06 Мај, 2024
0.0253

Интервју Теохаров: Покриени трошоци за породување, целосно лекување дома и во странство за вработените со приватното здравствено осигурување - компаниите имаат двојна корист

Објавено во: Економија 04 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Пазарот на приватно здравствено осигурување ќе доживее значителен подем, а се повеќе компании ќе пројават интерес дополнително да ги осигуруваат своите вработени, вели Митко Теохаров, директор на служба за прием во осигурување во Кроациа осигурување. Владата усвои предлог измени на Законот за данокот на добивка и на Законот за персонален данок на доход со кои трошоците кои компаниите ги уплатуваат како премија за доброволно здравствено осигурување до износот од една просечна плата се признат расход. Тоа, вели Теохаров, е позитивен импулс и за осигурителните компании, но и за сите фирми и за вработените. Веќе има домашни компании кои уплатуваат колективно доброволно здрасвтвено осигурување за своите вработени – со тоа им овозможуваат да бидат заштитени, да останат во фирмата и да придонесуваат без да мигрираат. Инаку во Кроациа осигурување има два пакети за колективно здравствено осигурување во кои им се овозможува на вработените покритие од наједноставни специјалистички прегледи, дијагностички методи, физикална рехабилитација, лекови, стоматологија па се до операции од најразличен тип. Клиентите добиваат покритие за операции кое важи на цела територија на Европа, а се покриваат и трошоци за време на бременоста и самиот чин на породување.

Теохаров: Измените на законското решение за данок на добивка и законот за персонален данок на доход отвараат голема можност приватните компании да инвестираат во доброволно здравствено осигурување за своите вработени. Предвидениот износ на ослободување од плаќање на данок на добивка од една просечна плата на компаниите ќе им заштеди дополнителни средства кои ќе можат да ги искористат за други цели. Бидејќи просечната цена на чинење на полиса за доброволно здравствено осигурување е на износ под една просечна плата, овие измени се многу добредојдени. Државата со овие измени од друга страна им дава шанса на осигурителните компании да изградат свое стабилно портфолио на осигуреници, а компаниите да добијат полојални и мотивирани работници кои ќе се борат за своето работно место.

Какво влијание ќе имаат овие измени на интересот за доброволното здравствено осигурување?

Теохаров:Многу приватни компании со кои сме во комуникација изминатиот период со нетрпение чекаат измените да стапат на сила бидејќи имаат донесено одлука да инвестираат во ваков тип на осигурување за своите вработени. Измените ќе допринесат пазарот на приватно здравствено осигурување да доживее значителен подем и од страна на компаниите да се пројави се поголем интерес.


Потребени ли се евентулано некои стимулации од државата во оваа смисла за овој тип осигурување кое е доста специфично, но и актуелно во ова време?

Теохаров:Токму оваа измена е еден вид стимулација, а морам да кажам дека и законот за доброволно здравствено осигурување е прилично добро направен што на нас осигурителните компании ни дава можност на нашите клиенти да им обезбедиме пред се брз пристап до лекар специјалист, а потоа и повисок стандард на услуга преку користење на услугите во приватните здравствени установи.

Светот навистина е во тешка ситуација поради пандемијата на коронавирусот? Поради сите околности се смени и начинот на функционирање, најмногу влијанието е во здравствениот и економскиот сектор. Но тоа не ја намали потебата за осигурување, се покажува дека токму напротив.

Теохаров: Пандемијата не научи сите дека мораме многу повеќе да се посветиме на себе и своето здравје. Водењето на здрав начин на живот не се состои само од здрава исхрана и физичка активност. Да се биде здрав значи и да се оди на редовни рутински контроли и тогаш кога немаме потреба со цел да сме сигурни дека се е во ред. Тоа се навики кои треба сите да почнеме да ги применуваме, бидејќи само така ќе успееме да се заштитиме себе си целосно од сите непредвидени ситуации кои можат да се појават. Ние како компанија најдовме начин во нашите производи за индивидуално и семејно да обезбедиме и покритие за превентивни прегледи бидејќи силно веруваме во навремената заштита на здравјето.

Каков е трендот во развојот на овој тип осигурување во земјава? Какви се показателите за вкупната премија, а каков е интересот меѓу граѓаните и компаниите од друга страна?

Теохаров: Ако ги погледнеме бројките во последните 5 години ќе дојдеме до заклучок дека овој тип на осигурување перспективно има најголем потенцијал за раст во рамки на осигурителната индустрија. Самата потреба на луѓето да користат услуги во рамките на приватните болници ја диктира побарувачката која од година во година е се поголема. Само за споредба би кажал дека вкупната премија во 2015 за класа 02 – здравствено осигурување изнесуваше 6.369.000 денари додека пак заклучно со третиот квартал оваа 2020 годинаистата изнесува 221.784.000 денари. Рапидниот раст е резултат на поголемата побарувачка од страна на компаниите кои се спремни да инвестираат средства со цел нивните вработени да бидат материјално заштитени од непредвидени ситуации. Интересот на граѓаните е повеќе поврзан со лично искуство на оние кои веќе поминале низ одреден процес на лекување во приватните болници кој ги чинел многу пари и сега бараат механизам да се заштитат во иднина. Граѓаните треба да обезбедат ваков степен на заштита бидејќи трошоците за лекување можат многу лесно да направат финансиски дисбаланс во рамките на едно семејство и затоа она што за работодавачите значи поголема мотивираност на работниците, кај граѓаните кои самостојно купуваат здравствено осигурување тоа е изразено преку заштитата на себе и своето семејство.


Измените кои ги направи Владата се однесуваат на дополнителното приватно осигурување во рамки на компанијата.  Тоа беше на барање на бизнисот односно дел од свесните компании кои на ваков начин се грижат за своите вработени, но и го задржуваат добриот кадар. Модерните компании на запад функционираат на ист приницип.  Ова е своевиден дел од концептот за раст и за успешност на компаниите. Зошто домашните фирми би требало можеби да се ориентираат повеќе кон ова?

Теохаров:Иако често знаеме да кажеме дека работодавачите гледаат само за својот профит, растот на бројките во оваа класа како и се она што го гледаме секојдневно на терен покажува една сосема друга слика. Се повеќе и повеќе работодавачи се одлучуваат да инвестираат во програми за бенефиција кои опфаќаат приватно здравствено осигурување и кои нема да бидат изразени парично на сметка на работникот, бидејќи парите лесно се трошат. Доколку компанијата инвестира на пример 15.000 денари во премија за приватно здравствено за својот вработен, тој добива материјална заштита на трошоци при лекување и до 615.000 денари и тука работодавачите ја гледаат главната придобивка. Работникот се стекнува со една привилегија која му го олеснува пред се приватниот живот бидејќи осигурувањето го штити 24/7, 365 дена во годината и му помага полесно да се справи со сите предизвици кои се појавуваат. Од друга страна компанијата добива сигурност дека вработениот нема да дефокусиран и загрижен од аспект на потреба за обезбедување на средства со цел да може да се покрие одредено лекување во приватните здравствени установи.

Каков е вашиот пристап, што им нудите на компаниите?

Теохаров: Кога го креиравме производот за компаниите се водевме од тоа која е намерата за склучување на еден ваков пакет и се ставивме во позиција на компанија која решава да инвестира дел од своите средства во премија за приватно здравствено осигурување. Со овој пристап заклучивме дека намерата на работодавачот со купување на овој тип на осигурување е пред се грижа за вработените но и поголема додадена вредност на работното место. Како би можеле да одговориме адекватно на намерата на работодавачите кои склучуваат здравствено осигурување, формиравме интерен Контакт Центар чија една и единствена функција е да биде поддршка на лекувањето на сите наши клиенти. Друго што заклучивме и што е особено важно е дека задоволните вработени кои ќе добијат брз, лесен и едноставен пристап до користење на своето здравствено осигурување покрај тоа што се задоволни клиенти се и доказ дека приватното здравствено осигурување како механизам за работодавачите е одлично. Само задоволните вработени можат да допринесат за перспективниот раст на една компанија бидејќи задоволството нема да биде поврзано со осигурителната компанија, туку ќе биде со работното место преку кое вработениот се стекнал со право на здравствено осигурување. Доколку вработените се задоволни од услугата и самиот производ, тоа задоволство ќе го пренесат на работодавачот и на сите останати свои познаници. Така од една страна обезбедуваме простор за повеќе работодавачи кои може се двоумат дали да инвестираат во здравствено осигурување, но од друга страна и позитивен притисок од страна на работниците кои полека полека здравствено осигурување го наметнуваат како стандард на работното место за кое конкурираат.


Во што се разликувате од останатите компании кога станува збор за колективно здравствено осигурување на вработени?

Теохаров: Веднаш би кажал дека тоа е во начинот на кој водиме грижа за нашите клиенти да го остварат своето право од осигурување. Во денешно време на секој еден од нас му фали тоа малку време во денот каде ќе може да спосветиме повеќе време за да го правиме она што сакаме, да бидеме повеќе со нашите најмили, да завршиме некоја обврска плус итн. Водени од ова, ние решивме фокусот да го ставиме првенствено на услугата и на она што значи поддршка во постапката за лекување. Ние сакаме нашите клиенти да бидат сигурни и да имаат повеќе време за нив, а што помалку време за нас. Што значи ова? Ова значи дека поставивме систем каде оние кои имаат активна полиса и го поминале процесот на прием во осигурување, доволно е само со еден повик кон нашиот контакт центар да добијат лесен пристап до приватните болници ширум нашата држава. Со еден единствен повик, се крати целата административна постапка која некогаш важеше за финансиските институции со пополнување на куп документи, бидејќи преку повикот ние ја дознаваме потребата за лекување и од тој момент па натаму целата грижа околу закажување на преглед, организација и секако директно плаќање ја преземаме ние. Преку ваквиот начин на функционирање, работодавачот може да биде сигурен дека обезбедил адекватен механизам кој нема да претставува дополнителен товар за вработените кој на среден рок може и да ги одврати од идејата да имаат здравствено осигурување.

Какви пакети има за колективното здравствено осигурување и што покриваат?

Теохаров: Нашата компанија има два пакети за колективно здравствено осигурување CROCAREKO и CROCAREKO lite кои имаат различна намена. Пакетот CROCAREKO е целосен пакет кој овозможува покритие од наједноставни специјалистички прегледи, дијагностички методи, физикална рехабилитација, лекови, стоматологија па се до операции од најразличен тип. Нашите клиенти добиваат покритие за операции кое важи на цела територија на Европа. Посебно би напоменал и дека покриваме трошоци за време на бременоста и самиот чин на породување, поради постоење на многу голем интерес. Сите овие покритија ставени во рамките на пакетот CROCAREKO овозможуваат адекватен механизам на заштита и сигурност кај вработените која во секојдневието многу им значи. Овој пакет годишно по вработен чини од 13.900 денари и обезбедува материјална заштита и до 615.000 денари.

Од друга страна пак пакетот CROCAREKO lite е наменет за оние компании кои сепак немаат во моментот големи средства кои би можеле да ги вложат во приватно здравствено осигурување и ќе решат преку купување на овој пакет да обезбедат помал степен на заштита кој би се активирал во ретките, но сепак непријатни ситуации. Овој пакет покрива единствено болничко лекување (со или без потреба за операција) како и целосен третман на малигни заболувања. Се работи за ризици кои се случуваат доста поретко за разлика од специјалистичките прегледи и затоа цената на овој производ започнува од 4.700 денари годишно по вработено лице.

Дали законските  измени придонесоа за некакви промени или можеби пакет на услуги кои сега ќе бидат подостапни за компаниите?

Теохаров: Законските измени ни овозможија заедно со нашата сестринска компанија за животно осигурување да направиме заеднички пакет кој во себе ќе вклучува менаџерско и здравствено осигурување почнувајќи од 50 евра месечно за основен пакет или од 100 евра месечно за проширен пакет. Спојот на овие два типа на услуга е одлична можност за компаниите бидејќи од едно исто место ќе добијат полиса за менаџерско осигурување преку која ќе биде уредено правото за стекнување на дополнителна бенефиција на работникот низ одреден период, додека пак од друга страна на истиот тој работник ќе му обезбеди одлично ниво на заштита во поглед на здравственото осигурување. Овој пакет е нешто сосема ново на пазарот и очекуваме да наиде на голема заинтересираност кај компаниите.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години