На истата платформа за ваучерите од 6.000 денари ќе бидат и понудите на хотелите
Објавено во: Економија 08 Јуни, 2020
Хотелите и другите сместувачки капацитети ќе ги даваат своите понуди за ваучерите од 6.000 денари кои ќе ги доделува Владата за поддршка на туризмот за вработените со ниски приходи на истата интернет платформа www.domasiedoma.gov.mk на која ќе се најдат и имињата на граѓаните-добитници.
„Во завршна фаза е платформата „Дома си е дома“, која ќе биде оперативна до крајот на неделата и ќе бидат испрратени ваучерите преку оваа платформа до сите кои ги исполнуваат условите. Ваучерот ќе биде испратен по мејл, откако кодот ќе го доставите до УЈП. Граѓаните ќе може да изберат каде, односно во кој туристички капацитет ќе го минат одморот. На платформата ќе бидат објавени сите понуди на оние кои имаат капацитети за гости и кои имаат доставено барање до министерството за да ја даваат ова услуга“, рече Бектеши на денешната прес-конференција и најави дека граѓаните ќе може да ги искористат од 15 јули до 15 декември.
Сите граѓани кои ги исполнуваат условите за ваучер за домашен туризам, преку УЈП на својата е-пошта ќе добијат QR код, заедно со упатство за користење на истиот, Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени околу 115.000 граѓани, со буџет од 16 милиони евра кој е ставен на располагање за поддршка на домашниот туризам.
Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, На истите граѓани кои ќе добијат ваучер во вредност од 6.000 денари им следува и електронска платежна картичка во вредност од 3.000 денари која можат да ја користат во сите угостителски објекти за исхрана и во објектите каде ќе одмараат и во други угостителски објекти за исхранa.