Федерика Могерини кажа поради која причина Европа ќе зажали
Објавено во: Свет 02 Септември, 2019
Убедена сум, доколку тоа не го сториме, дека ќе зажалиме веќе за неколку години, изјави шефицата на европската дипломатија во заминување Федерика Могерини, која ја повика Унијата да го задржи силното присуство на Западен Балкан.
Целта е како што наведе остварување на јасниот интерес, воведување на целиот Балкан во ЕУ.
Вели дека ќе бидат потребни храброст, лидерство и упорност.
„Имаме јасен интерес да го воведеме целиот Балкан во ЕУ. Сите знаеме дека е тоа долг, комплициран, секогаш интересен и разигран процес што ќе бара доста време, решавање на проблеми и многу политичка преданост од сите страни и одлучност“, рече Могерини.
Могерини додаде дека влезот на Западен Балкан во ЕУ е прашање на повторното обединување на целиот европски континент и дека тоа му е потребно како на Балканот, така и на ЕУ.
Таа го наведе примерот со името на Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа се постигна со залагањето на Атина и Скопје, со постојана поддршка и охрабрување од ЕУ.