МИ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ НА 27 ГОДИНИ, СЕГА ИМАМ 57 - пријателите, пациентите, другарите... се простуваат од д-р Угриновски
Објавено во: Македонија 01 Декември, 2022
Не стивнуваат реакциите по смртта на познатиот неврохирург, професор д-р Јовица Угриновски, кој вчера беше погребан на градските гробишта во Бутел.
Бројни поранешни пациенти, пријатели, другари, но и здравствени установи со кои соработувал, не престануваат да се простуваат од него на социјалните мрежи.
Со реакција се јави и поранешниот новинар и експерт за евроинтеграции, Валентин Нешовски.
„Јовица. Ми го спаси животот на 27-годишна возраст. Денес имам 57. Ми подари барем 30 години живот со семејство, пријатели, дружби, цигари, понекоја чашка алкохол. Ми рече еднаш да го живеам животот со полн здив, па и со некој порок затоа што - „Па и не иде да умреш здрав“, ми рече шеретски и ми намигна. Станавме и пријатели. На ретките средби ќе ми речеше, добар си ти - ме послуша што ти реков.
Еј Јовица, пријателе, и таму каде што отиде, знам, ќе делиш добри совети и боемштина затоа што беше добар познавач на животот“, напиша Нешовски на фејсбук.