02 Мај, 2024
0.0247

Дуинг Бизнис: На хартија ТОП реформатори, во практика економски застој?

Објавено во: Анализа 30 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Новиот извештај Дуинг Бизнис од Светската Банка во кој Македонија е рангирана меѓу десетте најдобри реформатори во светот во подобрување на условите за водење бизнис, треба да го радува секого, но загрижува фактот што реформите не се рефлектираат во реалната економија, сметаат дел од експертите. Според економистите,  загрижува фактот фактот што и понатаму во земјава пропаѓат тендери за клучни проекти. Ваквите рангирања не треба да се толкуваат во насока на тоа дека македонската економија е блиску до светските развиени економии. - За поздравување е тоа што сме рангирани во десетте топ реформатори, но малку е чудно што се тоа не успева да се конвертира во реалните услови за подобрување на економијата и животниот стандард на граѓаните. Тука има и други нелогичности, како ќе се објасни тоа што ни пропаѓаат тендери за клучни крупни проекти, како на пример за ХЕЦ Чебрен и Галиште, за кои сеуште не може да се најде инвеститор. Потоа како се толкува тоа што имаме перманентен тренд на намалување на инвестициите? Затоа велам дека ова што е кажано во извештајот не може да се конвертира во реалната економија. Ваквото рангирање не треба да го сватиме дека македонската економија може да ја споредуваме со светски развиените економии, тоа е неспоредливо, вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети. За Владата извештајот е објективен, опозицијата смета дека работите не ни одат! На главната  листа Македонија е на 25 –то место од 189 земји, односно три места подолу од минатиот извештај. Напредок е нотиран во шест области и тоа во добивање градежни дозволи, регистрирање имот, пристап до кредит, заштита на инвеститори, плаќање даноци и пристап за електрична енергија. Ваквите показатели за Владата се објективни и доказ дека бизнис амбиентот во земјава е на високо ниво. -Со 25-то место на кое е рангирана Македонија од вкупната скала на Дуинг бизнис сме далеку подобри од сите соседни земји. Црна Гора е најблиска на 44-то место, Хрватска и Србија се некаде 80, 90 место. Се на се, можеме да бидеме задоволни од остварувањето и од тоа што секоја година по ред Република Македонија е меѓу десетте реформатори во светот и е најдобра во регионот Македонија ја зајакна заштитата на инвеститорите преку дозволување на акционерите да бараат поништување на трансакциите со поврзани лица и заинтересирани страни и назначување на ревизор кој ќе ги истражи можните нерегуларности во текот на водењето на активностите на компанијата, изјави министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески Аналитичарите посочуваат дека слични извештаи Македонија добивала и во минатите години, но тоа немало позитивен импулс врз севкупната економска активност. - Секако дека ваквиот извештај на Дуинг Бизнис би требало да го радува секого во државава. Но, фактот дека слични извештаи сме добивале и во претходните години, а тоа се токму годините во кои Македонија остварувала просечен раст на БДП од 1 %, покажува дека сите наведени реформи немаат никакво посебно влијание и позитивен импулс врз економската активност. После четири години, наместо да се фали, Владата конечно треба да свати дека паралелно со наведените реформи, води погрешна фискална и монетарна политика. И она што во овој момент е далеку поважно отколку извештајот на Дуинг Бизнис, е одговорот на Светска Банка околу тоа дали и оваа година таа ќе одобри гаранција со која Македонија ќе може да аплицира за поефтини нови кредити кои се неопходни за покривање на дефицитот и враќање на старите долгови во 2014 год. Ако тоа не се случи, ќе биде неопходно Владата да емитува еврообврзница, што ќе значи ново поскапо задолжување и нов голем чекор кон должничката провалија, вели Кире Наумов економски аналитичар. Загрижува друштвото на топ 10 земјите на ранг листата Според извештајот Македонија на ранг листата за водење бизнис Македонија е на девето место, а друштво и прават Украина, Руанда, Русија, Филипини, Гватамала, Косово, Бурунди и Брегот на Слоновата коска. Токму ваквото опружување на ранг листата според дел од екпсертите не треба да се прифати со голема еуфорија дека абиентот во Македонија е на високо ниво. -Ние спаѓаме во група на земји каде што се подобрува состојбата, а тоа значи дека во извештајот се мери степенот и интензитетот на подобрување, а обично степен и простор за подобрување има кај тие земји што се најзаостанати. Секако дека тоа не значи дека со ова имате обезбедено добри позиции. И тука ние секогаш правиме голема грешка, кога ова го толкуваме како да еве ние сме една топ десетте најдобри земји. Треба да се прави разлика во тоа што е подобрување, а што добра позиција, објаснува универзитетскиот професор Беџети. Во извештајот Македонија е на петто место во групата земји кои од 2005 година спровеле најмногу се реформи, односно го намалиле јазот што постоел со  развиените земји, што според вицепремиерот Ставрески е уште еден позитивен сигнал. - Македонија и натаму е најдобра во регионот на Југоисточна Европа. Подобро сме рангирани и од 19 земји-членки на ЕУ, како на пример Холандија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија. Тоа треба да ни претставува индикатор дека вкупниот амбиент за бизнис е навистина на високо ниво и Светска банка и Дуинг бизнис тоа го нотираат, изјави Ставрески. Во извештајот е нотирано дека не е постигнат напредок кај индикаторите за започнување бизнис, плаќање даноци и услови за прекугранично тргување, за што Владата најави дека ќе се направат напори за да се подобрат овие индикатори. Лидер Сингапур, губитник Чад Инаку и во овој извештај на Дуинг Бизнис, на прво место на ранг листата е сеуште Сингапур, потоа следуваат Хонгконг, Нов Зеланд, САД, Данска. Малезија, Јужна Кореја, Грузија, Норвешка и Обединетото Кралство. На последно место за бизнис-клима е Чад. Во извештајот се анализира рамката, која ја налагаат регулативите за бизнисот на малите и средни претпријатија односно условите во кои тие можат да започнат дејност. Сепак извештајот Дуинг Бизнис не ги мери сите аспекти на деловното опкружување што им се важни на фирмите и на инвеститорите, квалитетот на фискалното управување и другите аспекти на макроекономската стабилност. Во овоој  Дуинг Бизнис извештај се анализира периодот од јуни 2012 до јуни 2013 –та година. Ј.С