Економски пад поголем од глобалната финансиска криза: ОЕЦД извештај
Објавено во: Економија 26 Август, 2020
Оваа криза е далеку поголема од финансиската криза во 2009 година. Впрочем падот годинава го надмина падот во таа година која се сметаше за исклучително лоша, објави ОЕЦД.
Меѓу земјите во групата од седумте најразвиени економии во светот, Г7, кои се членки на ОЕЦД, досега најголем пад на БДП има Велика Британија, од 20,4 проценти.
Следува Франција, со намалување за 13,8 проценти во вториот квартал, по пад од 5,9 проценти во првиот квартал од оваа година.
Италија забележала пад на нејзината економија за 12,4 проценти, Канада за 12 проценти и Германија за 9,7 проценти, соопшти ОЕЦД.
По нив следат Соединетите американски држави со поблаг пад, од 9,5 проценти во вториот квартал. Во Јапонија, каде што, според ОЕЦД, мерките биле помалку строги, БДП паднал за 7,8 проценти во вториот квартал.
На годишно ниво, падот на БДП во групата од 37 земји-членки во вториот квартал изнесувал 10,9 проценти, објави ОЕЦД.
ОЕЦД минатиот месец процени дека стапката на невработеност кај 37 нејзини членки е 11,4 отсто на крајот на јуни, што е повеќе од двојно помалку од 50-годишното ниво од 5,2 отсто во декември минатата година.
Според нивните предвидувања, заздравувањето ќе биде бавно, при што стапката на невработеност се очекува да достигне предвиден пад од 9,4 проценти до крајот на оваа година и да застане на 7,7 проценти на крајот на 2021 година, но под претпоставка дека нема втор бран на пандемијата.