10 Мај, 2024
0.0249

ПОЕВТИНУВАЊЕ: Паѓа цената на свежото свинско месо, месарниците ќе го следат трендот?

Објавено во: Агробизнис 04 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Намалувањето на цената на живата мера свинско месо, можно е да придонесе да се намали и малопродажната цена свинското месо, најавуваат поголемите месарници. Цената на свежото свинско месо веќе еднаш претрпе корекции и се намали за повеќе од 10% . Па така килограм свински бут, кој претходно чинеше 340 денари за килограм, сега се продава за 300 денари за килограм. Од месариците не ја исклучуваат можноста ваквата надолна корекција на цените да продолжи и во следниов период, доколку продолжи да паѓа цената на живата мера свинско месо. Во период кога на пазарот има вишок од свежо свинско месо, во наш интерес е да ги намалиме цените, за да има продажба, коментираат упатените во бизнисот со месо. Но, ако за граѓаните ваквото намалување на цените на свинското месо е добредојдено, за производителите на свежо свинско месо падот на цените е погубен. Дел од поголемите производители велат дека состојбата е критична. Цената на живата мера од 120 денари за килограм сега падна на 75-80 денари за килограм свинско. Во моментов на терен има вишок од околу 35% свежо свинско месо. Од друга страна, расте увозот на смрзнато свинско месо, кое како што коментираат производителите, се продава и како свежо свинско, што предизвикува и сериозни пореметувања на пазарот
Состојбата на пазарот со свежо свинско месо е критична. Ние во моментов не само што ги покриваме домашните потреби за свежо свинско месо, туку имаме и вишок од околу 35%, а од друга страна имаме огромен увоз на замрзнато свинско месо. Македонија е една од ретките земји која има огромен увоз на свинско месо, и најниска царина од 19%, а годишната квота за увоз од Европската унија и од Канада е 2.000 тони. Квотата за увоз од 01.01. 2014 година до 31.03.2014 е 200 тони со дополнително  50% намалена царинска стапка. Тоа е катастрофа за нас. Замислете тоа месо што доаѓа на пример од Канада, влегува субвенционирано и плус со најниска царинска стапка што е сериозен удар врз домашното производство. Ние работиме, произведуваме, постојано инвестираме во нови технологии, но тоа производство треба да се одржува и да имаме исплатливост“, вели Перо Колевски, директор на месната групација Агриа.
Податоците покажуваат дека во Европската Унија потребите за свинско месо свежо и замрзнато се 22 милиони тони, а ЕУ дава квота за увоз на само 70 илјади тони , односно во вкупното производство увозната квота учествува со 0,3%. За споредба , во Македонија годишно се трошат 20.000 тони свинско месо свежо и замрзнато, а увозната квота е 2.000 тони, односно во вкупното производство учествува со 10%. Сточарите нудат мерки за спас на производството На лошата состојба со производството на свинско месо алармираа и од Групацијата за производство на свинско месо при Стопанската комора на Македонија. Тие бараат поголема контрола на увозот на замрзнато свинско месо, намалување на увозот, предност на добивање на земјиште, намалување на данокот за добиточна храна од 18% на 5%, укинување на вакцината против свинска чума како и повисоки субвенции. На овој начин сметаат дека ќе се стабилизира пазарот.
„Потребно е изедначување или приближување на субвенциите на поголемите производители. Долниот праг кој сега изнесува пет илјади свињи, да се зголеми на 10 илјади свињи за да можат и тие да ги покријат трошоците кои ги имаат во кланиците. Од Агенцијата за ветеринарство бараме да се укине вакцинацијата против свинска чума за да можеме да извезуваме наши производи во земји од ЕУ“, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Групацијата за производство на свинско месо при Комората.
И фармерите предупредуваат дека голем дел од замрзнатото увозно месо се јавува и во малопродажбата, и се продава како свежо.
„Проблем е што замрзнатото месо се јавува и во малопродажбата. Немаме проблем да увезуваат смрзнато месо произведувачите, но сакаме да знаеме какво месо користат рестораните и малопродажните објекти“, изјави Шаклев.
Податоците покажуваат дека има зголемување на бројот на свињи. Од 170.000 свињи во 2006 година, лани бројката е зголемена на 300.000, што според производителите е резултат на отворањето на голем број мали свињарски фарми кои се поотпорни на промените на пазарот. Според податоците , годишното производство на свежо свинско месо е околу 10.000 тони, се увезува 2.000 тони разладено свинско месо од ЕУ и 9.000 тони замрзнато месо. Лани за увоз на замрзнато свинско месо се одлеале 33 милиони денари. Увозот на свежо свинско месо е мал и изнесува околу 2.000 тони. Од друга страна извозот е поразителен - Македонија извесува само 100 тона свежо свинско месо, и тоа само во Србија и во Албанија, во земјите од ЕУ не се извезува бидејќи македонските свињи се вакцинираат против свинска чума. Но од друга страна извозот на сувомеснати производи бележи пораст. Лани се извезени сувомеснати производи во вредност од 40 милиони долари. Ј.С.