28 Април, 2024
0.0291

ЈУНЕШКО БЕЈБИ БИФ МЕСО: Скап ама исплатлив агробизнис!

Објавено во: Агробизнис 08 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Јунешкото месо е едно од најбараните на странските пазари. Развиените земји поради недостигот, веќе одамна работат  на зголемување на производството, преку инвестирање во зголемување на основните стада. Ваквата побарувачка го прави ова месо и едно од најскапите. Но, Македонија, шансата за извоз на јунешко одамна ја има порпуштено, уште полошо е што и покрај идеалните климатски услови за одгледување јунци, ние сме речиси комплетно зависни од увозното јунешко месо. На прсти се бројат сточарите што решиле да се занимаваат со производство на ова месо чија популарност се должи пред се  поради високата хранлива моќ. Зоран Лазаревски од селото Страцин веќе 15 години одгледува јунци за производство на јунешко месо познато како бејби биф. Тој е еден од ретките во земјава што се занимва со производство на ова месо. Почнал со 30 грла, потоа имал околу 300 грла, од кои 90 грла биле систем крава теле и 120 за тов. Сега има 160 грла за тов на јунец бејби биф.

- Се одлучив за овој бизнис бидејки сакав на македонскиот народ да му понудам нешто многу квалитетно, нешто што го има само на овие балкански простори кај нас и во Србија. Не произведувам млеко бидејки нема пласман на млекото, а исто така е скапо  производството на млеко.Разликата е огромна. Не е потребна опрема за молзни крави која е многу скапа, не треба лактофризер за чување на млекото, нема секој ден молзење, млекото имало масленост, немало, од кое купувачот ја одредува цената, со други зборови имало млечна криза или не, во системот  крава-теле воопшто не е важно, вели Лазаревски.

 Трошоците се повисоки, но и откупната цена

Трошоците за производство за јунешкото бејби биф се поголеми во однос на производството на говедско месо. Но тоа не треба да разочарува, затоа што ова месо има висока откупна и продажна цена. Трошоците за одгледување за еден јунец бејби биф во еден турнус кој трае околу 200 дена се околу 800 до 900 евра. Еве во бројки колку чини се поединечно:

 -теле                                          400 евра

  -храна                                        350 евра

  -раб.сила                                    30 евра

 - вететеринарни услуги       20 евра

  -други трошоци                       50 евра

-За  да се започне ваква инвестиција потребни се многу пари, околу 200 000 евра.За бизнисот да биде исплатлив потребно е најмалку 200 грла во еден турнус кој трае 6 месеци, инвестицијата би се вратила за 3 години. Ваквото месо има сигурен пласман, најбарано е, најквалитетно,  се продава по 25 евра за килограм. Во некои држави од Европската унија на годишно ниво целото производство однапред е продадено. Европската унија има недостиг на јунешко бејби биф месо. Еден сточар ако сака да почне ваков агробизнис, прво треба да обезбеди пласман,  објаснува Лазаревски.

Во Македонија има услови за производство, но потребите ги покриваме од увоз

 Македонија има идеални услови за производство на јунешко месо. Но упатените во бизнисот велат дека состојбата со покривање на потребите за ова месо е лоша. Посочуваат неколку причини, големиот увоз на говедско  месо од Австрија , Полска, Германија по ниски увозни цени, кое во земјава се продава како јунешко, незагарантираниот пласман и немањето добра стратегија за развој на ова профитабилно производство. Според производителот на бејби биф,  Лазаревски, годишната заработувачка би била околу 6. 000 денари по грло, ако државата има стратегија за тов на јунци.

- Државата може  да помогне, прво што мора да направи е да го контролира увозот на месо по категоризација (не може да се увезува 3 годиши стари бикови, а да се продаваат на тезга како јунешко месо), планско стимулирање на овој агробизнис, зголемување на субвенцииите, забрана за колење на телиња помлади од 6 месеца, кофинансирање на основно стадо. Јас лично во моментов  не сум задоволен од помошта од државата, колку што ни дава, толку ни зема преку целата година. Субвенцијата изнесува 1. 500 денари по грло, а од друга страна ние плаќаме вкупно по 1.580 денари за обележување на теле, туберколонизација, ветеринарно уверение , персонален данок  и плус за набавката на стадото, објаснува Лазаресвки

Домашните потреби за ова месо речиси комплетно се покриваат од увоз. Годишниот увоз јунешко бејби биф месо е околу 10.000 тони. Лазаревски годинава очекува производство од 65.000 килограми, за кое има загарантиран пласман во еден од поголемите маркети во земјава.   

Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?