04 Мај, 2024
0.0250

Трговска војна: Милиони евра штети, изгубени пазари, лош имиџ пред инвеститорите!

Објавено во: Анализа 16 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Косово ги крена рампите за увоз на македонски производи, Македонија ја повлече мерката за условен увоз на брашно и патни такси за косовските државјани. И така по десеттина дена континуирани дијалози на линија Скопје- Приштина, закана кој е посилен, кој е виновен, кој е во право, кој прв почнал,  заврши трговската војна меѓу двете земји. За политичарите беше важно проблемот да се надмине, но последиците од овие десет дена некого го чинат милиони пари, изгубено време и нерви. На крајот товарот на својо грб го почуствуваа стопанствениците, кои допрва ќе ги санираат финансиските штети. И додека траеше спорот бизнисмените постојано апелираа државите што побрзо да најдат решение оти бизнисот секојдневно брои штети. Десет дена рафтовите во косовските маркети беа без македонските производи.

Македонските извозници коментираат дека овие изминати  десет дена за нив биле долг период, уште подолг период ќе треба додека повторно се најдат на истата позиција на косовскиот пазар како што биле пред почетокот на трговскиот спор. Упатените во бизнисот коментираат дека лошото во ваквите трговски војни е што на крајот нема кој да ги покрие штетите.

- Веќе две години редовно извезувам производи на косовскиот пазар. Овие денови додека траеше ембаргото, моите производи не беа присутни на рафтовите во марКетите каде што до тогаш ги извезував, и тоа мене ме чини пари, работници,  но и повторна борба со конкурентските производи на косовскиот пазар и враќање на довербата кај потрошувачите. Јас сега повторно подготвувам пратка за Косово. Ваквите трговски војни се штетни и за извозниците и за увозниците. Да не си мислиме сега дека е се е готово, завршено. Има конкурентски производи од други држави кои веднаш ги пополниле рафтовите каде што стоеле нашите производи. На секоја наша фимра што извезувала во Косово за да се врати во претходната состојба пред ембаргото, ќе и треба најмалку еден месец, а некои и воопшто нема да можат да завземат повторно истото место на косовскиот пазар, вели Арбен Абдурахмани, сопственик на компанијата “Везе Шари”.

Според дел од стопанствениците, ваквите трговски војни создаваат лош имиџ за државата и за извозот. Упатените во бизнисот коментираат дека во иднина треба да се внимава со воведувањето на заштитни мерки за домашното производство како што е мерката за условен увоз на пченица и брашно, бидејќи таквите мерки имаат последици, штетни по бизнисот, една гранка се заштитува а друга се уништува. Сугерираат за заштитата на домашното производство да се користат други мерки, кои нема да бидат спротивни на правилата за слободна трговија.

Некои пак од бизнисмените предупредуваат дека доколку оваа мерката за условен увоз на брашно и пченица се воведе и следната година, тогаш ќе ни се повтори годинешното сценарио, но многу поекспресно од сега и од повеќе држави. Од Сојузот на стопански комори ден пред да  се реши спорот предупредија дека трговските војни се лош сигнал за странските инвестиции.

-Сите сме многу мали земји така што кој и да било странски инвеститор не таргетира како регион. Во случај некој веќе да донел одлука или да планирал инвестиција во Македонија, Косово, Албанија или во Србија, сметам дека ќе подзастане со инвестицијата или ќе ја одложи што ќе претставува штета за стопанствата на нашите земји. Ние треба да докажаме и да покажеме дека овде постои поволна бизнис клима и можност за слободен проток на стока, луѓе и капитал, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Ембаргото ги урна цените на зеленчукот

Косовоското ембарго ги урна цените на големо на зеленчукот на домашниот пазар. Веднаш по сшутањето на рампите за увоз на македонските производи, паднаа цените на доматите и индустриската пиперка. Претходно цената на големо на доматот беше 20 денари за килограм, а по ембаргото 7 до 8 денари за килограм. Цената на индустриската пиперка на големо претходно чинеше од 17 до 20 денари за килограм, а потоа од 3 до 16 денари за килограм. По решавањето на трговскиот спор, цените повторно се стабилизирани, но штетите останаа, коментираат земјоделците.

-Цените на големо повторно се вратија како пред ембаргото. Така цената на  доматите е 20 денари за килограм, а на индустриската пиперка е од 16 до 20 денари за килограм. Но кој ќе ни ја покрие нас разликата од штетите што ги претрпевме овие денови додека траеше ембаргото? Загубите од ваквите војни се големи, а ние со една заштитна мерка која се покажа како неефикасна, ризикувавме цело производство, вели Ристо Велков претседател на Регионалниот Сојуз на земјоделци.

Која беше причината за трговската војна?  

Косово стави ембарго за увоз на дел од македонските производи поради нашата мерка за условен увоз на брашно, а потоа Македонија возврати со патни такси за косовските државјани. Косово не застана, па ја спушти рампата за увоз на сите македонски производи. Македонија од Косово речиси и да не увезува пченица, а брашно незначителни 30 отсто. Токму овој податок го отвори прашањето зошто Косово се одлучи на ваков смел потег? Во јавноста се вртеја неколку сценарија. Од тоа дека Косово отвора терен за влез на други производи од други држави, потоа дека се пред парламентарни избори па секој долар им е важен, до тоа дека целата ситуација има врска со промената на името на Македонија во облик на надворешни притисоци. Сепак според експертската јавност потезите на Косово не беа само од економски мотиви, туку имаа политичка позадина.

Македонија има суфицит со Косово. Сепак последниве години има намалување на вкупната трговска размена. Минатата година вкупната трговска  размена на Македонија со Косово изнесуваше 421 милион долари, од кои 392 милиони беа извоз, а 29 милиони увоз. Во првите осум месеци од годинава размената е 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз, а 14 милиони увоз.

Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад