29 Април, 2024
0.0252

ЌЕ ИМА ЛИ И ЗА КОГО ПОВИСОКА ДНЕВНИЦА ЗА 35 ОТСТО - и по два и пол месеци нема конечно решение за неработната недела

Објавено во: Економија 12 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Најавена на голема врата уште пред два месеци, засега нема ништо од неработната недела. Ова ветување, кое беше дадено уште пред изборите, а потоа и потврдено на владина седница на почетокот на ноември, требаше многу брзо да биде преточено во законско решение. Тогаш од Владата соопштија дека на Министерството за труд и социјална политика му била дадена задача за две недели да подготви соодветен закон, по што министрите би го усвоиле и би го дале на гласање во законодавниот дом. Но, веќе дојде средината на јануари, а од законот нема ни трага ни глас, односно него го нема ниту на владината платформа ЕНЕР, ниту во Собранието како предлог на законски текст.

По ова прашање неколку пати се состануваше Економско социјалниот совет, каде се вкрстуваа различните мислења меѓу власта, работодавачите и синдикатите. Министерката за труд Јагода Шахпаска тогаш најави дека нема да има нов закон, туку ќе се донесат измени на Законот за работни односи, со кој ќе се предвиди ова решение, како и дека ќе се утврдат измени на неколку други закони, под кои спаѓаат дејностите за кои ќе се регулира работењето во недела, и дека за тоа ќе бидат задолжени соодветните министерства.

Според наши сознанија, после неколкуте состаноци на Економско социјалниот совет, се уште не е постигната согласност како точно би изгледале законските измени. Имало и неусогласеност меѓу двата синдикати, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати. За организацијата на работодавачи, пак, прифатлив е последниот предлог на еден од синдикатите, но не е познато дали тоа ќе биде и конечното владино решение.

Односно, КСС предложиле во Законот за работни односи да се додаде измена дека недела ќе биде неработен ден за сите работници, а оние што ќе треба да работат во недела, да им се плати дневница која ќе биде за 35 отсто повисока од редовната. Но, според работодавачите, тоа е многу штура законска измена, која не прави разлика меѓу различните видови на професии и компании. Или поконкретно, постојат три вида на компании.

Првата категорија се оние каде што поради технолошкиот процес во нив, на пример во индустријата каде што не смеат да се изгасат печките, неделата се смета како и секој работен ден, со тоа што таму се работи на смени, на пример сите работници работат по четири дена, па потоа два дена се слободни, и тоа за нив важи без оглед дали е недела или друг ден.

„Во таков случај, не може да се бара во недела на работникот да му се плати дневница повисока за 35 отсто, бидејќи тој работник секако ќе биде потоа слободен, на пример, во наредната среда или четврток“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Вториот тип на компании се оние каде е нормално недела да биде неработен ден, на пример во текстилот или во некои други дејности, и таму газдите само по исклучок можат да ги повикаат работниците на работа, и да им платат дневница повисока за 35 отсто.

И, третиот тип на дејности се сезонските, на пример во земјодеството, или градежништвото, каде што, според работодавачите, доколку се инсистира недела да биде неработен ден, ќе пропадне сезоната, и тоа ќе биде штетно за работењето на овие деловни субјекти.

Затоа и, според Димитров, не може само со еден законски член да се утврди како би се регулирало ова прашање за сите дејности.

Од друга страна, пак, според информациите, од ССМ реагирале зошто во предложениот законски текст било предвидено ова прашање да го уредуваат самите министерства кои се надлежни во одредени области, односно зошто нив да им биде дадено такво право, а не тоа да биде стриктно определено во самите законски одредби.

Зошто предлог законската верзија уште не е јавно објавена и каков ќе биде нејзиниот финален изглед, работодавачите не знаат, но велат дека за нив е прифатлива последната понудена верзија.

„За нас е прифатлива последната верзија, а таа е Министерството за труд и социјална политика да има право да ја утврдува листата на сезонски работи, каде нема да се инсистира во текот на сезоната неделата да биде неработен ден, потоа, онаму каде што има печки да има трисменска работа, така што да не мора недела да биде неработен ден, туку било кој друг ден во текот на неделата, и, во сите други случаеви недела да биде неработен ден, а само по исклучок работниците да се викаат во недела, и за тој ден да добијат дневница од 135 проценти“, објаснува Димитров.

Доколку власта планира да оди со поинакво решение од ова, повторно ќе треба да ги свика работодавачите, за и тие да го кажат своето мислење.

Од Министерството за труд и социјала засега молк до каде се работите со предлог законот.

Од Министерството за економија, пак, од каде се надлежни за делот на трговијата, угостителството и туризмот, велат дека прво ќе треба Владата да одлучи кои сектори како ќе работат, па тогаш да се менуваат соодветните закони. Оттаму упатуваат на последната изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, дадена пред извесен период, каде тој вели дека работното време во малопродажбата засега нема да се менува. Од законското решение, како што рече тој, изземени ќе бидат и угоститлите, како и туристичките агенции.

„Малопродажните капацитети нема да имаат измени во овој дел и ќе работат како што налага законот за трговија. Што се однесува до трговијата на големо, или големите магацини, големите супер маркети, таму има неколку опции и ќе ги пратиме на разгледување во Влада и секако откако ќе добиеме зелено светло и од коморите секако ќе донесеме такво решение.“ изјави тогаш Бектеши.

Од Стопанската комора на Северозападната Македонија тогаш апелираа да не се избрзува.

„Да се почитуваат некои правила каде што дел од бизнисите кои оперираат за викенди, да може да си ја вршат дејноста, но да се запази и делот на сите вработени да имаат еден ден за одмор во тек на недела и тоа да се почитува. Но, истакнавме и да не се избрзува со ова прашање.“, рече тогаш Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

КОЈА ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ „НАБИЛДА“ ДОБИВКА ОД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ - еве кои се причините

КОЈА ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ „НАБИЛДА“ ДОБИВКА ОД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ - еве кои се причините

ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица

ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица