12 Мај, 2024
0.0264

Нова тревога со афлатоксини!

Објавено во: Агробизнис 30 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Во два од вкупно 426 анализирани примероци од ланскиот род на пченка во Србија се пронајдени зголемени количества на афлатоксини, соопшто српското Министерство за земјоделство. Резултатите од контролата на микотоксини покажале дека нивото на афлатоксин е такво што таа пченка не може да се користи за храна ниту за луѓето, ниту за животните. Фитосанитарната инспекција најавила дека до крајот на февруари ќе спроведува зачестени контроли од пченката во амбарите и складиштата. Се до вчера, не бил регистриран ниту еден примерок со афлатоксини над дозволените граници. Иако се работи за само два примероци, надлежните сепак потсетуваат дека обврска на секој производител на секој што ја складира пченката е да ги почитува прописите за заштита на житото во силосите, но и да води грижа за користење на здравствено исправна исхрана во сточарството. Во меѓувреме, Управата за безбедна храна во Словенија ја забрани употребата на неварено млеко од т.н.„млекомати“ на неколку локации во Словенија, бидејќи во него е откриен афлатоксин. Станува збор апарати од кои се продава свежо млеко во Љубљана и во некои помали места. Афлатоксините во тоа млеко биле четири пати над дозволеното ниво. Аферата со афлатоксинот изби во есента 2012-та година, кога беше утврдено присуство на зголемена концентрација на овој отров во пченката произведена во Србија. Случајот предизвика огромни штети на земјоделството, но и на млекопроизводството во целиот регион, откако се утврди дека отровната пченка се користела за исхрана на добитокот, а афлатоксините се префрлиле и во млекото. Млекото од македонските производители беше едно од ретките во регионот каде што не беше регистрирана зголемена концентрација на афлатоксин и успеа без проблеми да ја преброди кризата.