04 Мај, 2024
0.0262

КОЛКУ ПРИФАТИЛЕ, А КОЛКУ ОДБИЛЕ - што им кажаа граѓаните на банките за одложување на ратите

Објавено во: Финансии 23 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Околу 30 отсто или една третина од граѓаните во земјава не ја прифатиле понудата од банките да им се одложи плаќањето на кредитните рати во период од шест месеци. 

Затоа, пак, дури 70 отсто од нашето население побарале во следните половина година да бидат ослободени од плаќањето на обврските, со тоа што за овој период ќе им се пресметува каматата, а ќе ја плаќаат подоцна, заедно со другите рати од кредитот.

Ако сакаме да направиме споредба со соседна Србија, можеме да видиме дека во таа држава многу повеќе граѓани барале да добијат мораториум на плаќањето на кредитните обврски, односно дури 94 проценти, како што говори податокот на Здружението на банки на Србија. Додека, пак, само шест проценти од тамошните граѓани изрично побарале дека сакаат редовно да продолжат со отплатата на кредитните рати. Ова говори дека населението во Србија многу повеќе стравува дека ќе заглави поради корона кризата, во споредба со нашето.

Информацијата дека во земјава 70 отсто од граѓаните прифатило одложување на кредитните обврски, Фактор ја доби од Македонската банкарска асоцијација, каде што членуваат сите банки и штедилници во земјава. 

„Според првичните податоци од сите наши членки - банки и штедилници, за прифаќање на понудите за олеснување на финансискиот товар со одложување на наплатата на кредитите се одлучија околу 70 отсто од кредитокорисниците - физички лица“, велат за Фактор од МБА.

Оттаму додаваат дека сите банки нудат и можност за граѓаните кои ја прифатиле понудата, а во следните месеци ќе сакаат и ќе можат да продолжат со плаќање на кредитите, да се изземат од понудата. 

Исто така, банките ќе им излезат во пресрет и на барањата на своите клиенти кои сега ја одбиле понудата, а во наредниот период ќе проценат дека имаат потреба од привремено олеснување на финансискиот товар, дополнително да се приклучат кон понудата и наплатата на кредитот да им се одложи до завршување на грејс-периодот. 

„Барањата за изземање или приклучување кон понудата, во претстојниот период ќе се процесираат индивидуално. Секој клиент што ќе има вакво барање ќе треба телефонски или со е-порака да ја контактира банката или штедилницата од која користи кредитен производ, за да се договори како да го достави барањето и притоа да биде заштитено неговото здравје“, објаснуваат од Македонската банкарска асоцијација.

Како што е познато, банките беа кртикувани во јавноста заради нивната одлука и за шестмесечниот грејс период да продолжат да ја пресметуваат каматата.

Во неодамнешно интервју за Фактор, Хари Костов, еден од највлијателните банкари и главен извршен директор на Комерцијална банка, потенцираше дека во ниту една земја која презема мерки за олеснување на отплатата на кредитите на населението, не постои одредба според која банките нема да пресметуваат камата за овој период за кој се одложува плаќањето. 

„Има држави кои им субвенционираат дел од каматите на населението, или им даваат гаранции на банките за дел од отплатите на населенито. Но тоа се покрива од државниот буџет, а не се бара од банките да не пресметуваат или да ги отпишат каматите. Тоа е затоа што и во оваа коронакриза, колку и да не сакаме да признаеме, покрај државата, сепак банките ќе бидат тие кои ќе му помогнат на населението, уште повеќе на стопанството, па на крај и на државата со предверемено плаќање на обврските, но и со нови кредити во наредниот период кога потешко ќе се доаѓа до нови задолжувања и кредити. Банките мора да ја задржат својата сигурност и стабилност, зошто после кризата државата ќе се повлече од директната помош на населението и стопанството, и повторно банките ќе бидат тие кои ќе треба да обезбедат нова кредитна подршка на овие сектори... Значи, не е поентата да не се пресметуваат или да се отпишуваат камати и кредити од населението и со тоа да се загрози стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, туку напротив, поентата е да се одржи стабилноста на финансискиот систем за да може тој да им помогне на стопанството и населението во овој кризан период, но и потоа при обновата на стопанските текови“, рече Костов.

А за тоа колку фирмите сакаат да им се одложат кредитните обврски, од банкарскиот еснаф за Фактор велат дека тоа се усогласува од случај до случај, со секој клиент поединечно. 

Во однос на правните лица, понудите се усогласуваат со секој клиент одделно, во зависност од неговите потреби. Притоа, сите наши членки настојуваат максимално да им излезат во пресрет на фирмите засегнати од актуелната состојба, за да им се овозможат полесно да ги надминат потешкотиите предизвикани од шокот предизвикан од пандемијата на коронавирусот“, нагласуваат од МБА.

Оттаму уверуваат дека и понатаму банките и штедилниците максимално ќе се заложат преку своето работење да дадат поддршка за македонската економија, како во периодот на корона-кризата, така и во посткризниот период, придонесувајќи за нејзиното опоравување. Притоа, приоритет ќе биде и континуираното одржување на финансиската стабилност.

Во интервјуто за Фактор Костов обелодени дека во поглед на компниите, Комерцијална банка не објавила јавен повик со општи услови за претпријатијата, туку применила поединечен пристап со кој ги согледува специфичните потреби на секој клиент. 

„Од избивањето на кризата, па до 10 април годинава, веќе одобривме измени на договорните услови и им овозможивме некакви олеснувања на компании на вкупен износ на кредитна изложеност во банката од околу 170 милиони евра, или 28 отсто од кредитното портфолио на корпоративниот сектор“, изјави Костов.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

ФЕД НАЈАВИ ГОЛЕМА ПРОМЕНА - не се каматните стапки, тие остануваат исти

ФЕД НАЈАВИ ГОЛЕМА ПРОМЕНА - не се каматните стапки, тие остануваат исти

ЕВЕ ВО ШТО ИНВЕСТИРААТ БОГАТИТЕ: Најуспешните луѓе на планетата не инвестираат во криптовалути, еве каде ги вложуваат парите

ЕВЕ ВО ШТО ИНВЕСТИРААТ БОГАТИТЕ: Најуспешните луѓе на планетата не инвестираат во криптовалути, еве каде ги вложуваат парите

ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Бернард Арно прв на тронот, Маск падна на третото место

ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Бернард Арно прв на тронот, Маск падна на третото место

„ЗА ТИЕ ПАРИ...“: Луѓето револтирани од цените на Јадранот

„ЗА ТИЕ ПАРИ...“: Луѓето револтирани од цените на Јадранот

НАЈГОЛЕМ ДОЛГ ОД НАПОЛЕОНСКИТЕ ВОЈНИ: Претседателот на Светскиот економски форум објави лоши вести

НАЈГОЛЕМ ДОЛГ ОД НАПОЛЕОНСКИТЕ ВОЈНИ: Претседателот на Светскиот економски форум објави лоши вести

НАЈМНОГУ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ВО НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ – еве што открива извештајот на Агенцијата

НАЈМНОГУ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ВО НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ – еве што открива извештајот на Агенцијата