07 Мај, 2024
0.0335

Државата тоне во апатија - Ќе има ли „јунак“ да стави крај на политиканството?

Објавено во: Македонија, Анализа 17 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги вкрстуваат ракавиците за да го нокаутираат противникот (читај трпението на граѓаните) во неодржливата политичка криза, се помалку има доверба дека ќе се роди лидерство кое ќе ја поведе државата кон нормализација, кон етаблирање на независни институции и дека ќе се посветиме вистински, сериозно и со кредибилитет во решавање на неодложните прашања. За апатичноста, недовербата и безизлесноста од лавиринтот на тесните партиски интереси кои ја поклопија државата и општествената енергија правиме анализа со политикологот и историчар Благојче Атанасоски.

Фактор: Каков крај за СЈО, обвинителите се враќаат по автоматизам во матичните обвинителства а Катица Јанева не е повеќе ни гевгелиски обвинител. Се чини дека опозицијата ги оствари своите замисли да го сопре процесот на целосна интеграција на СЈО во евентуалното ново обвинителство за висока корупција и организиран криминал. Што понатаму?

Атанасоски: СЈО умре, магарето ( правдата) се мачи на зелената маса. Во една тотално поларизирана атмосфера, рововски поставена, помеѓу лидерите на најголемите етнички македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните преговарачки тимови граѓаните очекуваат решение со кое ќе профункционира владеењето на правото и правната држава. Нормално дека нема да се најде такво решение, со кое сите ќе одговараат еднакво пред Законот, односно  „Темида“ нема да биде за едни мајка, а за други маќеа. Граѓаните се разочарани и со право, а опозицијата го прави тоа што неа и одговара најмногу во моментов: дотолчување на СЈО, бидејќи истото од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше перцепирано како прогонител на нејзините поранешни високи партиски функционери, и на самата партија во целост. Никој не може да ја предвиди иднината околу предметите произлезени од досегашната работа на СЈО, но целата работа како да пропадна во вода. Барем таква е атмосферата во општеството и амбиентот кој се креира.


Фактор: Се доведува ли ВМРО-ДПМНЕ во состојба на неконструктивен играч кој по секоја цена го блокира процесот на реформи во правосудството, имаат ли воопшто издржанст во барањата или само бесцелно трошат време на политиканство кое може да им се удри во глава?

Атанасоски: Опозицијата уште од од самиот старт на СЈО (и кога беше владејачка партија), се однесуваше како класичен противник на работата на самото СЈО (и покрај тоа што нивниот поранешен долгогодишен водач и премиер Никола Груевски даде пофални квалификации за CV- то на дотогаш непознатата Катица Јанева), бидејќи СЈО во изминатите 4 години отвори голем број на обвинителни предмети во кои беа инволвирани голем број на високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, било да се поранешни, или пак актуелни. Реториката која првенците на опозицијата ја употребуваа за СЈО е дека тоа е „продолжена рака на СДСМ“, дека одработува за Заев е веќе позната, и мене ми е сосема логично дека тие ќе го блокираат процесот околу иднината на предметите на СЈО. Дали во иднина тоа политиканство како што велите вие, ќе им се удри од глава, ќе покаже времето, односно ќе покаже заинтересираноста на меѓународната заедница околу иднината на предметите произлезени од СЈО. Доколку меѓународните авторитети пред се од ЕУ, САД, а најмногу холандските претставници инсистираат да има правосуден крај, а истиот се оневозможи поради некооперативноста на ВМРО-ДПМНЕ во понатамошност може да се случи еден вид „одмазда на чадорот“, односно и ВМРО-ДПМНЕ да победи на наредните парламентарни избори, пак да биде спречена да формира коалициска влада со етничкоалбански партнер. Тоа „стратешките пријатели“ многу добро знаат да го изведат. Еднаш на дело го покажаа во 2016/2017 година.

Фактор: Во Скопје доаѓа Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет. Ќе следи ли нов дипломатски притисок за решавање на политичкиот ќорсокак и дали воопшто има „кислород“ во приказната дека ќе добиеме датум за преговори за членство во ЕУ?

Атанасоски: Па единствено само така знаеме да функционираме, преку жесток и силен дипломатски притисок од страна. Немаме никаква елементарна култура на политички дијалог, и никогаш нашите политички првенци (колку и гротескно да звучи зборот пол.првенци), немале сенс за државниот, националниот, сеопштиот интерес. Напротив, секогаш личниот и партискиот бил приоретизиран, на штета на граѓаните. Целата приказна околу оваа сага со СЈО добива на актуелност, поради предвидениот датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, и токму поради оваа причина се става толкав акцент, на наоѓање на заедничко општоприфатливо решение кое би било ставено во законски рамки. Инаку и претставниците од ЕУ не би се бавеле толку со нас, бидејќи мислам дека и кај нив постои едноставно умор. Несериозно, детски, и би рекол недржавнички е 30 години, некој од страна да ви изигрува тутор и да ви кажува како треба да си ја уредите сопствената држава. Одозгора, ако сте непослушни да ве „искара, и да ве потегне за уши“. Толку ни е патетична и жална политичката состојба, што нема соодветен термин со кој би ја опишале.

Фактор: Во меѓувреме нацијата тоне во апатија, довербата во институциите се истопи, а нема никаков напредок во политичката култура па дури и во практицирање на власта каде се повеќе доминира популизмот и непромислени економски и социјални мерки. Кои ќе бидат последиците од овие процеси?

Атанасоски: Целосна истоштеност, уште поголемо интензивирање на процесот на трајно иселување, пред се на младиот и образован кадар. Веќе не се селат само сиромашните, тие кои не можеле да си обезбедат минимум услови за живот, туку и високообразовани, и добростоечки ситуирани граѓани, кои не можат да ја издржат токму оваа состојба во која нацијата е потоната во апатија, безнадежност, а институциите на системот немаат никаква доверба. Политичката (не)култура е африканска, и постојано фунцкионира на пречки и сопки помеѓу политичките противници, но тоа резултира со застој на целиот евроинтегративен пат на државата, а со тоа и застој на нејзиниот развој. Популизмот, краткотрајните социјални мерки, се само „коска во грлото“ на гладните македонски усти и нема да донесат никаков долгорочен развој и подобрување. Ни треба тотален ресет, а дека можеме да заборавиме како живеевме и функциониравме во овие безмалку три децении не можеме, но истите треба да ни бидат урнек и репер како не треба да живееме во наредните. Ако не извлечеме поука, и не ни дојде памет, веројатно после триесет години од сега, во Македонија ќе останат само се уште живите пензионери, спомениците и ендемските пеперутки во Мариово. За последните и не сум сигурен, дека и тие не би одлетале, доколку ништо не се смени. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Денеска гласаа болните и затворениците

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Денеска гласаа болните и затворениците

ЛЕТОЦИ ВО ЧАИР: Пишува „Ако си муслиман, не гласај“

ЛЕТОЦИ ВО ЧАИР: Пишува „Ако си муслиман, не гласај“

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Лични документи можат да се подигнат и утре

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Лични документи можат да се подигнат и утре

ТАМУ БИЛ ИЗБОРНИОТ МАТЕРИЈАЛ: Неколку мажи се обиделе да ја отворат предната врата и капијата од објект во општина Чаир

ТАМУ БИЛ ИЗБОРНИОТ МАТЕРИЈАЛ: Неколку мажи се обиделе да ја отворат предната врата и капијата од објект во општина Чаир

НАШИОТ АМБАСАДОР НЕ ПРИСУСТВУВАШЕ НА ЦЕРЕМОНИЈАТА: И Македонија ја бојкотираше инаугурацијата на Путин

НАШИОТ АМБАСАДОР НЕ ПРИСУСТВУВАШЕ НА ЦЕРЕМОНИЈАТА: И Македонија ја бојкотираше инаугурацијата на Путин

УРИВАМЕ „ЦРНИ“ РЕКОРДИ: Два македонски градови се на листата најзагадени во Европа

УРИВАМЕ „ЦРНИ“ РЕКОРДИ: Два македонски градови се на листата најзагадени во Европа

НА ДЕН ВЕЛИГДЕН, КЕДЕВ ОСВОИ УШТЕ ЕДЕН ВРВ - го „победи“ Макалу, петтиот највисок врв во светот

НА ДЕН ВЕЛИГДЕН, КЕДЕВ ОСВОИ УШТЕ ЕДЕН ВРВ - го „победи“ Макалу, петтиот највисок врв во светот

БОКИ 13 ЗАВРШИ ВО СТАНИЦА: „Замислете, ме пријавил дека сум му ја загрозил безбедноста и дека сум го демнел“

БОКИ 13 ЗАВРШИ ВО СТАНИЦА: „Замислете, ме пријавил дека сум му ја загрозил безбедноста и дека сум го демнел“

ЗАЧЕСТИЈА НАПАДИТЕ ОД МАЛОЛЕТНИЦИ - четири лица уапсени, ограбиле други малолентици, ќе следи пријава

ЗАЧЕСТИЈА НАПАДИТЕ ОД МАЛОЛЕТНИЦИ - четири лица уапсени, ограбиле други малолентици, ќе следи пријава