Илиевски: Никој не може да ја сака оваа земја повеќе од нас
Објавено во: Македонија 03 Април, 2017
Илјадници граѓани денеска излегоа на протест во Скопје за поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Тие се собраа пред зградата на ЕУ во центарот на Скопје и бараат ЕУ да ја отфрли платформата од Тирана, да не се прифати спикер кој нема да се откаже од платформата и за излез од кризата да се распишат избори.
На претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск кој денеска се сретна со претседателот, Ѓорѓе Иванов му порачаа дека Македонија е сè што имаат.
На Туск му порачаа да види колку се, и кажаа дека можат да се соберат неколку пати повеќе.
„Ќе продолжиме да им докажуваме и покажуваме дека никој не може да ја сака оваа земја повеќе од нас и никој не може да се бори за неа подобро од нас самите“ - вели Богдан Илиевски од иницијативата „За заедничка Македонија“.
Илиевски кажа дека некои од политичарите кои доаѓаат во земјава ќе ги пречекаат како што треба, а некои како што заслужуваат.
Тој кажа дека доаѓаат политичари кои мислат дека на Македонците можат да им го свиткаат грбот.
Игор Дурловски од иницијативата вели дека мотивацијата не опаѓа и дека луѓето се со чиста мисла и иста идеја. Додава дека нивите мотиви се искрени.
Ова е 36-ти ден како се протестира во Скопје.