06 Мај, 2024
0.0235

Национални паркови како градилишта: природата жртва на бизнисот?

Објавено во: Економија 02 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Изградба на викенд населба во Лазарополе, ски- центар и експресен пат на планината Галичица, изградба на хидроцентрали Луково поле и Бошков Мост во мавровско, елитна наслеба Сончев град во скопско, туристичка зона во охридско Љубаништа- овие проекти  лоцирани во Национални паркови, сериозно ќе го нарушат биодиверзитетот, укажуваат екологистите. Реализацијата на дел од овие проекти е веќе почната, за дел се чекаат физибилити студии, а некои се само во најава. Дел од регионите каде што се планира реализацијата на проектите се заштитетни од УНЕСКО. -Вкупната тероторија на заштитени подрачја на Македонија изнесува нешто околу 9% (од кои повеќе од половина претставуваат трите национални паркови).Овој процент според обврските од Бернската Конвенција, која Македонија ја има ратификувано во 1998 година, и Стратешкиот план за биодиверзитет до 2020 година на Постојаниот Комитет на конвенцијата треба да изнесува над 17%. Секоја земја потписничка на конвенцијата треба да обезбеди правна заштита, унапредување и соодветно управување со цел зачувување на териториите заштитени врз основа на нивните природни вредности. Изгледа дека Македонија заборавила на обврските на овој меѓународен акт и наместо да се движи во насока на зголемување и унапредување на заштитените подрачја константно го зголемува притисокот врз природното богатство заштитено со Устав, вели Александра Бујароска, од Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“. Дел од екологистите потсетуваат дека и укажувањата на Европската унија се во насока на тоа дека животната средина и економијата одат заедно но само во услови кога се почитуваат принципите за заштита на животната средина. -Наспроти ставот на поранешниот министер за животна средина г-дин Абдулаќим Адеми, дека екологистите треба да заборават малку на животната средина за сметка на економијата, поранешниот Еврокомесар за животна средина Јанез Поточник, изјави дека животната средина и економијата одат рака под рака доколку ги почитуваме принципите за заштита на животната средина и целиме кон зелен развој, вели Весна Илиевска-Утевска, проектен асистент на “Еко-свест”. Дали за сметка на бизнисот се жртвува природата? Според екологистите надлежните на заштитрените подрашја гледаат како на потенцијални “градежени парцели “, а негативните последици кои ќе произлезат од реализацијата на градежните активности се непроценливи. -На заштитените подрачја повеќе се гледа како потенцијална „градежна парцела“. Носењето одлуки и спроведувањето активности кои имаат негативни последици врз животната средина и природата на догорочен рок се покажало како неисплатливо. Доказ за ова претставува штетата која денес ја трпиме поради индустрискиот развој во минатиот век (на пример загадувањето во Велес, чии последици до ден денес претставуваа проблем и за чија санација и ремедијација се потребни енормни средства). Поради ова одамна е надминат ставот дека природата треба да и се покори на економијата. Во 21 век прифатен е ставот дека економијата и животната средина одат заедно и поради тоа бројни легислативни одредби налагаат детална анализа на влијанието врз животната средина пред отпочнување со било каков проект и активност или при дефинирањето одредени стратешки приоритети. Во дефинирање на економските активности на долгорочен рок имератив е начелото на заштита на животната средина и зачувување на природата и затоа бизнисите треба да се развиваат во синергија со природата, вели Бујаровска. Се чекаат студиите за проектот Луково поле и Бошков мост Реализацијата на проектите Луково поле и Бошков мост неминовно ќе резултира со сериозни последици по дивиот свет и животната средина, укажуваат екологистите. Дел од парите за Луково поле се обезбедени од Светска банка, а за Бошков мост дел од парите се од Европската банка за обнова и развој. Во интервју за британски Гардијан, деновиве портпаролката на ЕБОР, во врска со најавените инвестиции во хидроенергетскиот проект „Бошков Мост“, изјави дека проектот е стопиран и дека во тек е изработка на нова студија. Во весникот пишува дека банката се уште не исплатила ниту денар за реализација на проектот Бошков Мост, а целата процедура околу проектите е моментално запрена. Од енергетски аспект, изградбата на овие две хидроцентрали ќе влијае врз намалување на увозот на струја, но од еколошки аспект, биолозите алармираат дека на Мавровскиот национален резерват му се заканува пропаст. -Во тек е спроведување на „нова“ студија за оценка на влијанието врз животната средина. Се додека студијата не се заврши, нема да се преземаат никакви активности. Поради жестоките реакции од страна на експертите од областа на заштита на животната средина и засегнатата поширока јавност, работата на терен е отежната. Многу е веројатно дека ќе треба да се свртиме и да се откажеме, изјави претставникот на ЕБОР за британски Гардијан. Од државната ЕЛЕМ која е инвеститор изјавија дека немаат добиено официјално известување од ЕБОР за стопирање на работите  на проектот Бошков мост. Сите  активности се реализираат според предвидената динамика договорена помеѓу државата и меѓународниот финасиер. Состојбата со Луково поле е уште покомлицирана, велат еколозите. Физибилити студијата за Луково Поле сеуште не е готова а треба да ја изработи Светска банка. -Направена е студија за оцена на влијанието врз животната средина за проектот Бошков мост која дава информации како тој проект влијае врз животната средина на тоа подрачје, но нема изготвено студија која ќе даде одговор за кумулативните или севкупните влијанија на сите планирани проекти во Маврово, бидејќи МЖСПП ја нема сеуште изготвено таа анализа. Секако на простор што е прогласен за национален парк со цел да се заштити, реализирање на 2 големи инфраструктурни проекти и 20 мали проекти неминовно ќе резултира со сериозни последици по дивиот свет и животната средина, Илиевска-Утевска. Дел од екологистите велат дека не се против изградбата на хидроцентралите, но тоа не смее да биде на штета на флората и фауната. -Ние како Вила Зора, но и Зелената Платформа на Македонија уште пред една година излеговме со барање да се запре изгрдабата на Бошков Мост и Луково поле, се додека не се утврди потенцијалниот негативен ефект врз биодиверзитетот на животната средина во овој регион. Со оглед на фактот дека поголем број научиници ширум светот се со став дека изградбата е опасност, ја поддржуваме идејата да се запре со финансираењ на овие проекти. Не сме против хидро-енергијата, но тоа не смее да биде на штета на флората и фауната во овој дел на Македонија. Бизнис интересите не смеат да бидат пред заштитата на животната средина и природата, вели Ненад Коциќ, од еколошкото здружение “Вила Зора”. Лани премиерот Никола Груевски најави дека проектот за хидроцентралата Бошков мост ќе стартува годинава, и заедно со хидроцентралата Луково поле ќе бидат од големо значење за енергетиката и за севкупната економија. Тогаш премиерот изјави дека Владата нема да гради проект што би им наштетил на граѓаните и на животната средина. Владата ќе го урбанизира Лазарополе, граѓаните револтирани Владата на седница неодамна донесе одлука за пренамена на земјоделско во градежно земјиште во Лазарополе. Со одлуката се одземаат 42 хектара шума, земјоделско земјиште од втора и трета класа, сопственост на Црквата и на 40-тина лазарополци кои за земјиштата имаат  тапии. Поранешните жители на Лазарополе, оние кои потекнуваат од овој регион но и екологистите алармираат дека се одзема најубавото и најатрактивно земјиште кое се наоѓа на просторот од гробиштата до „Лазовата вила“,а со урбанизацијата ќе се изагуби автентичноста на местото, што крајно негативно ќе влијае врз флората и фауната. Планот на Владата е да се изгради викенд населба со 300 куќи и два хотели. Лазарополци револтирано велат дека одлуката е донесена нетранспарентно и дека собираат документи за оспорување на владината одлука. И оваа викенд населба треба да никне во Националниот парк „Маврово“, што според екологистите комплетно ќе го уништи овој заштитен со закон наицонален парк. -На пример во НП Маврово освен планираните 20 мали и двете поголеми хидроенергетски објекти, се најавија и неколку мегаломански викенд населби, а негативното кумулативно влијание од планираните проекти, губење на статусот национален парк, никој не го оправдал, вели Бујароска. За изградбата на викенд населбата позтивно се изјасниле сите надлежни институции, па дури и Националниот парк „Маврово“. И Галичица од Национален парк ќе се претвори во градилиште Во Националниот парк “Галичица” Владата најави изградба на ски центар, експресен пат и туристички зони.  Целата според Владата е да заживее економијата, да се развива туризмот и да се отворат нови работни места, преку изградба на три туристички зони на Охридското и Преспанското Езеро, ски центарот и експресен пат од Охрид до Св Наум кој ќе минува низ Националниот парк „Галичица“. Изградбата на патот е  најавена за годинава. Од еколошките здруженија предупредуваат дека со урбанизацијата на овој простор неповратно ќе бидат изгубени голем број претставници од растителниот и животинскиот свет на кои во овој парк име природните живеалишта. -Планираните активности во НП Галичица и менувањето на зоните на заштита на паркот со цел овозможување на реализација на проектите како експресен пат, ски центар и големи туристички компекси е неприфатливо ако се има предвид примарната цел на едно вакво подрачје. За планираните проекти во НП Галичицица и на брегот на Охридското езеро изготвените студии од експертите најмени од административните органи (општина Охрид и ЈУНП Галичица) јасно и недвосмислено потврдуваат дека спроведувањето на проектите може да го загрози меѓународниот УНЕСКО статус, објаснува Бујароска. Изградба на туристичка зона во охридско Љубаништа Пред околу две години Владата ја најави изградба на луксузен туристички комлекс во Лубаништа, Охрид-инвестицијата која како што беше требаше да ја финансира индискиот бизнисмен Субарата Рој. На најавената инвестиција остро се спротиставија жителите и црквата на која и припаѓа дел од земјиштето. Но бизнисменот Рој во сопствената земја Индија беше обвинет за милионски криминал, му беше одземен пасошот, а тамошните власти му го замрзнаа имотот, па и покрај помпезните најави не успеја да ја реализира инвестицијата.Кон крајот на минатата година  Владата на седница донесе одлука околу 1,7 милиони метри квадратни земјиште да бидат пренаменти од земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистичка планска документација за изградба на туристичка развојна зона во Љубаништа во Охрид. Со ваквата одлука земјиштето трајно ќе се пренамени во градежно. Најголем дел од земјиштето е имот на локалното население кое во неколку наврати се противеше за било какво одземање од нивна сопственост. Урбанизација на планината Водно Пред две години премиерот Груевски го удри камен темелникот на новиот регионален пат што води до елитаната населба Сончев град, која допрва треба да се гради. Регионалната делница која ја гради компанијата “Гранит”, треба да ги спои јужната и северната падина на парк-шумата Водно. Патот е продолжение на улицата “Тодор Александров” , која поминува покрај поранешниот хотел “Панорама” кон средно Водно , каде што на вториот голем свиок се двои и продолжува кон елитната населба. Изградбата на патот беше најавено дека треба да заврши напролет и тогаш да почне изградбата на куќите. Уште кога се најави изградбата на населбата, екологистите бурно реагираа на тоа што за изградбата на патот до населбата Сончев Град во еден дел од трасата кој минува низ Водно, се жртвуваа планинските дрвја. -Она што го знаеме е дека има масовна сеча на дрва низ цело Водно. Тоа е едното бело-дробно крило на Скопје, па со уништувањето на Водно, состојбата со загадувањето на воздухот во Скопје ќе биде уште поголема, вели Коциќ. Покрај пробивањето на патот „Сончев град“, на врвот на Водно се гради Телекомуникациската кула, на подножјето непречено се градат нови станбени згради. Минатата пролет, граѓанската иницијатива „Спас за Водно“ започна со собирање потписи против масовната урбанизација и уништувањето на шумата на падините на Водно. Од граѓанската иницијатива порачаа дека треба да запре изградбата на комерцијални објекти на планината, сечењето на шумата и уништувањето на спокојот на животните. Побараа да се  дефинираат  границите на Парк – шумата Водно и истата да се стави под заштита на државата. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години