11 Мај, 2024
0.2214

Љупчо Димовски во Берлин – Саемите за земјоделство даваат резултати

Објавено во: Агробизнис 17 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Делегација на Министерството за земјоделство, предводена од министерот Љупчо Димовски, ја претставува Македонија во Берлин, на саемот Зелена недела. Димовски утре ќе учествува и на Самитот на министрите за земјоделство, а ќе оствари и билатерални средби. Сепак, на саемот Зелена недела нема македонски производители. Според Димовски, производителите ќе се претстават на наредниот берлински саем Фрут логистика, како и на Ануга во Келн, зашто ефектите од презентацијата изминатава година го потврдиле применетиот концепт - да има презентација само онаму каде ќе има и добивка. „За илустрација би ги споменал ефектите од минатата година, кога во деновите на саемот Фрут логистика македонските производители склучиле договори за извоз со различни фирми во висина од 4 милиони и 670.000 евра. Станува збор за договри со 31 нова компанија кои го посетиле штандот на Македонија и по увидот на презентацијата склучиле договори со излагачите. На Ануга во Келн, само во текот на саемските денови биле склучени договори во вредност од 1 милион и 453.000 евра. Или присутните македонски производители само во текот на деновите на овие две саемски манифестации, склучиле договори за околу 6 милиони евра. Но, тоа не е единственото мерило, зашто понатаму соработката со контактите се надоградува и ефектите повеќекратно се зголемени“, истакна министерот Љупчо Димовски за Дојче веле. Ваквиот позитивен ефект, како посочи Димовски оди во насока на поагресивна промоција на македонските земјоделски производи. Средствата за промоција на земјоделството годинава се удвоени и изнесуваат 415.000 евра. Со нив треба да се покријат трошоците за закупите и опремувањето на штандовите на земјоделските саеми во повеќе држави.