10 Мај, 2024
0.0705

Лозарите си ги бараат парите од „Повардарие“

Објавено во: Агробизнис 24 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Неготинските лозари излегоа на протест пред капиите на винарската визба „Повардарие“, која не им го исплатила грозјето од лансакат реколта. Лозарите сметаат дека односот на визбата е несериозен кон нив, дека никој не се интересира како живеат кога лозарството им е главен извор на егзистенција. „Кога ни го купуваа родот добивме ветување дека исплатата ќе биде завршена за 30 дена, а еве поминаа и 150 дена, а пари уште нема. Неможе некој локален моќник да си игра со нашите пари. Ние како земјоделци од тоа егзистираме. И малкуте пари за нас се многу. Ни должат околу 30 милиони денари за смедеревка и вранец. Договорот за белото гројзе беше 30 дена за исплата, а уште нема пари. Може да замислиме што ќе биде со црното грозје. Околу 3 милиони килограми имам предадено во Повардарие“, рече сопственикот на фирмата „Полет шпед“ од село Тремник, фирма која откупуваше грозје за винаријата од индивидуалните лозари. Лозарите се закануваат дека доколку не ги добијат парите ќе преземат порадикални мерки. Ја критикуваат и Владата која „треба да внимава кому му дава дозвола да откупува грозје и да престане да ги штити винариите“. Незадоволните лозари ги поддржа и лидерот на Агротиквешија Љупчо Аризанов кој посочи дека е забавена динамиката на исплата во неготинскиот винарски подрум. Крајниот рок за исплата на грозјето од ланската реколта е 30 април, но лозарите велат дека им било ветувано оти парите ќе ги добијат многу порано. Со ветувања за побрза исплата винарските визби ги убедуваа лозарите да го предадат нивното грозје токму кај нив, особено за сортата смедеревка која годинава беше особено барана.