Куновска: Проблемот не е во Теута Арифи
Објавено во: Македонија 02 Мај, 2022
Aктерката Софија Куновска, некогаш висок функционер во СДСМ, ја оцени како голем срам упорноста на власта по секоја цена да ја номинира поранешната градоначалничка на Тетово, теута Арифи, за амбасадор.
Вчера беше објавено дека е одбиениот предлог Теута Арифи да биде амбасадор на Македонија во Турција. Претходно имаше информација дека агреман за неа не е добиен од Вашингтон и од Брисел.
„СРАМ
Да се номинра три пати човек за амбасадор и три пати да биде одбиен од различни држави не е проблем на кандидатот туку на оној кој го кандидира. Евидентно дека приватните интереси се над државните. Османи постапува неодговорно, но секако тоа не е без согласност на државниот врв. Не ве плаќаме за да ни нанесувате ваков срам“, искоментира Куновска на социјалните мрежи.
Засега владее молк од Министерството за надворешни работи по информациите за одбиениот предлог Теута Арифи да биде амбасадор на Македонија во Турција. Побаран е и личен став од поранешната градоначалничка на Тетово, но не е добиен одговор дали е точно дека по Вашингтон и Брисел, и Анкара не одобрила агреман за неа.