29 Април, 2024
0.0280

КОМУ И КАКО МУ УСПЕА - само во последниот месец лани потрошени се дури 86 милиони евра државни пари за капитални расходи

Објавено во: Економија 11 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Во текот на цела измината година нивната реализација одеше доста слабо, но за капиталните инвестиции имаше добри вести на крајот на 2020 година. Тоа како исклучително позитивна информација го соопштија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. Имено, годината зад нас, која всушност беше и исклучително тешка поради ковид пандемијата, завршила со остварување на капиталните расходи од дури 82 проценти.

„Капиталните расходи во 2020 година изнесуваат 16,1 милијарда денари (околу 262 милиони евра - н.з.), што претставува 82 процента од планираната реализација. За споредба, лани беа реализирани 77,6 проценти од планираните капитални расходи за таа година“, рече првиот финансиер Бесими.

Министерот за ова ги информирал и неговите колеги на една од последните владини седници, при што, како што соопшти Владата, било констатирано дека „голем број од институциите, над 95 проценти ги реализирале инвестициите, за што е изразено задоволство со констатација дека сите економски мерки преземени минатата 2020 година дале резултати“.

Но, ако се погледне веб страната на Министерството за финансии, каде што се објавуваат податоците за реализацијата на капиталните расходи за секој месец, таму сеуште стои показателот дека за 11 месеци од 2020, биле реализирани само 56,5 проценти од капиталните расходи. Или, како сума тоа се 176 милиони евра.

Значи, се поставува прашањето како за само еден месец се потрошија 86 милиони евра, колку што е разликата меѓу 262 милиони за цела година, и 176 милиони за 11-те месеци.

Како што е познато, Финансии ја објавува реализацијата на капиталните инвестиции за секој буџетски корисник пооделно. Но, веб страницата се уште не е ажурирана, и не може да се види кој буџетски корисник колку потрошил од доделените буџетски пари за сите 12 месеци од цела 2020 година, туку само за 11 месеци.

Фактор направи анализа која од државните институции колку потрошила се до 11-тиот месец, од која може да се заклучи дека многу од нив не само што не искористиле 82 отсто или 95 проценти, туку имаат и далеку под просекот од 56,5 отсто. Има и такви чии трошења биле задоволувачки, но има и државни органи што треба да се пофалат, бидејќи веќе и на незавршена година, си го створиле целосно предвиденото во делот на државните вложувања. Да одиме со ред.

Второстепената државна комисија за инспекциски надзор и прекршочна постапка нема воопшто потрошено капитални инвестиции, или, кај неа стапката на реализација е нула. Таква стапка од нула отсто има и Бирото за судски вештачења, што значи дека и таа институција не искористила ништо. Собранието само 11 проценти, а Државниот завод за ревизија нецели 11 проценти. Антикорупциска заклучно со крајот на ноември има реализација од близу 3 отсто, а Државната изборна комисија 8 проценти. Државното правобранителство потрошило едвај над 1 отсто, а Уставниот суд 18 проценти. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците има потрошено само 2,4 отсто, а нешто повеќе има Секретаријатот за европски прашања, околу 12 проценти. Кабинетот на претседателот на државата потрошил 3,7 отсто од капиталните инвестиции.

Центарот за управување со кризи потрошил над 12 отсто, а Агенцијата за национална безбедност искористила едвај над половина процент. Управата за јавни приходи потрошила 6,5 отсто, а Министерството за економија има нецели 9 отсто. Државниот завод за заштита на индустриската сопственост има нецели 3 отсто, а Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Битола само 0,11 отсто. Државниот управен инспекторат има околу 2 отсто, а Државниот завод за статистика 2,5 отсто. 

МАНУ искористила 14 проценти, а Бирото за регионален развој околу 18 отсто од капиталните инвестиции. И, листата на исклучително слаби искористувачи на буџетските пари за капитални расходи ја затвора Фондт за пензиско и инвалидско осигурување, со 0,23 проценти.

Како подобри трошачи, пак, заклучно со 11 месец лани, Фактор го издвојува Агенцијата за разузнавање, со над 78 отсто искористеност, Владата со над 61 отсто, потоа Службата за општи и заеднички работи на Владата со близу 89 отсто искористеност, како и Секретаријатот за законодавство, со околу 86 отсто. Меѓу подобрите биле и Инспекцискиот совет, со 81 отсто, како и Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, со 81 отсто. Управата за воење на матичните книги е уште подобра, со 91 процент.

Министерството за финансии, пак, има одлични 93 отсто реализација заклучно со 11 месец, а речиси идентична таква оствареност има и Дирекцијата за нафтени резерви. Државниот инспекторат за техничка инспекција има над 94 отсто реализација, а Управата за хидрометеоролошки работи има над 84 проценти.

Министерството за култура, со 99,2 отсто реализација на крајот на ноември е втор најдобар трошач на средствата за капитални инвестиции, веднаш после првото место на кое е Народниот правобранител, со 99,8 отсто.

Одлична реализација над 90 отсто имаат Државниот инспекторат за локална самоуправа и Комисијата за односи со верските заедници.

На последната прес конференција министерот Бесими немаше прецизно објаснување како толку многу капитални инвестиции или дури 26 отсто од вкупно предвиденте за цела година, се потрошиле во декември. Многу појасна слика ќе има откако ќе бидат објавени за цела година поединечните дрошења на сите државни органи. Министерот тогаш само кажа дека овој добар процент од 82 отсто е заложба и придонес на оние административни службеници што дале се од себе, од тимот на Финансии.

„Тие до 31 декември во вечерните часови во трезор работеа додека некој почна со домашните слави тие работеа во министерството. Овие 82 проценти се поради тоа што се јавувавме на телефон разговаравме со сите буџетски корисници јас како министер, заменикот, советниците во министерството службениците премиерот лично и сите други раговодители на институции“, рече Бесими.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега