ГОРИВА, КАФЕ, ЦИГАРИ: Грција од 1 јануари ќе ја тресе нов бран на поскапување!
Објавено во: Балкан 27 Декември, 2016
Нов бран од даноци и повисоки цени на основните производи и услуги во Грција се поставуваат од 1 јануари 2017 година, објавија локалните медиуми.
Податоците покажуваат дека од Новата година бензинот ќе поскапува со 3 евроценти за литар. Дизелот поскапува со 8 евроценти за литар. Со 10 евроценти пак се зголемува и течниот природен гас.
Цигарите исто така ќе бележат поскапување, бидејќи од 1 јануари стапува во сила и специјалниот данок на потрошувачка на тутунските производи. Тоа значи дека цената на килограм тутун ќе скокне од 156,70 евра на 170 евра.
Со повисок данок ќе биде оданочена и никотинска течност за електронските цигари. Таа ќе скокне за 10 отсто. Од 2 до 3 евра по килограм поскапува и кафето.
Посебна такса се воведува и за фиксни телефони. Таа ќе биде во висина од 5 отсто.
Од 1 јануари пак „секирата“ на ДДВ ќе удри и на островите, информираат уште изданијата на грчки јазик.
Промени се очекуваат уште и во однос на осигурување, пензии, приходи и старосни граници за пензионирање. Тие ќе влијаат на 3,5 милиони работници 2,7 милиони пензионери.