22 Ноември, 2024
0.0304

ИНТЕРВЈУ КОСТОВ: Банките се столб на финансиската стабилност, тие мора да се грижат за своите штедачи и акционери

Објавено во: Финансии, Интервјуа 13 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Ако се сочува стабилноста на банките, тие, заедно со државата, ќе ја консолидираат здравствено-економската криза. Идеите да се конфискува, одземе дел од имотот на банките, односно на граѓаните, компаниите и акционерите, можат да нанесат големи штети со самото нивно популистичко пласирање во јавноста. Ова, во ексклузиво интервју за Фактор, многу детално и прецизно за јавноста, го објаснува Хари Костов, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка. Тој има бројни аргументи зошто банките, нивната стабилност и добра кондиција, се и ќе бидат најголеми гаранти за финансиската стабилност, и големи подржувачи на стопанството и населението да ги надминат сегашниве кризни состојби, и на развојот на земјата и по корона кризата. Штедните влогови на граѓаните и на компаниите, нивната сопственост и имот се сигурни и безбедни, дециден е првиот човек на најголемата банка во земјава. Во интервјуто за Фактор, Костов прецизно објаснува зошто банките во овој период на одложување на кредитните обврски на клиентите не можат да се откажат од пресметување на каматата. За обвинувањата врз банкарите дека се лихвари, овој банкар како контрааргумент наведува бројни компании во земјава кои имаат и поголеми профити, и поголеми профитни маргини, но никогаш не доживуваат такви напади како што тоа се случува со банкарскиот сектор. Со Костов разговаравме и за прогнозите за тоа колку силно корона кризата ќе удри врз светските, но и врз нашата економија, за владините економски мерки, за одлуката банките да поделат дивиденди од добивката остварена во минатата година...

Господине Костов, банкарскиот сектор во земјава во овој тежок период на коронакриза се најде на силен удар од јавноста, како никогаш досега, откако банките соопштија дека ќе одобрат одложување од шест месеци за плаќање на кредитните рати, но при тоа нема да се откажат од каматата за тој период. Можете ли едноставно да им објасните на граѓаните зошто тоа беше неопходно и дали банките не можеа да се откажат од неа како еден вид солидаризирање со нацијата?

Костов: Не, објаснувањето не може да биде едноставно, имајќи предвид дека секогаш во услови на криза и неизвеснот банките се на удар на дел од јавноста. Секогаш во периоди на криза се појавуваат разни популистички идеи да се најдат брзи волшебни решенија, многу примамливи за сите засегнати од кризата. Затоа објаснувањето не може да биде едноставно, имајќи ја предвид пропагандата и перцепцијата која се наметнува во јавноста за банките. Затоа мора малку подетално да се објасни што се банките, со кои средства тие работат и како остваруваат приходи и добивки (а некои и загуби).

Тоа се познати работи, но во вакви услови тоа се заборава. При тоа, немам илузии дека од овој наш разговор сега одеднаш засегнатите граѓани ќе го сменат мислењето за банките, но ќе бидам задоволен ако барем до дел од нив допрат и нашите аргументи. Да почнеме со ред. Банките во Македонија се акционерски друштва, во приватна сопственост и освен три банки, кои се во сопственост на граѓани и компании од Македонија, останатите се во доминантна странска сопственот. Целта на банките е, водејќи сметка за сигурноста на штедните влогови, со давање на разновидни банкарски услуги да ја одржуваат и зголемуваат вредноста на акционерскиот капитал и да остваруваат профит од своето работење, што впрочем е целта на секоја компанија која работи во пазарни услови. При тоа, најголем дел од услугите, поедноставено кажано, се сведуваат на тоа банките да прибираат депозити, штедни влогови од населението и од компаниите и за тоа ним им плаќаат камата. Така прибраните средства банките ги пласираат кај граѓаните и компаниите кои имаат потреба од кредити и од нив се трудат да наплатат камати, со кои ќе им платат на штедачите кои ги чуваат депозитите во банките, ќе ги покријат другите трошоци во своето работење  и ќе остварат некоја заработка, профит, за кој подоцна ќе видиме дали е навистина, како што се вели огромен, или во рамките на меѓународните стандарди за профитабилност и споредлив со профитите во други стопански гранки.

Да, тоа е така, ама во вакви услови дали банките не можат да покажат поголема солидарност во делот на каматите?

Костов: Банките не се хуманитарни организации, па да даваат услуги без надомест, односно кредити без камати или пак да го подаруваат остварениот профит од своето работење. За тоа постои државата и нејзините институции кои се грижат за социјалниот елемент и потребите на населението. Еве и во ова време на коронавирусот вие не можете да одите во супермаркет и да ги наполните торбите, не можете да одите на бензиска станица и да наполните бензин или да користите струја, телекомуникациски услуги и други производи без да платите. Како што за овие производи мора да се плати цената, така и за искористените кредити од банките мора да се плати цената, а тоа е каматата. Со добиените пари од кредитите од банките, граѓаните можат да ги платат производите во супермаркетот, да купат бензин, струја, телекомуникациски услуги и затоа на банката ќе и ја платат нејзината цена, каматата. Јас не слушнав досега некој да предложи таква генијална идеа во наредните шест месеци да не плаќаме за нашите набавки во супермаркетите, да не плаќаме за бензин, струја, телекомуникациски услуги и друго, меѓутоа голем дел се согласуваат дека банките во наредните 6 месеца не требало да им пресметуваат камата на граѓаните за искористените и одложените кредити. А и во овие шест месеци банките ќе продолжат да им пресметуваат и исплатуваат камата на своите штедачи.

Ќе бидам искрен и ќе кажам дека приоритетот на банките не е да ги направат кредитокорисниците среќни со некои поволни и невозможни  услови, туку пред се да гарантираат за сигурноста на депозитите, на штедните влогови на граѓаните во банките и за тоа на штедачите да им исплаќаат редовно соодветен надомест како камата на нивните влогови. Затоа што, ако штедачите ја немаат таквата доверба во банките за сигурноста на нивните влогови, а која толку макотрпно се трудевме да ја повратиме, ќе нема ниту над 4,5 милијарди евра заштеди на населението кои се користат како потенцијал на банките за кредитирање на населението, стопанството и државата.

БАНКИТЕ НЕ СЕ ХУМАНИТАРНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Никој не вели дека банките треба да бидат хуманитарни организации, туку да го направат максимумот во границите на своите можности како општествено одговорни компании при што нема да го загрозат своето работење?

Костов: Кога велам дека банките не се хуманитарни организации, не бегам од фактот дека имаат и поширока општествена одговорност, и затоа тие позначајно учествуваат и издвојуваат дел од своите приходи за подршка на здравството, како што е сега потребно, за програми на Црвениот крст, за социјални програми, културни и спортски настани и друго. На пример Комерцијална банка беше прва која веднаш со избивањето на кризата го уплати одеднаш целокупниот данок на добивка во износ од 120 милиони денари, наместо да го плаќа во месечни аконтации до крајот на годината, донираше материјали и парични средства за потребите на Министерствот за здравство во износ од 120.000 евра. Еве најавувам и дека менаџментот односно директорите во Комерцијална банка, на крајот од овој месец, ќе се откажат од дел од своите примања и истите ќе ги насочат за наградување на дел од здравствените работници кои беа меѓу најангажираните во оваа криза. Банките се и меѓу најголемите плаќачи на даноци и придонеси кон државата.

Се е тоа добро, но сеуште не ми одговоривте дали банките не можеа да се откажат од каматата спрема граѓаните за овие 6 месеци?

Костов: Ќе продолжам да објаснувам зошто банките не можеа и нема да се откажат од пресметување на камата на оние кредитокорисници кои ќе прифатат да им се пролонгираат нивните кредити за наредните 6 месеци. Веќе кажав дека банките ќе продолжат да им исплаќаат камата на штедачите и тоа е за нив трошок кој мора да се покрие.

Би сакал да укажам и на следново. Според Извештајот на НБРСМ на крајот од 2018 година, во Македонија имаше над 580.000 активни кредитокорисници, а верувам дека сега во 2020 година таа бројка е и над 600.000. Тоа значи дека речиси секој трет жител на државата користи некој вид кредит. Тоа се граѓани кои со своите редовни месечни примања и нивните заштеди не можеле да купат стан, да го опремат со трајни потрошни добра, да купат кола, да остварат некое патување или школување, па затоа се обратиле до банките и добиле кредит. Најголемиот дел од овие кредитокорисници, во своите релации со банката се среќни само еднаш – тоа е денот кога им е одбрен кредитот и кога си купиле стан, кола, биле на патување и др. Тој ден сигурно и ги честеле своите блиски роднини и пријатели. Меѓутоа, веќе од наредниот месец, кога кредитот ќе треба да почне да се отплаќа, и кога ќе треба да одвојуваат некогаш и по 1/3 па и повеќе од своите примања во наредните три, осум или 20 години, колку што е рочноста на кредитот, за да ги плаќа обврските спрема банката, одеднаш банката станува неговиот непријател, немилосрден лихвар кој само бара редовно да се измируваат обврските по одобрениот кредит. И како што сега е вообичаено во кризи, ќе почнат и нападите на банките по социјаните мрежи, со барања да се намалат каматите кои наводно биле највисоки во Македонија, потоа да не се пресметуваат камати или дури и да се отпишат кредити. Меѓутоа банките, па се надевам ниту било која разумна политика нема да дозволат кредитокорисниците да бидат тие кои ќе одлучуваат како да се управува со банките, затоа што е во природа на човекот да очекува ако може да не го врати кредитот. Во банкарството во Македонија ние имавме период во 90-тите години, во кој со банките управуваа т.н. нето должници, односно фирми кои имаа поголеми кредити и обрски кон банките, тие беа влијателни кај раководствата на банките да им одобруваат кредити кои потоа не ги враќаа. Тоа беше и причината зошто во средината на 90-тите години, освен линаерната санација на банките во Македонија со која се регулираа старите девизни заштеди од времето на Југославија, спрема најголемата банка во Македонија во тоа време се спроведе и посебна санација и на крајот од тој процес таа банка беше продадена на странски инвеститор по цена која беше помала отколкушто денес е годишната добивка на таа банка.

Какви се искуствата во другите земји погодени од кризата, како таму постапуваат банките?

Костов: Во ниту една земја која презема мерки за олеснување на отплатата на кредитите на населението, ама буквално во ниту една, не постои одредба според која банките нема да пресметуваат камата за овој период за кој се одложува плаќањето. Има држави кои им субвенционираат дел од каматите на населението, или им даваат гаранции на банките за дел од отплатите на населенито. Но тоа се покрива од државниот буџет, а не се бара од банките да не пресметуваат или да ги отпишат каматите. Тоа е затоа што и во оваа коронакриза, колку и да не сакаме да признаеме, покрај државата, сепак банките ќе бидат тие кои ќе му помогнат на населението, уште повеќе на стопанството, па на крај и на државата со предверемено плаќање на обврските, но и со нови кредити во наредниот период кога потешко ќе се доаѓа до нови задолжувања и кредити.

Банките мора да ја задржат својата сигурност и стабилност, зошто после кризата државата ќе се повлече од директната помош на населението и стопанството, и повторно банките ќе бидат тие кои ќе треба да обезбедат нова кредитна подршка на овие сектори. Токму затоа, на пример, во Србија уредбата со која се регулира ова прашање за одлагање на обврските на граѓаните за три месеци, се вика Одлука за привремените мерки за зачувување на стабилноста на финансискиот систем. Значи, не е поентата да не се пресметуваат или да се отпишуваат камати и кредити од населението и со тоа да се загрози стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, туку напротив, поентата е да се одржи стабилноста на финансискиот систем за да може тој да им помогне на стопанството и населението во овој кризан период, но и потоа при обновата на стопанските текови.

На крајот, да видиме точно за колкави дополнителни трошоци се работи ако кредитокорисникот ја прифати понудата на банката за шестмесечен грејс период во кој ќе му се пресмета камата за тој период. Ќе го земам примерот на Комерцијална банка - доколку кредитокорисникот има 10.000 евра потрошувачки кредит (што е некоја просечна големина на кредит), тогаш за овие шест месеци банката ќе му пресмета дополнителна камата од 246 евра. После шестиот месец таа камата ќе се додаде на остатокот од долгот и ќе се распореди на 95 месечни рати колку што е рокот за отплата на потрошувачкиот кредит, што значи дека дополнителниот месечен трошок ќе изнесува 2,59 евра или некаде околу 159 денари. Или на просечен станбен кредит во Комерцијална банка од 30.000 евра, дополнителната камата за овие 6 месеци ќе биде 528 евра, или за наредните 240 рати за отплата на кредитот, дополнителниот месечен трошок ќе изнесува 2,20 евра или 135 денари. Ќе признаете дека тоа не е некој огромен трошок, во денешни услови тоа е помалку од еден килограм лимони, иако знам дека голем дел од кредитокорисниците ќе речат лесно ви е вам банкарите така да зборувате, кога имате поголеми плати од просечните. Но пак повторувам, банката и во овие шест месеци ќе им исплаќа камата на своите штедачи. Доколку пак Комерцијална банка би се откажала од каматата за овие шест месеци на сите кредитни производи на кредитокорисниците (разните кредити, кредитните картички, дозволените пречекорувања), тогаш, заради големиот број кредитокорисници, Банката треба да изгуби приходи од над 457 милиони денари или околу 7,4 милиони евра, што е премногу.

ПРОФИТНИТЕ МАРГИНИ НА БАНКИТЕ СЕ ПОНИСКИ ОД ОНИЕ НА ПОГОЛЕМ БРОЈ ФИРМИ

Во некои медиуми излегоа податоци дека банките во Македонија само од овие дополнителни камати за шест месеци ќе заработат над 136 милиони евра. Исто така и другиот показател дека банките на штедачите им исплаќаат просечна камата од 1,5 отсто годишно, додека од кредитокорисниците наплаќаат просечна камата од 5,5 проценти?

Костов: Првиот податок воопшто не е точен, тоа е целосно погрешна пресметка и воопшто не заслужува коментар. Вториот показател е точен, изворот е од официјалните пресметки на НБСРМ, но тој покажува само за каматите на населението. А банките не го кредитираат само населението. Еве, во случајот на Комерцијална банка, дури 65 отсто од кредитното портфолио се однесува на кредити на корпоративниот сектор, и кај нив каматите што банката ги наплаќа се пониски, веќе од 2,5 отсто па до 4,5 -5 отсто годишно, зависно од бонитетот на препријатието. Понатаму, банките со значајни износи ја кредитираат и државата, каде што наплаќаат камата од 0,7 проценти годишно, значителни милионски суми евра банките се законски обврзани да чуваат во НБСРМ како задолжителна резерва во денари и девизи, за кои не само што не добиваат камата, туку дури и плаќаат камата на НБСРМ за девизниот дел. Затоа, кога ќе се земе во целина колку просечна камата банките плаќаат на сите депоненти и колку наплаќаат од сите кредитокорисници, како населението, претпријатијата, државата, се добива нето каматната маржа или разлика кои банките ја остваруваат. Последниве години таа каматна маржа на банките постојано опаѓа и во моментот се движи помеѓу 2,5-3 отсто на годишно ниво. Познато е дека многу индустрии во Македонија остваруваат значително поголеми каматни или профитни маржи и поголеми поврати на активата и на капиталот од банкарскиот сектор. Погледнете ги овие податоци, на пример за нафтениот сектор, за фармацевтскиот сектор, за цементната индустрија, за телекомуникацискиот сектор и ќе видите дека овие показатели се кај нив значително повисоки. На пример, ќе ги видите следните профитни маржи кај некои претпријатија – ТЕ-ТО над 67 отсто, Мермерен комбинат над 55 отсто, рудникот САСА над 45 отсто, рудникот Бучим и Македонијатурист над 33 отсто, Цементарницата УСЈЕ над 25 отсто, Оилко над 22 отсто, Македонски телеком над 17 отсто, Реплек фарм над 14 отсто, ЕСМ над 13 отсто, Синохидро – фирмата која ја организира изградбата на автопатиштата во Македонија со кинеските кредити над 24 отсто, Алкалоид над 9 отсто, ЕВН над 5 отсто и други. Сепак, нападот е главно оркестриран кон банките кои остваруваат добивка затоа што секој месец бараат од кредитокорисниците да им отплатат дел од кредитот кој го искористиле. А големите банки во Македонија остваруваат задоволителни добивки и со вака помали маржи во споредба со другите гранки заради големиот број на кредитокорисници и големиот обем на кредити. Или едноставно кажано, голем обем на промет, со релативно мала маржа, носи задоволителна добивка.

Дали не е возможно банките, кои заедно минатата година имаат остварено вкупен профит од 114 милиони евра, да се откажат од барем мал дел од овој моќен финансиски “колач“, за да им олеснат на своите кредитокорисници во овој драматичен период во кој се губат работни места и се тенчат семејните буџети?

Костов: Добивката која ја спомнувате се однесува за 2019 година, а ќе видиме какви ќе бидат резултатите на банките за 2020 година во услови на здравствена и економска криза. Ако сакаме уште да ја изостриме состојбата, треба да кажеме дека најголем дел од оваа добивка ја остварија најголемите 5 банки во државата. Групата на средни банки во Македонија во целина покажа загуба, што значи дека не е точно убедувањето на некои дека е доволно само да формираш банка и ќе правиш добивка. Како што веќе видовме, големите банки ваквите добивки ги прават во услови на голем број кредитокорисници физички и правни лица (повторувам, скоро секое трето физичко лице во државата е корисник на некој вид банкарски кредитен производ), голем износ на кредити и релативно помали каматни маржи отколку што се маржите во некои други сектори во стопанството. На крајот банките на вака остварените добивки платија и најголеми даноци на добивка во државата, тие се меѓу најголемите плаќачи на другите даноци и придонеси со кои се полни државниот буџет. Исто така банките се меѓу најголемите донатори во рамки на општествената одговорност. На тој начин тие си ја извршуваат својата обврска спрема државата и населението и не може сега да се бара од банките тие и натаму да се откажуваат од своите добивки, врз основа на некои непазарни и популистички повици.

Дали ова можете да го документирате со конкретни показатели?

Костов: Секако, еве на примерот на Комерцијална банка. Банката лани оствари добивка од 1,8 милијарди денари или неполни 30 милиони евра. Тоа го оствари со давање на некаков вид кредитна изложеност на над 120.000 физички лица (било да се тоа кредити, кредитни картички или одобрени пречекорувања) и на уште 1.415 компании со кредити во износ 35,8 милијарди денари или околу 580 милиони евра. Значи голем број на корисници и големи износи на кредити. Ајде сега да погледнеме кои се другите компании кои прават поголеми добивки во Македонија. На пример во 2018 или 2019 година, во зависност од расположивите податоци, компаниите ги оствариле следните добивки: ТЕ-ТО над 8,8 милијарди денари или 143 милиони евра, Џонсон Мети скоро 6,7 милијарди денари или скоро 109 милиони евра. Значи само Џонсон Мети во 2018 година оствари поголема добивка отколку трите најголеми банки – Стопанска, НЛБ и Комерцијална - заедно во 2019 година. Понатаму се САСА со над 2,5 милијарди денари или над 40 милиони евра, ЕСМ 1,8 милијарди денари или над 29 милиони евра, Синохидро скоро 1,6 милијарди денари или 26 милиони евра, Македонски телеком оствари добивка од над 1,5 милијарди денари или над 24 милиони евра, Цементарницата УСЈЕ, Мермерен комбинат Прилеп, ЕВН и Бучим по 1,2 милијарди денари или по 19,5 милиони евра, Алкалоид над 1 милијарда денари или над 16 милиони евра, Макпетрол 875 милиони денари или над 14 милиони евра, ИГМ трејд (неконсолидиран) 779 милиони денари или скоро 13 милиони евра и т.н.  Прашањето ми е, зошто би било нормално овие компании да остваруваат вакви добивки и тое да е во ред за пошироката јавност (се разбира ние како банки сме среќни што тие се профитабилни), но кога банките ќе пријават слични или далеку помали добивки, тогаш тие за кредитокорисниците и дел од јавноста се лихвари кои немаат никаква милост за граѓаните.

И уште еден податок за споредба, Комерцијана банка има актива или вкупни средства од над 120 милијарди денари или околу 2 милијарди евра. По овој показател Комерцијална банка е најголемата фирма во Македонија. Тоа е нормално, зошто банката, освен сопствените средства, има и голем износ на штедни влогови, депозити од граѓаните и компаниите. Но овој показател покажува дека Банката ангажирала две милијарди евра за да оствари добивка од 1,8 милијарди денари или неполни 30 милиони евра. Ако ги иземеме другите големи банки, следен на листата со најголема актива е ЕВН со 24 милијарди денари или 5 пати помала актива од Комерцијална банка, но остварил добивка од 1,2 милијарди денари. Понатаму на листата е Алкалоид со актива од скоро 12,7 милијарди денари (скоро 9,5 пати помала актива од Банката) и добивка над 1 милијарда денари. Да го земеме и ИГМ трејд со вкупна актива од 10 милијарди денари (12 пати помала од Банката) и добивка од 779 милиони денари. Овој показател стручно се нарекува РОА – поврат на активата, и покажува дека овие компании со ангажирање на многу помал обем на средства остваруваат релативно поголеми износи на добивка, што секако е добро. Но, тоа покажува и дека банките сепак не се толку лоши партнери како што се преставуваат во јавноста.

Банкарите во овој период, како што и сами спомнавте, се нарекуваат со редица погрдни имиња, како што се лихвари, тајкуни и слично. Ве погодуваат и ве вознемируваат ли лично ваквите квалификации?

Костов: Знаете, кога бев помлад и кога во јавноста ќе сретневме вакви квалификации за банкарите, ќе седневме со мојот менаџерски тим во банката и ќе се прашаваме, добро зошто го заслужуваме ова, ние се обидуваме да им помогнеме на стопанството и населението толку колку што е можно во пазарни услови на стопанисување, водејќи сметка за сигурноста на депозитите на нашите штедачи и барајќи од кредитокорисниците само навреме да си ги измируваат обврските спрема банката. И ме погодуваа таквите коментари. Но како стареам и како поларизацијата на општеството во Македонија се зголемува, на малку богати и поголем број кои тешко ги задоволуваат своите потреби и кога населението е се позадолжено, па некои не се во можност да ги измируваат обврските кон банката, тогаш малку посмирено ги прифаќам оваквите квалификациии за банкарите. Тоа се воглавно коментари од луѓе чии компании пропаднале, не по вина на банките, но сега банките им се виновни, од луѓе кои се презадолжиле над нивните можности и такви приказни секогаш наидуваат на плодно тло во медиумите, кај популистите кои наводно се заштитници на граѓаните и остваруваат определени политички амбиции, Од друга страна пак, те прави среќен кога ќе сретнеш човек кој ќе ти каже благодарам за помошта, без банката немаше да го решам своето станбено прашање или не ќе можев да отворам дуќан. Или кога некои стопанственици ќе ти кажат дека без разбирањето и помошта на банката, па и другите банки во конзорциумот, немаше да се изгради најголемиот шопинг центар во Македонија и немаше така добро да заработат при неговата продажба на странскиот партнер. Или кога еден наш познат доктор јавно ќе ви каже “Благодарам пријатели, без Банката, ваков современ здравствен објект не ќе беше можен“. Или кога ќе видите дека една фирма која на времето беше, да не речам, една поголема занаетчиска работилница, а сега прерасна во гигант на македонската металургија со значителни инвестиции во странство и кога ќе речат – лесно ни беше нам кога имавме разбирање од банката и која постојано ни дуваше во нашите едра за да одиме напред, е тогаш знаете, чувствувате и задоволство од работата која ја вршите. Само што за разлика од критичарите, овие со пофални зборови за банките не се толку гласни.

ИМАШЕ ОБИДИ ЗА ПРИВАТНИ ШЕПНУВАЊА, НО И ЈАВНИ ПРОЗИВКИ

Дали стравувате, доколку дојде по поголема економска криза во земјава поради коронавирусот, дека врз банките би можел да биде насочен сериозен, па дури и груб граѓански револт?

Костов: Тоа не може да се исклучи, но сепак, верувам дека шансите за нешто такво се минимални. Да, банките во овој период ќе бидат предмет на дополнителни јавни напади и квалификации и негативни коментари на социјалните мрежи. Меѓутоа, ќе помине и оваа криза и ќе се види дека сепак, покрај државата чија работа е тоа, најголема помош на стопанството  и населението ќе дојде токму од страна на банките, колку и да не сакаме тоа да го признаеме. И во оваа криза штедачите мора да бидат сигурни, банките мора да останат стабилни, капитализирани за да можат да ги задоволат потребите на стопанството и населението и по завршување на кризата.

Важите за човек и банкар отпорен на притисоци. Имате ли од владини или од партиски функционери, што јавно, а што преку приватни канали, барања за да покажете како банки поголема флексибилност околу ова прашање, и дали и како на нив одговарате? Имало ли обиди да ви сугерираат начин на однесување и делување во оваа криза?

Костов: Па добро, имаше обиди за некои приватни шепнувања, но и вие медиумите сте сведоци дека имаше и јавни настапи и изјави на преставници и на власта и на опозицијата кои, јавајќи на крилата на популизмот, се обидуваа да ги прикажат банките како главни виновници за проблемите и како институции кои не сакаат ништо да помогнат. Јавни беа повиците дека банките во овој период од шест месеци не треба да наплаќаат камата или пак да ја намалат каматата. Укажувавме дека банките и во овие шест месеци ќе продолжат да исплаќаат камата на штедачите, и како очекуваат да ги намалиме каматите, кога сите тие, и владини и монетарни власти, очекуваат дека во овој период позајмувањето ќе биде потешко затоа што сите земји ќе настојуваат да се задолжат и очекуваат каматите да растат. Заборавајќи дека токму банките се најголеми плаќачи на даноци и засега се едни од поголемите донатори во кризава, имаше и јавно прозивање на банките дека ако не помогнат во вонредна состојба, може да се донесе и уредба со законска сила, па дури еден од пишувачите на сегашниот македонски Устав истапи со револуционерната идеја, дека во вонреднава состојба, Владата треба да донесе уредба со која ќе им се одземе најмалку 1/3 од добивките на банките. Јас не разбирам, ако е толку револуционерен, зошто не предложил да се одземат целосно сите добивки на сите претпријатија кои работат со добивка во државата, а бројките ги обраложив претходно. Но шегата на страна, и пишувачот на Уставот, за кого не знам зошто му се потребни вакви популистички и револуционерни изјави, и политичарите треба да знаат неколку уставни одредби. Прво, и уредбите со законска сила што Владата ги носи во вонредна состојба, мора да бидат во согласнот со Уставот и законите, и тие не можат да висат вон од правниот систем на државата. Второ, со Уставот се гарантира правото на сопственост, во тие рамки и на приватната сопственост. И трето, за да се изврши национализација или експропријација на банките, треба банките нешто незаконски да работеле или да се работи за јавен интерес утврден со закон, а јас не гледам што тоа банките незаконски работеле. И на крајот, дури и при експропријација се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност. Впрочем Владата на два пати донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за трговски друштва, со која прво се забрани одржување на акционерските собранија, а потоа се забрани трансфер на остварената добивка односно дивиденда во странство кај фирмите кои имаат странска сопственост, за на крај Владата целосно да ја повлече оваа Уредба, откако увиде дека не е во согласност со Уставот.

Да заклучам, ако се сочува стабилноста на банките, тие, заедно со државаата, ќе ја консолидираат здравствено-економската криза. Идеите да се конфискува, одземе дел од имотот на банките, односно на граѓаните, компаниите и акционерите, може да нанесат големи штети со самото нивно популистичко пласирање во јавноста. Банките и нивната стабилност и добра кондиција, се и ќе бидат најголеми гаранти за финансиската стабилност, тие ќе бидат големи подржувачи на стопанството и населението да ги надминат сегашниве кризни состојби и на развојот на земјата и по корона кризата. Штедните влогови на граѓаните и на компаниите, нивната сопственост и имот, се сигурни и безбедни.

Комерцијална банка е најголем кредитор на македонскиот бизнис, со 576,5 милиони евра, или 65 отсто од кредитното портфолио минатата година насочено кон корпоративниот сектор. Како најголем подржувач на македонската економија, Комерцијална банка од овој месец ќе добие реален увид за првиот удар на кризата врз нашите компании. Кои се мерките што ќе ги превземе КБ за да излезе во пресрет на своите клиенти и деловни партнери?

Костов: Да, веќе со првите удари од корона кризата врз македонското стопанство, ние стапивме со контакт со компаниите наши клиенти или пак тие се јавуваа во банката, интересирајќи се за олеснувањата што можеме да им ги понудиме. При тоа, Банката не објави јавен повик со општи услови за претпријатијата, туку примени поединечен пристап со кој ги согледува специфичните потреби на секој клиент. Затоа и решенијата се различни – во принцип на сите претпријатија кои имаат последици од кризата, им ги одложуваме обврските за наредните шест месеци, кај некои се одлага само главницата, кај некои и главницата и каматата и потоа акумулираните обврски за овие шест месеци се овозможува да се отплаќаат кон Банката во подолг временски период. Некаде ќе правиме реструктурирање на целокупната изложеност на клиентот кон банката, но како што реков, работиме од случај на случај. Од избивањето на кризата, па до 10 април годинава, веќе одобривме измени на договорните услови и им овозможивме некакви олеснувања на компании на вкупен износ на кредитна изложеност во Банката од околу 170 милиони евра, или 28 отсто од кредитното портфолио на корпоративниот сектор. Ова се однесува на дел од кредитокорисниците кои досега изразиле интерес за одложување на плаќањата, но Банката останува отворена и понатаму, во директна комуникација со компаниите да излезе во пресрет на нивните барања и потреби за одложување на отплатите на кредитните обврски. Сепак, да бидеме реални, банките во наредниот период ќе бидат малку поконзервативни во одобрувањето на нови дополнителни кредити на стопанството, се додека не го оценат вистинското влијание на корона кризата на секоја поединечна компанија.

Што ќе значи економската криза во земјава за деловните банки. Голем товар ќе падне на плеќите особено на системски значајните банки, од кои една е и Комерцијална банка. Кои се мерките, според Вас, што треба да ги преземе извршната власт и централната банка, за да им се помогне на деловните банки, од кои се очекува да бидат првиот браник за фирмите од кризата?

Костов: Банките ја делат судбината на стопанството и населението и во оваа криза сигурно и банките ќе претрпат определени последици кои, пред се, ќе се манифестираат во квалитетот на кредитното портфолио и во еден одреден период со намален платен промет со странство, но и домашен платен промет, а тоа ќе влијае и на нивната профитабилност. Сметам дека системски значајните банки се во добра кондиција, адекватно капитализирани, ликвидни и солвентни да го понесат тој товар. НБРСМ веќе донесе определени прописи со кои се регулира кредитниот ризик на банките и е во секојдневен контакт со банките, како што е и Министерството за финансии. Според мене, извршната власт треба да си го димензионира својот пакет на економски мерки со кои мисли да му помогне на стопанството, вработените и населението и понатаму да ги остави банките самостојно да ги решаваат проблемите со стопанските субјекти. Сеуште е рано и многу неизвесно да се согледаат сите последици и ефекти од кризата, па затоа дел од мерки за кои ќе се појави потреба ќе се носат и во од.

Владата веќе донесе пакет економски мерки за премостување на кризата. Со свои предлог мерки постојано излегува и опозицијата. Како прв човек на најголемата домашно поседувана банка, која воедно е и банка со најголема актива и со најголема доверба кај штедачите, но и како поранешен заменик министер за финансии и премиер, кои мерки сметате дека се неопходни за стопанството да успее да ја преброди кризата?

Костов: Во овој период најнеопходни се мерките кои ќе придонесат да се задржат што повеќе работни места и да му се помогне на стопанството и населението да го пребродат овој кризен период со што помалку последици додека економијата повторно не стартува. Еве, кога јас бев на функција во државата во 2004 година Буџетот на државата изнесуваше 1,6 милијарди евра, а оваа година тој достигна износ од над 4 милијарди евра. Сега се покажуваат последиците од она неразумно трошење за Скопје 2014 и огромните задолжувања во тој период за непродутивни инвестиции и трошења. Зборот ми е, ако во 2004 година државата преживеала со таквиот Буџет кој беше урамнотежен и оствари солиден пораст на БДП, и во оваа, па и во наредната година државата ќе мора да најде доволно заштеди и пренамени во Буџетот и со дополнително задолжување да се посвети на новите приоритети. И еден мој апел до двете најголеми партии во државата – во овој кризен период потребно ни е единство во државата, потребни се мерки и дејствување, а не политички препукувања. Заборавете на меѓусебната политичка нетрпеливост со која и натаму го делите и поларизирате народот, формирајте заеднички тим од експерти во двете партии, па и од другите партии, соберете ги истакнатите стопанственици и професори и во наредните шест месеци тој тим секојдневно да ја набљудува состојбата и да предлага соодветни мерки за ублажување на последиците и за помош на стопанството и населението. И во наредните шест месеци заборавете на овие секојдневни, по некогаш и по повеќе пати на ден, прес конференции и соопштенија, со кои само се обвинувате меѓусебе и само уште повеќе се поларизираат граѓаните.

МЕРКИТЕ МОРА ДА БИДАТ ВО СОГЛАСНОСТ СО МОЖНОСТИТЕ НА БУЏЕТОТ

Дали сегашните владини мерки се доволни?

Костов: Тоа зависи од која перспектива гледате. Во ова време секој се обидува да се здобие со што поголеми користи од владините мерки и да предлага нови мерки. Не поминаа ниту 15 дена од појавата на корона кризата во Македонија, а веќе се појавија претставници на компании во јавноста кои панично кажуваа дека кризава ќе има несогледиви последици на нив, дека ќе мора да стават клуч на своите фирми, да ги отпуштат вработените, ако Владата не им помогне. Дури и верските заедници се појавија да кажат дека кризата ќе им влијае, замислете на нивниот промет и дека Владата мора да им помогне или ќе има непријатни реакции. Извинете, ама секоја компанија во годината има по 15-20 дена годишен одмор и првиот месец од кризата е како компаниите да им дале на своите вработени дел од годишниот одмор. За какви компании зборуваме, ако тие немаат внатрешни резерви за барем еден месец да ги обезбедат своите вработени во услови на криза. А банките ќе треба да им веруваат дека се доволно силни да бараат нови кредити и дека потоа навреме ќе ги враќаат. Според тоа, владините мерки досега треба да се гледаат како почетен сет на мерки, како мерки кои ќе се корегираат, дополнуваат со тек на времето и во од, ќе се носат нови затоа што никој точно не знае колку долго ќе трае оваа состојба и какви се крајни последици ќе има. Меѓутоа, мора да се најде правата мерка помеѓу барањата на стопанството и населението и можностите на Владата со нејзиниот буџет и можностите за нејзино задолжување.. Не може сите да бараме да не се плаќаат и да се одложуваат даноци, придонеси, ДДВ, царини и други давачки кои се приход на Буџетот, а во исто време да се бара Владата да обезбеди минимална плата или 50 отсто од бруто платите за сите во државата, да обезбедува неповратна помош за компаниите или кредити со нереални камати, да го одржува функционирањето на здравствениот и безбедносниот систем на државата. Земете го примерот со предлогот на Стопанската комора на Македонија во овој период времено да се зголеми акцизата на нафтените деривати за два денари. Во време кога сите бараат пари и помош од државата, одеднаш другата Комора вели дека ова е неприфатливо, дека со тоа наводно само повторно ќе им се помагало на олигарсите или на некој дуопол. Кои олигарси, кога акцизата е директен приход на буџетот и со тие средства ќе се помага на стопанството и вработените, населението. Опозицијата пак веднаш вели дека тоа е неприфатливо, дека со таква мерка народот ќе осиромашел и т.н. Меѓутоа, факт е дека во изминативе еден-два месеца, цените на дериватите значително се намалија и дека дури и со времено воведување на акциза од два денари, малопродажните цени на дериватите се уште ќе бидат помали од пред кризата и нема да го погодат толку народот. Доколку таа времено се воведе и потоа се укине кога ќе заврши најголемиот удар од кризата или кога цените на дериватите ќе почнат да растат, тогаш сепак ќе обезбеди некој приход за Буџетот во периодов кога сите се само со барања од Буџетот. Иако се сомневам дека заради рестрикциите во движењето на граѓаните, колку дополнителни приходи ќе можат да се обезбедат со оваа мерка.

Имате ли Ваши прогнози колку македонската економија ќе настрада од коронакризата и кога би можело да се очекува закрепнувањето?

Костов: Не, немам свои прогнози и мислам дека сите домашни „експерти“ кои веќе после петтиот ден излегоа со наводни проценки за штетите на стопанството, за дефицитот во Буџетот и за обемот на надворешно задолжување ја применува познатата „фајферова метода“ на тресење од ракав. Дури и нобеловците економисти, во своите полемики деновиве, не можат да постигнат согласност какви се последици и штети ќе претрпиме и во кои рокови. Ние сеуште незнаеме колку долго ќе трае здравствениот елемент на кризата, колку време ќе им биде потребно на државите и компаниите да ги обноваат нормалните стопански текови и светската размена, за да дадеме и точни проценки. Но кога целиот свет е погоден од корона кризата и кога целата стопанска активноста е во состојба на мирување, секако дека штетите ќе бидат големи, а дел од меѓународните финансиски институции ги споредуваат и со Големата криза од 1929 – 1933 година.

ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ГИ КОНВЕРТИРААТ ЗАШТЕДИТЕ ОД ДЕНАРИ ВО ЕВРА

Јавноста беше сензибилизирана и околу намерите на банките сепак да им поделат дивиденди на своите акционери од добивките што се остварени во минатата година, иако Народна банка им препорача тоа да не го прават. Можете ли да ни објасните зошто е потребно делење дивиденди во вакви околности, дали тоа ќе значи свежи пари кај акционерите, од кои дел на различни начини ќе се вбризгаат во економијата?

Костов: Комерцијална банка тоа го објасни во своето соопштение до Македонската берза, но еве ќе повторам неколку елементи. Прво, препораката на НБРСМ беше дека „очекување е дека банките ќе задржат поголем дел од остварената добивка во 2019 година воздржувајќи се од исплата на дивиденда“. Иако препораката не е баш најпрецизна, таа се разбира дека НБРСМ не е целосно против исплата на дивиденда, туку препорачува да се задржи еден поголем дел за резерви, односно за дополнителен капитал на банката. Комерцијална банка никогаш од кога сум јас директор на Банката не ја делела целокупната добивка за дивиденди, напротив, секогаш издвојувала дел за дивиденди и дел за резерви или капитал. Само како пример, во 2019 година во резерви беа издвоени 823 милиони денари или скоро 13,4 милиони евра од остварената добивка во 2018 година. Во оваа година, согласно изгласаната одлука на Собранието на акционерите, од добивката остварена во 2019 година, 553 милиони денари (речиси девет милиони евра) се издвојуваат за резерви, а 1.253 милиони денари (или 20,3 милиони евра) ќе се исплатат како дивиденда на акционерите. Тоа значи дека само во последните две години, Комерцијална банка издвоила во резерви или го зголемила својот капитал за 1.376 милиони денари или за 22,4 милиони евра. Нека ми простат колегите за споредбата, но тоа значи дека само за последниве две години Комерцијална банка издвоила во резерви, односно го зголемила својот капитал колку што е вкупниот капитал на Стопанска банка Битола, на пример. Со овие издвојувања, капиталот на Комерцијална банка ќе достигне речиси 12 милијарди денари или над 195 милиони евра. Тоа покажува дека Банката има солидна капитална основа да се соочи со очекуваните движења кај стопанството и населението во услови на корона кризата, ги исполнува сите законски и супервизорски стандарди, ликвидна е и солвентна.

Второ, за разлика од речиси сите банки во државата (освен ТТК и Стопанска Битола) каде што доминантна е сопственоста на странски акционери, Комерцијална банка е речиси целосно во сопственост на домашни акционери, или 96,42 отсто е домашен капитал. Тоа значи дека и толкав износ од дивидендата ќе им биде исплатен на домашни правни и физички лица, акционери на банката, за разлика од другите банки, каде веднаш со исплатата, дивидендата се трансферира во странство. Според сегашната состојба на акционерската книга, тоа значи дека дивидендата од Комерцијална банка ќе им биде исплатена на 4.555 домашни физички лица во износ од 476 милиони денари (7,7 милиони евра), на 344 домашни компании во износ од 679 милиони денари (11 милиони евра), а во државниот Буџет ќе биде исплатен данок во износ од 57,4 милиони денари или речиси еден милион евра. Значи, износот од 11 милиони евра кој како дивиденда треба да го добијат домашните правни лица е два пати поголем од износот обезбеден со првиот пакет во МБПР за помош на фирмите погодени од кризата. Според тоа, во услови кога Банката е доволно капитализирана, кога и годинава издвојува значаен дел во резерви, и кога на овој начин значително се помага на населението, компаниите и Буџетот, а за што сите велиме дека треба да им се помогне во овој кризен период, тогаш јас навистина не гледам причина зошто овие средства да не бидат исплатени како дивиденда, туку да стојат неискористени како некоја резерва за лоши времиња. Лошите времиња се веќе тука. Единствено негативни и гласни ќе бидат оние кои повторно ќе викаат, ете клетите банки пак делат дивиденда, не водејќи воопшто сметка дека таа дивиденда завршува кај домашните граѓани, фирми и Буџетот.

Дали откако настапи коронакризата чувствувате во банката тренд на промена на денарските депозити во девизни, односно во евра, и што во тој дел им советувате на граѓаните?

Костов: Да, откако започна кризата, присутен е трендот на конвертирање на денарските заштеди на граѓаните во евра, па и позначајно повлекување на средствата на граѓаните од банките. Можеби тоа е и нормално да се очекува во услови на вонредна состојба и полициски час, кога граѓаните се чувствуваат посигурни ако имаат повеќе кеш дома. Банкарскиот систем во државава помина низ повеќе кризи во изминативе 30 години – распадот на Југославија и проблемот со старото девизно штедење, пропаднатите пирамидални штедилници, косовската криза, конфликтот во Македонија во 2001 година, па дури, така да ја наречам и последната „медиумска“ краткотрајна криза пред неколку години. И во сите овие услови, во дел помогнат и од државата, банкарскиот систем успеа да се справи со сите кризи, успешно да ги надмине. Банкарскиот систем денес, во споредба со претходните години, е најстабилен, доволно капитализиран, ликвиден и солвентен, за да може да гарантира дека заштедите на граѓаните се сигурни во банките и дека во секој момент можат да ги имаат на располагање и се побезбедни отколку да ги чуваат во своите домови. Исто така, НБРСМ има доволни девизни резерви и инструменти да гарантира за стабилноста на девизниот курс на денарот, па сметам дека граѓаните немаат потреба да се изложуваат на дополнитени трошоци за конвертирање на денарските заштеди во евра. На крајот, колку и да се ниски, сепак каматите на денарските штедни влогови се поголеми од оние во евра. 

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОВТОРНО ПОРАСНА - во септември достигна 41.585 денари, еве кои сектори имаат најголем раст

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОВТОРНО ПОРАСНА - во септември достигна 41.585 денари, еве кои сектори имаат најголем раст

ОБЕЗБЕДЕНИ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНИ КРЕДИТИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА - силна поддршка од ЕБОР, ЕУ И ЈАПОНИЈА

ОБЕЗБЕДЕНИ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНИ КРЕДИТИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА - силна поддршка од ЕБОР, ЕУ И ЈАПОНИЈА

РАСТ И КАЈ ДЕПОЗИТИТЕ И КАЈ КРЕДИТИТЕ - потрошувачките и станбените кредити најпримамливи, еве колку пораснале заштедите

РАСТ И КАЈ ДЕПОЗИТИТЕ И КАЈ КРЕДИТИТЕ - потрошувачките и станбените кредити најпримамливи, еве колку пораснале заштедите

СКИЈАЧИ, ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ВЕ ЧИНИ СКИЈАЊЕТО НА КОПАОНИК: „Скијалишта Србија“ ги објави деталните цени

СКИЈАЧИ, ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ВЕ ЧИНИ СКИЈАЊЕТО НА КОПАОНИК: „Скијалишта Србија“ ги објави деталните цени

БИТКОИНОТ СО НОВ РЕКОРД, РАСТАТ И БЕРЗИТЕ - и покрај тензиите во светот, инвеститорите не запираат

БИТКОИНОТ СО НОВ РЕКОРД, РАСТАТ И БЕРЗИТЕ - и покрај тензиите во светот, инвеститорите не запираат

Која е дамата што шопингот го замени со купување 100 акции во НЛБ Банка и плати 80.000 евра во еден ден?

Која е дамата што шопингот го замени со купување 100 акции во НЛБ Банка и плати 80.000 евра во еден ден?

КОМПАНИЈАТА ТОНЕ ВО ПРОБЛЕМИ, НО НЕ И НЕЈЗИНИОТ МЕНАЏЕР: Фолксваген не може да се пофали со бизнисот, но може со плата на еден вработен

КОМПАНИЈАТА ТОНЕ ВО ПРОБЛЕМИ, НО НЕ И НЕЈЗИНИОТ МЕНАЏЕР: Фолксваген не може да се пофали со бизнисот, но може со плата на еден вработен

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА ВО ФЕДЕРАЦИЈАТА БиХ: Што ќе значи тоа во пракса за работниците?

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА ВО ФЕДЕРАЦИЈАТА БиХ: Што ќе значи тоа во пракса за работниците?

ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ПЛАЌАМЕ ЗА ОДМОР ВО ГРЦИЈА ДОГОДИНА: За студио цената оди и до 100 евра од ноќ!

ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ПЛАЌАМЕ ЗА ОДМОР ВО ГРЦИЈА ДОГОДИНА: За студио цената оди и до 100 евра од ноќ!