26 Април, 2024
0.0274

Неделен Фактор - Среќна Нова 2011-та

Објавено во: Анализа 09 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Политиката ни е толку депресивна што човек нема ни мотив да се порадува на една убава ТВ дебата, макар и „балканизирана“ во која противниците ќе се направат каша попара, ќе си проколнат внуци до седмо колено и ќе се изрешетаат со клевети за тоа кој е поголем крадец. Ако чекате да се соочат Груевски и Заев нека ви е со среќа, можеби во некоја алтернативна реалност. 

Политичарите да бидеме искрени, сите до еден се големи криминалци, ни ја украдоа забавата во секојдневниот живот, не тераат да го чекаме тој проклет 11 декември и таман кога помисливме дека една убава зимска недела, скоцкани и самоуверени со пенкалцото и офарбаниот прст ќе тргнеме кон нова (во овој момент било каква нека е) иднина сакаат да не бутнат во уште поголема демократска кома. 

Де СЈО ќе било укинато од Уставен, де Груевски се „пекмезел“ за да си спои парламентарни со локални, де Заев бил сто посто уверен дека ќе победи на 11 декември и не се враќал на зелена маса. Заев можеби ги прочита сите овие покер блефови на Грујо, но заборава дека тој е многу „позезнат“ играч кој не игра покер, туку бриџ.

Груевски е таков вид на играч кој не може да претпоставите кој ќе му биде следниот потег. Тоа е исто кога чекате една карта за да затворите со хант, а другиот има само две карти во рака и е отворен, но игра толку перфидно што не ни претпоставувате дека чува џокер, за со полужива да ве затвори за стотка. 

Пратениците на власта (ВМРО-ДПМНЕ+ДУИ) не ги изгласаа предложените закони за продолжување на мандатот на СЈО за поднесување обвиненија од започнатите истраги и посебен закон за заштитени сведоци бидејќи не сакаа да ја прифатат играта на Катица Јанева. И се играло „џандар збира“.

Велија Рамковски пишал писмо од затвор, Љубе Бошковски се вратил во канцеларијата во МВР. Сето тоа пројде со голем интерес кај јавноста, можеби некои евоцираат спомени на едно друго време, други пак се ситат од вообичаениот сеир за двајцата осудени, но навистина ли Ви се толку важни. Едниот се броеше до 50 (илјади евра) но, немаше доволно за отвор па заврши во затвор, вториот пак отиде „all in“, но се заплетка во шпилот.

Исто како да сме се вратиле во 2011-та, се најавуваат опозициски коалиции, граѓаните ќе се изјаснат на најважната анкета на денот на изборите, странците веќе не го „шишаат“ Груевски, режимот ќе паднел, Македонија ќе се пласира на Светско, Каролина ќе се омажи, јас ќе фатам на спортска, а се што треба за тоа да се случи е да се погодат картите. Ако ви поделат лоша рака, не ги менувајте картите, сменете го дилерот. 

Автор: Христијан Станоевиќ