загозува нивната безбедност.
„Ги повикувам сите наши пријатели под итно да ги преземат неопходните мерки против терористичката организација на Ѓулен, поради заштита на сопствената безбедност и безбедноста на своите нации“- изјави Ердоган.
Додава дека оваа организација не претставува закана само за Турција, туку и за сите 170 земји во светот во кои таа има свои институции и активности.
Анкара го товари Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД, дека стои зад обидот за воен удар во Турција од 15 јули годинава. Досега во неколку наврати Турција побара од американските власти негова екстрадиција, но Вашингтон бара недвосмислени докази за негова поврзаност со настаните за кои го обвинуваат турските власти.
Ѓулен ги негираше овие обвинувања.