Комесарот Хан и во Белград: Разговараше со Вучиќ
Објавено во: Балкан 26 Јули, 2019
Комесарот на ЕУ за соседска политика и преговорите за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, пристигна вчера во Белград, по пристигнувањето Хан се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тие разговарале за ситуацијата во Западен Балкан и за „идните чекори на Србија кон европскиот пат“, објави прес-службата на српскиот претседател, а пренесуваат медиумите од регионот.
Вучиќ и Хан конкретно разговарале за застанатиот „ќор сокак“ дијалог меѓу Белград и Приштина и ситуацијата создадена по оставката на косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Вучиќ му се заблагодарил на Хан за разбирањето и посветеноста на „одблокирање на дијалогот меѓу Белград и Приштина“ и потврдил дека Србија сака да води политика на мир и соработка, со цел да се зачува стабилноста во регионот.
Хан ја поздрави решеноста на Србија и ја изрази својата подготвеност да помогне да се обезбедат услови за продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Јоханес Хан, исто така ја повика Србија да го забрза „реформскиот процес“ во врска со нејзината европска интеграција и да работи со поголема решителност за владеењето на правото, се вели во соопштението на прес службата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ му честиташе на Јоханес Хан за неговата трета номинација во ЕК од страна ан Австрија.