До полноќ треба да се достават листите до ДИК
Објавено во: Македонија 11 Ноември, 2016
На полноќ политичките партии и независните кандидати ќе треба да ги достават листите на кандидати за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК).
Вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување, а дотогаш ќе трае и увидот во избирачкиот список.
Од поголемите партии, СДСМ и ДПА, ДУИ веќе објавија кои кадри се носители на листите за изборите на 11 декември.
Се очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги објави листите.
Од ДИК велат дека откако партиите ќе ги достават листите, Комисијата има рок од 48 часа да ги разгледа. Ако нешто не е во ред со имињата на листите и треба да се поправи или дополни, тие им се враќаат на партиите, кои, пак, имаат уште 48 часа да реагираат и да ги вратат исправни.
ДИК ќе го заклучи и избирачкиот список кој се однесува на 7-та изборна единица, односно на дијаспората.