02 Мај, 2024
0.0241

На банките е редот?!

Објавено во: Анализа 31 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Ако по нешто знаеме за доброто корпоративно управување во банките, сега да одимe еден чекор подалеку.

Доброто корпоративно управување би требало да придонесе за поефикасно управување со секоја компанија. На тој начин компаниите треба да станат поконкурентни на пазарот и полесно да дојдат до капитал. Ако тргнеме од претпоставка дека банките имаат воспоставено добро корпоративно управување и од фактот дека во македонската економија банките се главните нејзини играчи, тогаш се поставува прашањето зошто да не побараме банките да бидат еден од главните промотори на корпоративно управување во компаниите во државата! Во банките се позајмуваат и штедат македонските граѓани. Компаниите земаат кредити и целиот бизнис го кројат во зависност од одобрените средства од банката. И секако да не ја заборавиме државата која исто така континуирано пополнува дупки во буџетот од банкарските пари. Ако се согласуваме со претходно кажаното следи барањето до македонските банки да ги воведат добрите стандарди на корпоративно управување во компаниите. А како да се направи тоа? Многу лесно или само фикција? Да ги разгледаме можностите. По правило банките финансираат компании кои се кредитноспособни и имаат добар проект. За да може истото да се оцени, пред се, се ценат добрите бројки во финансиските извештаи на компанијата, начинот на управување и акционерската структура во компанијата. Ако е така, македонските банки се тие кои треба да инсистираат барем најмалку на две работи: точни и вистинити финансиски извештаи и квалитетно управување од страна на менаџментот и сопствениците во компаниите. Инсистирање на точни финансиски извештаи повлекува кредитирање на компании единствено доколку бројките целосно го отсликуваат целокупниот бизнис на компанијата. Нема формални и неформални бројки, нема непишани правила и приказни, има само бројки во билансите кои се единствени релевантни податоци за работењето на компанијата. Банките може да влијаат на квалитетот на управување со компаниите на повеќе начини. Преку давање на советодавна функција и стручна помош во изработка на успешни бизнис планови и ефикасни решенија за зголемување на профитот. Преку барањето на банката од компаниите да доставуваат податоци и изготвуваат извештаи на редовна основа со што ќе се зголеми транспарентното работење на компаниите. Преку инсистирањето на банките да кредитираат единствено фирми кои се интегрирани во системот, односно редовно плаќаат давачки, редовно ги ажурираат податоците во централниот регистар и не помалку битно, имаат ангажирано и работат со квалитетни професионални сметководители, правници и ревизори. Можеме да бараме и уште повеќе. Банките кои ја кредитираат компанијата да имаат одлучувачко влијание кога се носи поважна одлука во компанијата. Ова можеби на некој ќе му звучи чудно, па дури и иритирачки. Па нели сопственоста е светост, и со устав загарантирантирано право на поединецот. Да, тоа е точно, но во бизнис опкружувањето важат други правила на игра. Секоја компанија за да се задолжи треба  да ги праша своите акционери. А кога еднаш ќе се задолжи во банка ќе треба да ја праша и банката како доверител за секое следно задолжување или преоптоварување на својот имот. Исто така, секој месец кај банката каде е задолжена, компанијата ќе треба да го оправда своето работење, да наведе дали има склучено нови бизнис зделки или дали ги наплатила своите побарувања, или можеби била тужена или посетена од некоја државна инспекција, и сето тоа компанијата треба да го документира и оправда. Оттука, и не треба да не чуди, ниту плаши идејата во надзорните одбори или одборот на директори на компаниите да седат лица кои се претставници од банките.  Овие лица, како и останатите членови во надзорниот одбор/одборот на директори во компанијата треба да придонесат за соодветна контрола на работата на менаџментот и за ширење на бизнисот и деловните контакти на компанијата. Мешањето и влијанието на банките врз работата на компаниите не е нималку нова идеја, ниту наша измислица, тоа е процес кој во Германија, која претставува водечка сила во европската бизнис заедница, со децении трае. Има една наша македонска поговорка која оди вака „на арниот коњ ѕвонец му ставаат“. Па така и ние со банките. Секогаш е полесно кога некој веќе има воспоставено инфраструктура која функционира, и е успешен во неговиот основен бизнис - да побараш и уште нешто да направи. Само треба да се има на ум дека банките доколку инсистираат на добро корпоративно управување во компаниите кои се нивни клиенти, не значи дека тие само ја одигруваат својата улога во подигање на корпоративната свест во бизнис заедницата. Напротив, основниот бизнис на банките уште долго ќе трпи ако банките, краткорочно ги поставуваат своите цели. Едукативната функција на банките во македонската економија  ќе значи многу за сите учесници, а на крајот повторно најмногу за банките. Компаниите кои транспарентно го водат својот бизнис, се истите компании кои потоа од банките ги користат најголемиот број од нивните производи и услуги и на крајот на денот ги пласираат своите средства како депозити во банките. Од секогаш важело правило за да може да се земе нешто треба и да се даде. Можеби на почеток ќе биде тешко да се кредитира компанија која ги задоволува условите, и секако економската логика на бизнисот ќе се судри со принципите за перспективно работење на долг рок,  но подоцна „медот“ полесно и подолго ќе се собира. На банките е редот?!  м-р Искра Ивановска Стојановска