Граници ќе се прекројуваат и на северот на Европа!?
Објавено во: Свет 04 Септември, 2018
Штом Британија конечно ќе излезе од Европската унија, тоа би можело да ја зголеми поддршката за независна Шкотска и за обединета Ирска.
Ова се споменува во најновата анкета, објавена од проевропската група „Best for Britain“.
Истражувањето, исто така, сугерира дека поддршката за обединета Ирска ќе скокне кога Британија ќе ја напушти ЕУ, особено ако се воведе цврста граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска. Од 1,199 анкетирани во Северна Ирска, 52 проценти одговориле дека ќе гласаат за обединета Ирска.
Четириесет и седум проценти од Шкотите изјавија дека ќе ја поддржат независноста ако се одржи референдум по Брегзит, додека 43 проценти велат дека ќе гласаат за да останат во Британија. Шкотска ја отфрли независноста од 55 на 45 проценти на референдумот во 2014 година. Шкотските гласачи се залагаа за останување во Европската унија, при што 62 проценти на референдумот во 2016 година, гласаа за да останат.
Доколку би се одржал нов референдум, граѓаните на Велика Британија би гласале да останат во ЕУ, објави „Индепендент“ во мај годинава.