26 Април, 2024
0.0324

На ниеден од факултетите во Македонија не се учи ова што го гледаме во „Скопје 2014“

Објавено во: Економија 22 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Архитектот Мартин Пановски е новиот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), кој доаѓа на местото на Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. Пановски посочува дека фокусот на ААМ и во следните години ќе биде унапредување на статусот на архитектите во општеството, грижа за изградениот и неизградениот простор, активно учество во креирање на законските акти од областа на архитектурата и друго. Во изминатите години ААМ како асоцијација силно се спротистави на реализацијата на проектот „Скопје 2014“ и застана во одбрана на Скопје од барокниот стил  што се наметна со овој проект. Новиот претседател на ААМ вели дека ставот на ААМ за овој проект е ист како и кога се најави проектот.„Скопје 2014 не направи само физички упад во урбаното ткиво на Скопје, туку направи упад во методологијата на изградба и развој на просторот“, вели Пановски во интервју за Фактор.

Фактор:Како нов претседател на  Асоцијацијата на архитекти, каква е вашата стратегија запонатмошните активности на ААМ, за што ќе се залагате?

Пановски:Во статутот на ААМ се наведени целите на асоцијацијата и секое раководство треба да се стреми да ги достигне. Тоа се унапредување на статусот на архитектите во општеството, грижа за изградениот и неизградениот простор, активно учество во креирање на законските акти од областа на архитектурата итн. Новото раководство ќе продолжи со организација на традиционалните архитектонски случувања во земјава, како што се Биеналето на македонската архитектура, доделувањето на Голема годишна награда за архитектура и наградата за животно дело Андреја Дамјанов. Ќе продолжиме со активниот пристап во однос на општествените случувања кои ја допираат архитектурата на еден или друг начин. Во програмата на новото раководство се зацртани неколку теми на кои ААМ ќе се посвети во следните три години. Пред се ќе се посветиме на интегрирање на младите архитекти во архитектонскиот дискурс. Тие, можам да кажам, се и најразочарани од состојбата во која се наоѓа архитектурата и архитектонската фела во последнава декада. Се поголем е бројот на млади архитекти кои својот талент гледаат да го искажат надвор од Македонија. Средување на законската регулатива може да се издвои како главна активност на која ќе се насочи работата на новото раководство. Долги години законската регулатива е нејасна, непотполна и се менува на дневна основа за разни политички и финансиски потреби. Просто е невозможно да работите во такви услови, не само како проектант туку икако архитект вработен во општина или во друга државна институција. Се надевам и на соработка со Комората на архитекти и инжинери во можеби најболната точка за нас, формирање на минимална цена на услугите кои ги даваат архитектите и инжинерите.

 

Фактор:ААМ како претставник на архитектите изминатиов период застана во одбрана на архитектурата на Скопје, особено во перидот кога се спроведуваше проектот Скопје 2014, дел од архитектите го поддржаа овој проект, ААМ застана во одбрана на стариот лик на Скопје. Што мислите за овој проект, беше ли потребна неговата реализација?

Пановски:Овде станува збор за дел од архитектурата кој значи проектирање и планирање. И не значи дека секој кој што завршил архитектонски факултет по правило е проектант. Ако некој човек работи како новинар, а има завршено архитектонски факултет, тој не е архитект. Тој е новинар. Исто како што некој кој има завршено медицина а работи со трговија со лекови, не е доктор. Не може да лечи пациенти. А ако му дадете да ги лечи, може да сте сигурни дека исходот нема да е добар.

Неколкумината кои работат на Скопје 2014 не може да ги сместите рамо до рамо со останатите. Овде не зборувам само за бројка на луѓе, туку и за нивно проектанстко искуство. Може да направите истражување за искуството на сите автори на Скопје2014 и да ги соберете сите нивни дела пред Скопје 2014, нема да бидат дораснати на делата на еден член од Академијата на ААМ. Мора еднаш засекогаш да се сфати дека архитектурата се изучува како и секоја друга наука. Со заклучокот дека има поделеност по ова прашање, во јавноста се прави погрешна слика и за целиот образовен систем во кој се изучува архитектурата. На ниеден од факултетите во Македонија не се учи ова што го гледаме во Скопје 2014. Да бидам јасен, не се учи никаде во светот. Дискусии и спротивставени ставови внатре во фелата нормално дека има, но во никој случај за ова.

За Скопје 2014 веќе и не сакам да мислам. ААМ го има кажано мислењето уште 2010 на вонредно собрание и го кажува сите овие години. Сакам да мислам што ќе се случува со Скопје 2014. Во моментов немаме доволно информации за изградените објекти, за да можеме да дадеме некаков конкретен предлог. Ќе инсистирам ААМ да даде свое стручно мислење кое ќе биде резултат на стручна анализа на собраните информации. Мислам дека анализата што претставува Скопје 2014 е веќе многу зборувана и треба да се свртиме кон решавање на проблемот и да престанеме со негово дефинирање. Тој е тука и јасен им е на сите.

Скопје 2014 не направи само физички упад во урбаното ткиво на Скопје, туку направи упад во методологијата на изградба и развој на просторот. Поважно во моментов е тој систем да се врати во стручни рамки, зошто вака изместен се прелева на сите градови низ Македонија што резултира со катастрофални последици на урбаното ткиво.

 

Фактор:Сметате ли дека за  архитектите кои учествуваа во реализацијата на Скопје 2014, финасиите беа поприоритетни од архитектонските правила, па за момент се изгуби значењето на архитектурата и суштината на зборот архитект?

Пановски:Овде можам да зборувам за финансиите на архитектите. А и сакам да зборувам, бидејќи тоа е клучната работа за напредокот на архитектурата во Македонија и е клучна работа која ги интересира членовите на ААМ. За појавата на Скопје 2014 мислам дека финансиите на архитектите кои се инволвирани во проектот не се од клучно значење. Мислам дека од клучно значење за нив е добивањето на статусот Архитект. Повторно, проверете ги делата на авторите на Скопје 2014 пред Скопје 2014 и се ќе ви стане јасно. Губењето на значењето на зборот архитект е изгубено кога цената на архитектот и сите инжинери заедно е иста со цената на мајсторот кој лепи керамички плочки. За споредба, во соседна Србија просечната плата ако не се лажам е за некои 10% поголема од кај нас. Од друга страна проект во Србија чини околу 20, а кај нас 5 евра по м2. Ако ги погледнете јавните набавки ќе ја видите таа цена. Тоа значи дека една иста работа во Македонија би ја вршел еден архитект, а во Србија истата работа ќе ја вршат 4 архитекти. Нормално е дека проектот изработен во Србија ќе биде на повисоко ниво од оној изработен во Македонија. Плус српските архитекти ќе имаат 10% поголема заработувачка со што ќе може да си дозволат стручна надобразба и развој. Кај нас ова надлежните институции или не сакаат да го разберат или не можат да го разберат. Уште во првиот закон за формирање на комората стои дека ќе се утврди минималниот надоместок за услугите на архитектите и инжинерите. Тоа до ден денешен не е направено.  Уште за да биде полошо архитектонските проекти се ставени во рамки на јавни набавки со електронска негативна аукција. Од најниската понудена сума ја спуштате цената на аукција. Всушност со ова државата ви кажува дека квалитетот не е битен. Смешно е кога ќе видите дека под оценка за квалитет се бодува колку вработени имате. Мислам дека во основно училиште се учи што е квалитет а што квантитет. За да оцените квалитет на некој архитект има два начина, тоа се архитектонски конкурс и архитектонско портфолио. Сето ова резултира дека архитектите во Македонија да немаат статус каков што го имале и каков што го имаат во станатите земји од Европа. Сепак живееме во капитализам и ако архитект плаќате како мајстор толку и ќе го цените неговото мислење. Од страна на архитектите како реакција добивате незаинтересираност за урбаниот простор што е и разбирливо. Никој не треба да очекува дека архитектите ќе работат како добротворна организација.

Фактор:Иако беше најавен како Скопје 2014 и се очекуваше тогаш и да заврши, сепак проектот сеуште се реализира, како ќе се борите од понатамошно наметнување на барокот во Скопје?

Пановски:Борбата на ААМ против барокизирањето на Скопје ќе ги задржи принципите кои ги има од 2010 навака. Искрено не гледам друг начин. Знам дека напорите на ААМ не вродија со плод, но мислам дека е илузорно некој и да очекува во ваква политичка состојба да спречи ваков вандалски чин на уништување на архитектонски дела кои сведочат за едно време.

Фактор:Јавна тајна е дека парите за реализација на проектот Скопје 2014 од првично најавените досега неколку пати се зголемија, се зголеми и бројот на споменици и објекти кои се опфатија со овој проект. Деновиве и Специјалното јавно обвинителство отвори истрага за Музејот на македонската борба. Треба ли некој да понесе одговорност од архитектонски, културолошки аспект и од аспект на потрошени пари?

Пановски:Со одговорноста гледано од архитектонскиот аспект ќе треба да се занимава Комората на овластени архитекти и инжинери, зошто таа е институцијата која ги дава овластувањата за проектанти, а воедно и ги одзема. Мислам дека ова прашање би требало да е упатено кон нив и одговорот да го барате таму. Но тука се наведува прашањето зошто само од архитектонски аспект? Зошто не и од градежен аспект? Градењето во коритото на Вардар пред се е во доменот на градежниците. Зошто гадежниците се изземени од одговорноста кога станува збор за Скопје 2014 и се прозиваат само архитектите? Оговорноста од културолошкиот аспект и финансиски ќе ја понесеме сите граѓани на Скопје. За жал на упадот во нашиот град одговоривме со потсмев, а не со цврст став. Ќе издвојам само еден дел од разговор кој го водев со мојот професор во Загреб, кога го виде Скопје 2014. Неговата реакција беше „Мартине, овде престануваш да бидеш архитект и стануваш граѓанин и прашуваш за што ни ги трошат парите. Не зборуваш за архитектура“.

Фактор:Во која насока треба да се движи архитектурата, како треба да архитектонски да се развива Скопје?

Пановски:Па воглавно во архитектурата како и во се друго нештата се движат во еден правец. Напред. Не викам дека има една права архитектура и дека тоа е една единствена насока. Повеќе се, но сите тие насоки покажуваат напред. Тоа е природна човечка особина да создава нови работи или со други зборови да биде креативен. Урбаниот развој на Скопје од 1914 кога е и првиот урбанистички план за развој на Скопје по отоманското владеење па се до 2014 година се движи напред паралелно со светските текови во архитектурата. Ужасни се мегаломанските визии за Скопје. Да ни биде главна цел да ги стигнеме другите градови во Европа е пристап кој покажува големи коплекси на пониска вредност. За жал Скопје 2014 ги покажува овие комплекси во полно светло. Тоа е најголемата навреда кон граѓаните на Скопје. Мислам дека поголемиот дел ги немаме овие комплекси. Мојата замисла за Скопје е град кој природно ќе се развива. Град кој е современ каков што секогаш и бил, незагаден, чист. Со алтернативни начини на транспорт, со современи згради, со многу јавни простори. Едноставно да биде убаво место за живот. Мислам дека Скопје треба да се развива за граѓаните а не за туристите.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра