10 Мај, 2024
0.0237

Хрватска и Македонија ја продлабочуваат соработката во земјоделството

Објавено во: Агробизнис 15 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

На денешната средба во Скопје министрите Љупчо Димовски и Тихомир Јаковина, оценија дека Македонија и Хрватска ќе  договорат  приоритети во областа на земјоделството кои ќе бидат содржани во меморандум со кој и формално ќе биде потврдена  досегашната плодна соработка.

Македонија во својот евроитеграциски процес ќе ги користи искуствата во овој сектор од Хрватска како полноправна членка на Европската унија.

- За Република Македонија е особено значајна можноста за понатамошна соработка во делот на искористување на претпристапните фондови (ИПА) и искуствата на Хрватска во спроведувањето на мерката за техничка помош, акредитација на мерките рурален развој и Лидер како и улогата на советодавните служби во спроведување на ИПАРД, истакна Димовски.

На средбата тие разговарале и за фитосанитарната политика, за водоснабдувањето и ефикасен систем за наводнување земјоделски површини, за кое Димовски рече дека драгоцени ќе бидат искуствата на Хрватска при формирањето на претпријатието „Хрватски води“.

Хрватскиот министер Јаковина рече дека му честитал на својот домаќин за одличните резултати и позитивни трендови во производството на храна,  извозот и обезбедување на сопствениот пазар со земјоделски производи од Македонија.

Според него, надворешната трговска соработка меѓу двете земји е изедначена и дека треба да се работи на партнерски пласман на трети пазари, особено затоа што двете земји имаат заедничка традиција, историја и култура.

- Треба да имаме што повеќе заеднички вложувања. Република Хрватска веќе има значаен број инвестиции во вашата земја, но со оглед на релативно малото производство и во Македонија и во Хрватска, треба да работиме на заеднички проекти за излез на трети пазари. Треба на нашите стопанственици да им создадеме можности за поврзување,  планирање и заеднички настапи. Пазарот е отворен и либерализиран, а понудата и цената се условени од квалитетот и стандарзиацијата на квалитетот, истакна Јаковина на прес-конференција по средбата.