03 Мај, 2024
0.0290

НАСТАВА ВО ВРЕМЕ НА БОМБИ - НЕКОИ НА ЗУМ, НЕКОИ НА ТИМС: Онлајн е падни-стани, а еден родител зема по 5-6 деца и ги носи во канцеларија

Објавено во: Македонија 02 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Бабите, тетките, соседите, пријателите...сите се ставени во функција

Секојдневните бројни дојави за бомби во училиштата, и во средните и во основните, речиси целосно ја парализираат државата во сите сегменти. Се јавуваат низа проблеми за кои решението не е ниту на повидок. Старите главоболки на родителите се враќаат, но како што велат во разговорот за Фактор, разликата е огромна од периодот кога наставата се одвиваше онлај за време на пандемијата на корона вирусот и сега.

-Тогаш барем знаевме, нема настава со физичко присуство, сите се дома, се купија лап-топи, се позајмија, се снајде секој кој како знае е и умее. Бабите или ќе ги донесевме кај нас дома, или децата ги носевме кај нив и проблемот некако организирано го надминавме. Сега не се знае дали дента ќе има бомба или ќе нема бомба. Никој од нас „не виси на закачалка“, но најмалите деца мора некој да ги згрижи кога ќе се јават од училиштето и ќе ни соопштат дека во тек е евакуација. И во ваков случај почнува нашата голгота. Мојот сопруг има приватна фирма, зема по неколку деца од одделение и ги носи во канцеларија, зошто родителите на останатите не се во можност, Таму, ниту децата учат како што треба, ниту пак вработените може да фатат работа како што треба. Истовремено, баба на едно од другарчињата на мојата ќерка исто така собира по 5-6 ученици и ги носи кај неа дома. Колешка моја ја замолува сестра и, која дента е втора смена на работа на пример, да и го земе детето. И што понатаму да ви кажувам, ова е невиден хаос. Во државава нема ниту учење, ниту работење, нагласува Павлина В. од Скопје, чија ќерка е второ одделение во едно од основните училишта.

Павлина исто така потенцира дека родителите веќе се закануваат дека од денеска нема да ги пуштаат своите деца во училиште, пред се за да не ги трпат траумите, а, како што вели нема да ги вклучуваат ниту на онлајн настава, притоа нагласувајќи дека е крајно време проблемот да се сфати сериозно и дражавните институции да најдат решение за да се стави крај на ова.

Онлајн наставата е падни-стани, има бројни недостатоци

За да не се губи од наставните содржини, МОН предложи доколку има дојави за бомби часовите да продолжат онлајн откако учениците ќе се вратат дома. Имаат време токму еден час. Но, наставниците со кои разговараше Фактор велат дека ниту ова не функционира како што треба.

Некои училишта користат Зум, некои пак се на Тимс, како што се работеше за време на пандемиските учебни години.

-За учениците од погорните одделенија и секако во средните училишта не им е проблем да даунлодираат Зум или да се вклучат на Тимс, проблем имаат најмалите, оние кои дента ги згрижиле бабата или дедото. Но, проблем имаме и ние наставниците бидејќи онлајн наставата не е добро организирана. Тимовите на Тимс ги правиме ние самите, МОН не направи тимови за учебната 2022/23, заради што сега имаме сериозни технички проблеми. Ако јас лани сум предавала на 7 А, тие ученици сега се 8 А и имаат нов наставник по предметот кој јас го предавам. Токму затоа ние сами ги создаваме тимовите, а тоа треба да го направи министерството. Освен тоа, тестовите, како и испрашувањата постојано ги одложуваме, бидејќи сакаме учениците да ги направат во училница,односно да одговараат усно со физичко присуство, а не при онлајн настава. Едноставно кажано, сето ова не функционира, не функционира со големо „Ф“ напред. Дали е ова целосен распад на системот, навистина се прашувам, вели за Фактор наставничка по историја.

Што правиме и дали нешто воопшто правиме за да се реши ситуацијата

Дојавите за бомби се навистина сериозно прашање за кое мора да се најде решение, со цел да се смири населението. Време е некој од раководителите на институциите од безбедносниот сектор да излезе со кредибилна и одржана изјава за она што се случува и за потенцијално решение, вели за Фактор, универзитетскиот професор Алесандар Нацев, Декан на факултетот за детективи и криминалистика при Европски Универзитет.

-Проблем е што ова досега не го видовме, туку се изнаслушавме најразлични изговори и пренасочувања на одговорноста и вниманието. Неколку министри и премиерот излегуваат и кажуваат дека се работело за хибридна закана или дека заканите се последица на ангажманот на Македонија во некои геополитички случувања. Во ред, убаво што дефинираа (и тоа ептен нашироко), но ајде да видиме што прават за да најдат решение. Впрочем, една од главните задачи на безбедносните и разузнавачките служби е справување со хибридни закани, и не значи дека ако сте ја ставиле таа задача на хартија (во закон или уредба) или ако на прес-конференција се прогласите за надлежен за неа, тука завршува работата, туку дајте да видиме што правите за да се реши ситуацијата. Во однос на изворот на заканите, тие може да доаѓаат од различни извори и во моментов е тешко да се детектира точната цел на оној кој стои позади ова, затоа што се покажа дека сите закани се лажни, а не видовме и некое соопштение до медиумите од лажниот бомбаш, некаков вид манифест или листа со барања. Она што јавноста мора да го знае е дека апсолутно треба да се одржи максимална будност и почитување на процедурите кои се утврдени за постапување во вакви ситуации и да се следат насоките од одговорните безбедносни органи, посочува проф. Нацев.

Според него, изминативе месеци, не само училиптата, туку и бројни институции беа под хакерски напади, но алармантно е тоа што сето ова се обидува да се сокрие од јавноста.

-Кога сме кај дојавите, треба да се разреши и дилемата која ја постави премиерот дека дел од справувањето било доделување на нови електронски адреси на училиштата (што е апсолутно смешно и несериозно како пристап), но тие биле веднаш откриени од дојавувачите. Многу проблеми во оваа равенка на премиерот, но ајде да видиме како новите мејлови веднаш биле пробиени и искористени од дојавувачите. Одговорите кои први доаѓаат на ум се дека или серверите на МОН биле хакирани и украдени податоците на новите мејл адреси или некој од МОН ги доставил до дојавувачите, што е всушност манифестација на инсајдер (внатрешна закана). Кое и да е од овие две, подеднакво е лошо, бидејќи последниов период нема државна институција која не доживеа хакерски напад, а уште пострашно е што тие напади се криеаја од јавноста, дури и кога беа загрозени витални услуги за граѓаните (примерот со ФЗОМ). На крај, може да се заклучи дека последните случувања ја извадија на површина целата тромост и неподготвеност на безбедносниот сектор како целина, без да ги посочувам индивидуалните институции, бидејќи секоја од нив мора да даде свој придонес во справувањето со заканите, а како што гледаме, со текот на деновите се повеќе се парализира државата, а дојавите метастазираа од училишта во Скопје кон приватни компании (аеродроми, трговски центри и слично) и училишта во сите градови, вели проф. Нацев.

МОН кусо – отворена е истражна постапка која треба да даде одговори

-За заканувачките дојави во училиштата отворена е постапка од страна на истражните органи во државата предводени од Министерството за внатрешни работи, така што, Министерството за образование и наука не би можело да сподели други информации. Инаку, електронските адреси на училиштата се јавно достапни на нивните веб страници и профили на социјалните мрежи. МОН даде препорака во деновите кога има заканувачки дојави, наместо учениците да се ослободуваат целосно од настава, училиштата во кои пристигнале такви дојави, да ги насочуваат дома со цел да се вклучат во онлајн настава. Се користи Teams апликацијата која функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн настава. Добивме известувања од неколку училишта дека имало прекин во функционирањето, односно користењето на Teams, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки, велат за Фактор од МОН.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

Стопанска комора: Избрзана, непазарна одлука за авто осигурувањето

Стопанска комора: Избрзана, непазарна одлука за авто осигурувањето

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА УПРАВИТЕЛ И ДИРЕКТОР НА ЈП ПАЗАРИ БИТОЛА - злоупотребиле над 20 илјади евра

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА УПРАВИТЕЛ И ДИРЕКТОР НА ЈП ПАЗАРИ БИТОЛА - злоупотребиле над 20 илјади евра

ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД ВО ГРЦИЈА ПА И ДА ВРНЕ: Македонците навалија кон соседите, еве како е на границите

ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД ВО ГРЦИЈА ПА И ДА ВРНЕ: Македонците навалија кон соседите, еве како е на границите

Велипеток - најтешкиот ден во годината

Велипеток - најтешкиот ден во годината

„МНОЗИНСТВОТО АЛБАНЦИ НА ОВИЕ ИЗБОРИ ГО ПРЕТСТАВУВА ВРЕДИ“: еве што му порача некогашниот сопартиец Меџити на Османи

„МНОЗИНСТВОТО АЛБАНЦИ НА ОВИЕ ИЗБОРИ ГО ПРЕТСТАВУВА ВРЕДИ“: еве што му порача некогашниот сопартиец Меџити на Османи

„КАКО ЌЕ ГЛАСАТЕ Е АПСОЛУТНО ВАША ЛИЧНА РАБОТА“: професорката Ванковска со јасен став за изборите

„КАКО ЌЕ ГЛАСАТЕ Е АПСОЛУТНО ВАША ЛИЧНА РАБОТА“: професорката Ванковска со јасен став за изборите

МАКЕДОНИЈА ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ЦИКЛОН: Денес и во сабота свежо и со засилен ветер, ќе има и врнежи и грмежи

МАКЕДОНИЈА ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ЦИКЛОН: Денес и во сабота свежо и со засилен ветер, ќе има и врнежи и грмежи

„ЈАС ТВРДАМ ДЕКА ЛАЖЕ“: Најчевска распали по изјавата на Османи за две мнозинства, бара објаснување од поранешниот министер

„ЈАС ТВРДАМ ДЕКА ЛАЖЕ“: Најчевска распали по изјавата на Османи за две мнозинства, бара објаснување од поранешниот министер

ФАКТОР НА ДЕНОT: Силјановска Давкова и Пендаровски со спротивставени ставови за тоа кој бега од дуел, се јави и МТВ

ФАКТОР НА ДЕНОT: Силјановска Давкова и Пендаровски со спротивставени ставови за тоа кој бега од дуел, се јави и МТВ