27 Април, 2024
0.0299

Груевски се обиде да ги убеди своите дека победува на изборите

Објавено во: Македонија 17 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Шаренило од ликови и симболики го одбележаа вчерашниот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Имаше еуфорични и возбудени граѓани, но и такви кои беа уморни и со мрачни лица. Пораката која врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати, беше дека и натаму партијата е обединета и дека ќе извојува убедлива победа на претстојните парламентарни избори. 

Собирот во „Борис Трајковски“ беше шлаг на тортата на работниот викенд на оваа партија, во кој имаа многу трибини и партиски настани. На завршницата единствен говорник беше претседателот на партијата Никола Груевски.

Неколку илјади граѓани пристигнаа во главниот град за да го слушнат лидерот и пораките кои тој ги упати од говорницата. Од сите краишта на Македонија најголем дел од симпатизерите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ дојдоа со организиран автобуски превоз.

Уште од далеку од „Борис Трајковски“ ечеше патриотска народна музика, а граѓаните вооружени со државни, партиски, но и знамиња со сонцето со шеснаесет краци, се упатуваа натаму. Трибините се полнеа, а во салата пристигна и највисокото раководство на партијата, поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, директори и градоначалници. Сите го чекаа лидерот Груевски.

Најфотографирани од медиумите беа поранешните функционери кои си поднесоа оставки, а кои сега се осомничени или обвинити во случаи кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Веднаш до бината застанаа поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот Никола Тодоров, Никола Поповски, тука беше и сегашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, како и министерот кој си поднесе оставка, Зоран Ставревски. Малку подоцна, откако заврши фотографирањето, во салата пристигна и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Влегувањето на лидерот ја загреа атмосферата во салата, кој беше дочекан со овации, а граѓаните станаа и му ракоплескаа, скандирајќи го неговото име.

„Аирлија избори! Победуваме!“­ ова беа првите зборови што Груевски им ги упати на членовите и симпатизерите на неговата партија. Половина од неговиот говор, што траеше 70 минути, го посвети да ја пофали партијата, а остатокот да ја критикува опозицијата и да напаѓа.

Неизбежна тема беше и Специјалното јавно обвинителство, кое го обвини дека го поддржува СДСМ.

„СЈО, кое се формираше со добра намера, да се расчистат работите од креираните материјали, не е толкав проблем што луѓето таму се очевидни подржувачи на СДСМ, не е толкав проблем што бесрамно си доделија тројно поголеми плати од останатите нивни колеги, туку се нафатија да бидат главен инструмент на СДСМ и Заев во битката на доаѓање на власт со сила и без волја на народот, а преку партиска инструментализација на оваа државна институција“, рече Груевски.  

Тој додаде дека СЈО досега одржале еден куп спектакуларни прес конференции со покренување на истраги и обвиненија, без да имаат барем еден валиден доказ. И предупреди дека очекува во предизборието да бидат повикувани членови на партијата на распит, со цел да се сменело мислењето на народот и СДСМ да ги добиел изборите.

Груевски им порача на сите кои сакаат на нечесен начин, со интриги, манипулации и замајувања да дојдат на власт, дека не само што нема да ја остварат целта, не само што убедливо ќе изгубат на следните избори, туку, колку повеќе се обидувале со злоупотреби на институции во партиски цели да дојдат на власт, толку поголема ќе била победата на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија.

Тој ги повика сопартијците да и обезбедат на ВМРО­ДПМНЕ победа и стабилно мнозинство од 63­ца пратеници. Оти претстојните избори ќе биле одлучувачки за иднината на државата.

„Тие избори ќе бидат и референдум, референдум против она што опозицијата го правеше, референдум за враќање на позитивните теми проекти и развој, кои се дел од секојдневните проблеми што ги тиштат луѓето. Тие избори ќе бидат референдум за Македонија каква што ја сакаме сите, а не Македонија каква што ќе ни ја скројат. Ние во меѓувреме промовиравме низа на проекти кои ќе ги реализираме по победата на следните избори“ изјави Груевски.

Тој остро ги нападна политичките противници и ги нарече лажговци, алчни за власт, безидејни и деструктивни. Изминатите месеци, со учеството во техничката Влада, според Груевски, СДСМ му покажа на народот што умее. Лидерот на ВМРО­ДПМНЕ ги искритикува и другите кадровски измени предложени од СДСМ во МТВ и во ад­хок телото за медиумите.

Мотото на собирот беше „Време е за крај на кризата. А, по завршувањето на говорот на Груевски, се испразни салата и граѓаните се качија во автобусите и се вратија на своите секојдневни проблеми и предизвици.


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ковачевски демантира дека се спрема бојкот за претседателските избори

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ковачевски демантира дека се спрема бојкот за претседателските избори

ПЕТРОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ЗАМЕНИЛА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ СО „ДРЖАВАТА“: Стојаноска сe закани дека ќе ги фрли листовите

ПЕТРОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ЗАМЕНИЛА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ СО „ДРЖАВАТА“: Стојаноска сe закани дека ќе ги фрли листовите

КАСАМИ: Ќе има европска влада во која коалицијата „Влен“ веќе е најавено дека ќе биде дел

КАСАМИ: Ќе има европска влада во која коалицијата „Влен“ веќе е најавено дека ќе биде дел

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“