02 Мај, 2024
0.0247

Неинформиран премиер

Објавено во: Агробизнис, Колумни 28 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

Во почетокот на месец јуни (3.06.) Претседателот на Владата на Македонија од просториите на Агенцијата за финансирање на земјоделството и руралниот развој, заедно со директорката на Агенцијата ја брифираше јавноста за тоа: како досега а и оваа година, земјоделците ќе добијат навреме обемни финансиски средства како подршка на земјоделството од Владата на Република Македонија. Ако претседателот на Владата ја погледнеше програмата за финансиската подршка на земјоделството за 2016 година (која ја донесува Владата), или ако Директорката на Агенцијата го запознаеше со програмата, односно со структурата на планираните средства за подршка на земјоделството за 2016 година, претседателот не ќе се фалеше така, туку проблемот што ќе го има агенцијата (Држава) со исплата на средствата на земјоделството ќе ги споделеше со јавноста (и со земјоделците).Можно е Премиерот и да знаел каква е состојбата (односно бил запознаен со содржината и структурата на програмата на планираните средства), а со присуството во Агенцијата ѝ даде подршка и охрабрување на директорката, па со заеднички „сили“ пропагираат нешто што покасно ќе го осетат земјоделците на својот грб. Финансиската подршка на земјоделството со средства од Буџетот на Република Македонија што се спроведува повеќе години, со релативно високи суми, е многу важна, како за развој на земјоделството така и за стандардот на земјоделците. Меѓутоа, често од страна на власта непотребно се користи за пропагирање на програмата, а не и вистинската реализација (исплата) на средствата по завршување на производството, односно нема никаква транспарентност за реализацијата на планираните средства со години. Вкупната сума на реализирани средства може да се види од завршната сметка на Буџетот на Р.М, но не и структурата. Според тие показатели, од 2010 година до заклучно 2013 година просечно се исплатени 70% од планираните средства, а 30% се пренаменети за други цели. Во планирањето на средствата последните години во висина од околу 100 милиони евра годишно има разлики, кои произлегуваат воглавно од обидот да се менуваат одредени компоненти на аграрната политика. Компликации настануваат со зголемување на вкупните средства за подршка (по 2010 година). Пa така во генералната структура на планираните средства за директни плаќања (растително и сточарско производство ) се обезбедувале секоја година над 80% од вкупните средства во програмата за финансиска подршка на земјоделството. Зaтоа сите останати плаќања во планирањето изнесувале 20%. Меѓу тие мерки највисок процент се предвидувало за настанати обврски од програмите за претходната година, а учеството се движело околу 15% од вкупните планирани финансиски средства, односно околу 15 милиони евра годишно. Структура на планирани финансиски средства за подршка на земјоделството во 000 евра
Број мерка   Мерки за подршка на доходот на земјоделските стопанства 2014 год. 2015 год. 2016 год.
износ % износ % износ %
1 Директни плаќања за растително  производство. 51.330,0 50,44 50.617,9 49,79 32.520,3 31,65
2 Директни плаќања за сточарско производство 32.520,0 31,95 34.146,3 33,55 16.445,5 16,00
3 Помош во премии за осигурување 325,2 0,32 325,2 0,31 1.138,2 1,11
4 Помош за заштита на земјоделско земјиште (агрохемиски анализи) 32,5 0,03 32,5 0,03 32,3 0,03
5 Помош за одделни носители на земјоделски стопанства 2.439,0 2,40 2.439,0 2,40 162,6 0,16
6 Помош во сточарството 162,6 0,16 162,0 0,16 2.952,8 2,87
7 Помош за загуби од природни непогоди и неповолна клима во 2015 год. - - - - 813,0 0,79
8 Дополнителна помош за климатски непогоди за 2015 год. - - - - 813,0 0,79
9 Материјални трошоци за спроведување на програмата 243,9 0,23 243,9 0,24 243,9 0,24
10 Заостанати обврски од програми за фин.подршка од претходни години 14.731,7 14,47 13.821,1 13,58 47.154,5 45,89
11 Заостаната подршка од програмата за здравствена заштита во 2014 год. - - - - 487,8 0,47
Вкупно 101.778,0 100,0 101.788,5 100,0 102.763,9 100,0
Денарските вредности на програмите се преведени во евра со 61,5 ден.за 1 евро
Меѓутоа во планираната програма за 2016 година за оваа мерка (обврски од претходни години) се предвидени 47,2 милиони евра или 46% од вкупните средства односно со учество колку и директните плаќања за растително и сточарско производство заедно (47%). Ваквата програма покажува дека во 2016 година земјоделците не можат да очекуваат ни приближно исти износи на финансиски средства како претходните години туку околу 50% помалку. За вакво планирање на финансиските средства, потребно е земјоделците да бидат информирани, уште повеќе што голем дел од тие средства се планирани да се исплаќаат во 2017 година. Покрај преполовените средства за 2016 година од планираните, за „Заостанати обврски од Програмата за финансиската подршка во земјоделството од претходните години“, во 2016 година се планирани и средства за „Помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани кои се случиле во 2015 година“ во износ од 50 милиони денари (813 илјади евра), исто толку средства се планирани за „Дополнителна помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани кои се случиле во 2015 година.“ Така од средства предвидени со Законот за земјоделство и рурален развој-за финансиска подршка на земјоделството се исплаќаат средства за други намени кои државата мора да ги обезбеди од други извори, бидејќи од средствата за директна подршка се субвенционира осигурувањето на производството на земјоделците од штети со високо учество. Програмите за финансиска подршка на земјоделството, како и нивната реализација (исплата на средства) се мета на чести критики, но особено често се поставува прашањето: дали подршката има влијание врз развојот на земјоделството или е тоа социјална мерка? Многу често во јавноста се изнесуваат изјави, критики, одбрани на подршката и други, од луѓе кои не ја знаат вистинската намена на овие финансиски средства. Самата формулација, „финансиска подршка во земјоделството“, покажува дека раширената формулација „субвенции“ е погрешна, бидејќи за субвенционирање на некои трошоци (осигурување на производствот, семенски и саден материјал, агрохемиска анализа на почвата и др.) се трошат релативно малку средства, а над 70% од средствата се наменети за директна подршка на културите (во растителното производство)  и добитокот (во сточарското производство) со цел да се искористат капацитетите и да се насочува производството кон општествено важни култури и добиток. Меѓутоа во последните години подршката се рашири и на неважни производства, не се води сметка за националните интереси, па според програмите се трошат средства и за производства со минимални површини, а немаат значење по ниту една основа, како што се: просо, хмељ, леќа, шеќерна репа, афион, памук, кои се одгледуваат на минимални површини. Ова се однесува и за ноеви, полжави и овчарски кучиња. Многу често се заборава дека една од главните цели на финансиската подршка е за подобрување на доходот на земјоделците. Од тука произлегува дека финансиската подршка на земјоделството од Буџетот на земјата има развојна но и социјална димензија. Одговор на прашањето: дали подршката придонесува за развојот на земјоделството не е лесен и едноставен, бидејќи земјоделците слободно располагаат со добиените средства и не мора средствата да ги вложи во долгорочни цели во земјоделството туку во подигнување  на стандардот на семејството. За утврдување на корелација помеѓу вложените средства од Државата за подршка на земјоделството и нивото на развој на земјоделството се потребни сеопфатни истражувања. Генерална оценка на македонското земјоделство денес може да е: дека сериозно заостанува и не се доволно искористени природните и економските услови во кои се развивало откако за подршка се трошат стотина милиони евра годишно плус 30-50 милиони евра за рурален развој. Споредбата на денешната развиеност со состојбата од пред 10-15 години покажува дека има развој и подобрување на некои сегменти, но има сериозна стагнација на некои показатели како што се заостанување на сточарството. Погрешно стимулирање на користењето на ИПАРД фондови. презаситен пазар со јаболки, а недостиг на сите други видови овошје, нерационален однос помеѓу бројот на трактори и обработливите површини од 6 хектар на еден трактор, поради субвенционирање воглавно на трактори, а не и на работни машини и друго. Поради недостиг на егзактни показатели за тоа дали и колку финансиската подршка се одразила на сегашното ниво на развиеност на земјоделството, може да се каже дека малиот пораст на некои економски показатели се резултат на трендот на времето односно појавата на нови сознанија, нови сорти  и раси, нови технологии, нова техника и сл., кои би биле воведени во производството и без средствата за подршка.  Проф.д-р Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?