Има ли шанси Србија да ги затвори границите за мигранти?
Објавено во: Балкан 03 Октомври, 2016
Српскиот претседател, Томислав Николиќ, денеска изјави дека ако Европската Унија не ги прифати мигрантите, Србија ќе мора да ги затвори границите.
Според него, Србија не треба да дозволи да се претвори во крајна дестинација од која мигрантите повеќе нема да можат да се движат напред.
„Ние мора да ја затвориме границата за мигранти затоа што тие не сакале да бидат овде и да живеат со нас“ – рече Николиќ.
Тој вели дека официјален Белград е во постојан контакт со ЕУ и изрази уверување дека Брисел нема да негодува поради односот на Србија со мигрантите, штом не негодувал поради референдум за квоти за прием на бегалци што вчера се одржа во Унгарија.
Министерот за труд и социјални прашања, Александар Вулин, неодамна предложи и Србија да подигне ограда на границите, но тој предлог не го прифатил премиерот, Александар Вучиќ.
Вулин минатата недела најави дека од ЕУ, која изминатите години одвои 40 милиони евра поддршка за Србија за соочување со мигрантската криза, ќе бара поголема финансиска помош.
По затворањето на балканската рута, Србија се соочува со зголемен прилив на илегални мигранти. Се работи генерално за економски мигранти, а не бегалци од земји каде има војни.
За два месеци се спречени над 9.000 мигранти да влезат илегално во Србија.
Србија ги засили патролите на границите со Македонија и Бугарија за да се намали приливот на бегалци, а во земјата моментално има околу 6.000 мигранти.