27 Април, 2024
0.0375

Интервју Момироски: Идентитетот може да се одбрани со меѓународното право, владата е нетранспарентна

Објавено во: Македонија 16 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Процесот на преговори меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името навлегува во се подлабока фаза и македонските граѓани се повеќе се загрижени од конечното решение, односно дали ќе бидат загрозени идентитетските одредници како што бара јужниот сосед и какви се отстапки ќе бидат побарани. Од македонска страна има мал број на изјави и јавно пренесени информации, додека пак во Грција се води цела кампања и секојдневно десетина грчки политичари даваат своите коментари за идното име, го нарушуваат процесот на преговори со наводно веќе договорени детали и прават постојани провокации. Македонската страна во преговорите е прилично воздржана, нема дополнителни коментари, нема докажување сила со нагласен патриотизам, нема провокации, па дури и нема реакции на грчките провокации. За комплицираноста на состојбата, претходните искуства и очекувањата од овој процес разговараме со новинарот и колумнист Горан Момироски кој со децении го следи спорот за името.

Фактор: Се поизвесно е дека доколку Македонија и Грција постигнат договор за деценискиот спор тој ќе има најмалку еден прифатен услов, а тоа е географска одредница за името Македонија како и гаранции дека сопрел иредентизмот за кој обвинува со години грчката влада. Како да се спречи изложување на македонските идентитетски одредници кои Грција се уште не ги прифаќа?

Момироски: Идентитетот најлесно се брани со европски и американски речник, со цитирање на меѓународни документи напишани од основачите на ОН, ЕУ и НАТО. Со речникот на човековите права, со повелбата на Обединетите нации, со Европската конвенција за човекови права. Со оглед на огромниот притисок и со оглед на тоа што очигледно е дека се прави план граѓаните да не бидат прашани што мислат за менување на името, има неколку работи што секој од тие што одлучува за името мора да ги има предвид. Постојат шанси да преживеат политички доколку го променат името за меѓународна употреба, и тоа во одредени организации каде што Грција има право на вето, во ЕУ и НАТО. Но, не смеат да потпишат било каков договор за промена на уставот, или промена на името на нацијата и јазикот во соодветните регистри на светската организација и европските институции. Се различно од Macedonian за нацијата и јазикот е рамно на национално предавство кое не застарува. Сите што сега решаваат за ова прашање мора да знаат дека кога ќе останат сами без механизмите на власта нема да им помогнат ни Брисел, ни Вашингтон ни Атина ни Софија. Националниот суверенитет на Македонската држава не го изградила ни Москва ни Берлин, ни Белград ни Софија туку тие што од секогаш се нарекувале Македонци заедно со сите други граѓани на Република Македонија. 

Фактор: Како новинар кој со години го следи спорот со Грција за уставното име на Македонија по што најмногу се разликуваат актуелните преговори, има ли поголема транспарентност од претходно? Како ја оценуваш македонската дипломатија во изминатиот период при засилена агенда на премиерот Заев со чести посети на странски држави, како и на севкупниот досегашен настап во преговорите кои се под медијација на Обединети нации?

Момироски: Оваа влада го презема концепот на целосна нетранспарентност за името воведен од предходната влада по изборот на претседателот Иванов. Предходно бевме сведоци кога едно брифираа од кабинетот на Црвенковски а сосема друго од владата на ВМРО - ДПМНЕ и затоа од една страна тоа е добар концепт. Од друга страна пак фактот што Грција преку своите медиуми секој ден долева масло на огнот и објавува информации кои што често пати излегува дека се точни, нонсенс е Македонија да молчи а Атина да креира јавност и таму и овде. Што се однесува на посетите на Заев на странство, освен патувањето во Софија каде што беше договорен договорот за добрососедство со Бугарија од сите други посети премиерот не се врати со некаков конкретен резултат. Ниту економски резултат ниту остварување на некои наши стратешки интереси. Веќе ги научивме финтите на политичарите. Тие патуваат надвор за да не мораат да одговараат дома на тешките прашања за запирање на реформите, за блокдата на Собранието, за задолжувањата. Звучи убаво кога Заев се среќава со колеги но тоа не значи ништо,  само да се купи денот во одсуство на напредок во реформата на судството, поефикасна администрација, целосна блокада на агендата 3-6-9, минимални странски инвестиции. Владата може уште неколкју месеци да се крие зад флоскулата „ВМРО - ДПМНЕ уништи се ние сега градиме од нула“ или „Заев е лидер во регионот“ но граѓаните не се луди точно знаат или чувствуваат дека работите не се во ред. Во врска со дипломатијата мислам дека засега владата иако со многу гафови некако го турка планот подготвен со нашите пријатели во Брисел и Вашингтон и тоа е во ред се додека планот предвидува заштита на македонските национални интереси. За жал во преговорите за името се вклучија сите во владата во обид да приграбат парче од славата ако се реши името. Сите што даваат изјави освен министерот Димитров се тотални аматери  и  за прашањето за името и за дипломатијата како занает и навистина не знам зошто приматот на Димитров кој беше и преговарач го преземаат премиерот, Али Ахмети, Бујар Османи или Артан Груби. Партиската пропаганда не смее да биде дел од овој пресериозен процес. 

Фактор: Се препознава пристапот на одбегнување на провокации или емотивни толкувања на досегашните потези на Атина, вклучувајќи дневни лицитации за тоа какво ќе биде идното име на Македонија и разни спинови и шпекулации поврзани со преговорите. Успеа ли особено МНР да не падне во замка на принуденост жестоко да одговори што би било повод за брзо прогласување на процесот како неуспешен?

Mомироски: Тактиката за избивање на сите аргументи на Грција со кои не обвинува за иредентизам или провокации, која што е сугестија на странски експерти, е одличен механизам да се направи некаков баланс во преговорите. Но, во исто време е целосно нефункционална кога Грција од петни жили се обидува да ја замагли рамката во која што се преговара. Зошто Грција молчеше 9 години и одбиваше да разговара со името и одеднаш кога медијаторот Нимиц даде предлог од 5 имиња Атина даде свој контрапредлог? Јасно е дека Грција се обидува да ја прошири рамката за преговори со цел „од дрвјата да не се види шумата“ односно Македонија да не може да се фокусира на елементарните работи во преговорите кои што веќе излегоа од времената спогодба и се надвор од резолуцијата 817 на ОН. Во такви околности наметнати од Грција менувањето на аеродромот и автопатот и прифаќањето на географска одредница е „лански снег“. Ципрас јасно кажа дека е тоа добар сигнал но, дека не е доволно за суштински напредок и директно ни кажа дека се бараат и други отстапки пред се промена на уставот и имињата на нацијата и јазикот. Практично ние се откажавме од „црвените линии“ и во исто време се сгласивме на концептот на преговори во кои „Sky is the limit“.  Сега читам дека експерти блиски на владата се залагаат за нов меѓудржавен договор и тоа можеби е добар начин за затворање на делови од конфликтот со Грција но што правиме со времената спогодба за која имаме пусулче од светскиот суд дека Грција ја прекршила. Да не заборавиме , ние преговараме со осудена држава од судот кој е основан од Грција како основач на ОН и тоа мора да биде некако материјализирано . Инаку ќе признаеме дека не сме држава туку територија која не го признава меѓународното право.  Настрана тоа што Грција упорно говори за ратификација на договор во македонското собрание а таа се уште не ја ратификувала ниту времената спогодба. Да не зборувам дека Ципрас во моментов нема мнозинство во грчкиот парламент за ратификација на евентуален договор. Или само ние мора да потпишуваме а тие се одговори за кршење на спогодбите?

Фактор: Последните протести на националистите поддржани од грчки свештени лица и бројни националистички здруженија во Солун и Атина покажа една апсурдна ситуација во која грците практично велеја „Не го даваме“ името како тие да треба да се согласат на компромисно решение. На што се должи оваа наталожена нетрпеливост кај грчката јавност и начинот на кој информираат грчките медиуми?

Момироски: Грција е земја во која во последниве 6 години се самоубиле повеќе луѓе отколку во последниве 60. Грчкиот народ или неговите најсиромашни делови поради мерките на штедење дојде во ситуација од лагодна финансиска состојба благодарение на ЕУ да нема да јаде леб. Во Грција во моментов има над еден милион луѓе кои што живеат на граница или во рамки на индексот на сиромаштија според критериумите на ЕУ. Сите овие луѓе со години беа бомбардирани од разни политичари и попови во врска со Македонија и сосема очекувано беше вакoв излив на емоции за името. Да не заборавиме дека голем број грчки политичари своите кариери ги градат на националистичка реторика за македонското прашање и односот со Турција. Кога со децении играте на картата на антимакедонскиот или антитурскиот сентимент дури и да сакате не можете да го убедите народот дека е дојдено време за компромис. Она што за мене е позитивно е што за време на протестите во Солун и Атина не беа нападнати нашиот конзултат и амбасадата ниту настрадаа македонски државјани иако дури и за време на солунскиот протест низ Солун се возеле автомобили со македонски регистерски табблички. И кај нас одамна не сtе слушнале за антигрчки активности на граѓани. Тоа што нетрпеливоста не се изразува преку насилство е добар сигнал кој мора да го искористат двете страни. 

Фактор: Дали и натаму ви е забранет влез во Грција, на кој начин најдобро се информирате за текот на преговорите, што се стигнува до јавноста како информација и препознавате ли конкретни стратегии кај македонската и грчката влада во комуникацијата со граѓаните?

Момироски: Во последните 4 години можат да влегувам во Грција само како турист или на пропатување но, не и како новинар. По апсењето во Лерин добив забрана за влез како „опасен по грчката безбедност“. По околу 2 години во 2013 година забраната беше укината но, повторно при секој влез грчките полицајци проверуваат да не одам да работам како новинар. Дигиталната технологија сега помага да не мора да бидете на местото на настанот за да ги имате сите инфформации и тоа го користам. Покрај тоа за овие 15 години интензивно работење на прашањето за името стекнав прекрасни пријатели во Грција, дури и меѓу политичари. Колегите новинари и припадниците на академскта заедница не секогаш се подготвени јавно да излезат да кажат што мислат но без исклучок се подготвени да дадат свој став, анализа на ситуацијата и се разбира  да поделат информации за состојбите. Се разбира меѓу нив има и луѓе кои што имаат задача и мене и мои колеги да не брифираат погрешно со одредена цел но, искуството помага веќе да не паѓаме на такви финти и да ги препознаваме тие што работат на зголемување на јазот меѓу двете земји и кои што сакаат да провоцираат нови тензии. 

За жал Македонија нема комуникација со своите граѓани кога е во прашање името. Кај Грција од 2006 година кога беше направен договорот меѓу сите политички партии за Erga Omnes со географска одредница, се до денес сите инволвирани од академска заедница преку медиуми до опозиција ги повторуваат истите пораки. Кај нас никој не може да претпостави што планираат владите. Ние се уште не знаеме што за Заев и Димитров значи идентитет. Дали говорат за државниот идентитет на РМ или на идентитетот на македонската нација. Уште помалку знаеме дали за владата е прифатливо во графата во ОН да стои јазикот на Горна Република Македонија (на пример). Ова прашање еден ден ќе излезе на површина и не би сакал да сум во кожата на тие што одлучуваат ако направат штетен компромис на овие теми. Тогаш никаква комуникациска стратегија не ги спасува. 

Фактор: Новата влада се очекува да ги исполни ветувањата за поголеми медиумски слободи, за прекинување на сервилноста кон власта, за прекинување на алатките за пропаганда кои преку повеќе државни форми се реализираа во минатото. Се намалија ли тензиите во медимите и поларизираноста која достигна опасни нивоа, како понатаму да се реформира медиумската индустрија?

Момироски: Ми поставивте прашање за милион долари. Во ЗНМ, Синдикатот на новинарите, Високата Школа за новинарство, Македонскиот институт за медиуми и другите организации има навистина умни луѓе кои контактираат со уште поумни експерти но мислам дека ни тие не го знаат одговорот на ова прашање. Во владата има екс новинари кои што биле на чело на вакви органзиции но и тие мислам дека лутаат. Кога сте надвор од политиката не можете да влијаете на новинарството а кога сте во политиката не смеете да потегнете вистински реформи затоа што тоа не им одговара на партиите. Јас пред неколку години се залагав за почеток како новинарски организации да решаваме еснафски проблеми како на пример крадењето на инфорамции и фотографии за да постигнеме една мала но, заедничка победа, но тогаш поголем дел од колегите сметаа дека примарна цел е да се борат против владата на Груевски која што имаше свој концепт за медиумите, според мене погрешен.  Иако сум еден од основачите на синдикатот и бев активен член на ЗНМ од тогаш не сум активен дел од новинарските здруженија. Причина за тоа е и постоењето на огромно ниво на омраза и во генералната јавност и меѓу новинарите и тоа делумно врз основа на различна политичка или идеолошка припадност. Омразата се уште постои иако сега е малку релаксирана откако приврзаниците на оваа власт сфатија дека и таа се служи со методите на претходната. Не сум оптимист дека во Македонија е можна реформа на медиумите се додека партиите не се подготвени да го ослободат медиумскиот простор и во исто време не го помогнат со даночни ослободувања, со техничка и други видови на помош а притоа за возврат да бараат само професионнално известување. Брзо, објективно  и фер судење на предмети поврзани со случаи на клевети и навреда  исто така може многу да помогнат во реформирањето. Поголема одговорност за сопствениците и директорите при кршење на законот е исто така една од мерките кои што треба да се преземат. Не можете да судите само новинар затоа што спровел наредба од уредник, газда или менаџер.  Саморегулацијата е најдобриот начин за средување на состојбата во медиумите но, таа во ваква Македонија каде што „новинар на новинар му е волк“ се уште не е доволно добар механизам затоа што е прецивилизиран.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ковачевски демантира дека се спрема бојкот за претседателските избори

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ковачевски демантира дека се спрема бојкот за претседателските избори

ПЕТРОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ЗАМЕНИЛА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ СО „ДРЖАВАТА“: Стојаноска сe закани дека ќе ги фрли листовите

ПЕТРОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ЗАМЕНИЛА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ СО „ДРЖАВАТА“: Стојаноска сe закани дека ќе ги фрли листовите

КАСАМИ: Ќе има европска влада во која коалицијата „Влен“ веќе е најавено дека ќе биде дел

КАСАМИ: Ќе има европска влада во која коалицијата „Влен“ веќе е најавено дека ќе биде дел

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“