11 Мај, 2024
0.0275

Македонија на 36-то место по здрава храна на трпезите

Објавено во: Агробизнис 15 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Најхранлива и најздрава храна се јаде во Холандија, покажа истражувањето на меѓународната мрежа на хуманитарни организации за борба против гладта во светот Оксфам. Во анализата која опфати 125 земји, се оценува пристапот до храна и нејзиниот квалитет во однос на цената, процентот на потхранети деца, разновидноста на храната и пристапот до чиста вода, како и негативните последици за здравјето како дебелината и дијабетисот.

„Холандија создаде добар пазар, кој им овозможува на луѓето да имаат доволно храна. Цените се релативно ниски и стабилни, а видот на храната, која луѓето ја јадат е урамнотежена“, изјави Дебора Хардон, координатор на истражувањето.

Македонија е на 36-то место на листата, а од останатите земји од регионот Хрватска е на 30-то место, Словенија на 33-то, а Албанија на 42-то место. Интересно е што, со исклучок на Австралија, првите 20 места на листата ги заземаат европски земји. Освен Холандија, меѓу првите десет се и Франција, Швајцарија, Данска, Шведска, Австрија, Белгија, Ирска, Италија и Португалија.

На дното на листата, пак, преовладуваат африканските земји, заедно со Лаос, Бангладеш, Пакистан и Индија. На последно 125-то место се наоѓа Чад.

САД се на 21-то место, заедно со Јапонија. САД на оваа позиција се поради високата стапка на лица со прекумерна тежина и дијабетис, а Јапонија поради скапата храна.