07 Мај, 2024
0.0236

Посна трпеза, мрсни цени, чувајте го здравјето!

Објавено во: Анализа 17 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Во последниот месец од годината, време на пости и празници, граѓаните ги пресметуват трошоците. Џебовите велат,  оние кои овој период  постат, стануваат се попразни. Високите цени на посните производи, овошјето и зеленчукот го направија постот поскап од вообичаеното. Па така, денеска велат дел од граѓаните и да постиш станува луксуз. Постењето, велат познавачите,  е старо колку и сознанието на луѓето за влијанието на храната врз здравјето на луѓето. Религиите подоцна веројатно само ги присвоиле како своја догма навиките и обичаите што веќе постоеле. Но далиод  медицински, нутриционистички или верски побуди, постењето, велат граѓаните   удира директно  по џебот. Високи цени, ниски плати! Дека живеачката станува се поскапа потврдуваат  и Синдикатите. Од Сојузот на Синдикати на Македонија велат  дека за најосновните минимални потреби за живот, во кои покрај храната и пијалоците, се вклучени и останатите основни елементи, како комуналии и домување, облека и здравје, за потребите на едно просечно четиричлено семејство му се потребни околу петсотини евра. Според Синдикатот,  минималната  кошничка, чиј износ мерен врз основа на цените на најосновните продукти во Македонија за минатиот месец изнесува 32 144 денари. “Сојузот на Синдикатите од 2011 па навака издава состојба на цени и состав  на потрошувачката кошница-синдикална минимална кошница, која има седум основни работи потребни за основен- најнормален живот. Обично јнајголемиот процент на трошоци во кошничката,  за ноември која изнесува 32 144 денари,  се исхраната и пијалоците на кои отпаѓаат околу 42% . Голема ставка во составот на синдикалната минимална кошничка е и домувањето на кое отпаѓа 32% и кога ќе се  соберат само овие две ставки приближно се добиваат  75 отсто. Ова навистина е голема ставка да се издвои од една просечна плата, бидејќи останува многу малку за граѓаните односно работниците за другите потреби. Каде е хигиената, превоз, култура, здравје?  Сметаме дека на овој план  мора нешто да се направи. Знаеме дека  во Европа  храната и пијалоците не се поголем  трошок од 30%,  во составот на кошницата. Според наши сознанија не можеме веднаш тоа да го постигнеме, но мораме постепено да се бориме и да тежнееме тоа да го направиме.Или полека да се зголемуваат платите за полесно постигнување на исплаќање на цените на потрошувачката или пак да има намалување на цените. Јасно е и тоа дека цените така лесно не можат да се намалат,  но мора да се најде баланс  меѓу овие две работ,  бидејќи навистина вака високи трошоци само за овие две ставки на кошницата претставуваат  терет за сите вработени во државата “-вели Ангелко  Ангелковски-Генерален секретар на ССМ. Посната храна поскапа од мрсната! Кога правилно ќе се вклопи во хигиената на исхраната постот на телото му носи значајни предности, како детоксикација на организамот, позитивно расположение, органите добиваат заслужен одмор. Се забрзува топењето на масните наслаги и се подмладуваат клетките на ткивата. Постењето или терапевтското гладување од неколку последователни денови не лечи некои болести туку е инструмент кој му помага на телото да се ослободи од отровите. Но, и од парите.За време на постот, особено зимскиот, на организмот му треба и повеќе енергија.Истата  треба да има изобилство од овошје,зеленчук, јаткасти плодови , житарици и мед. Континуираните поскапувања на цените на земјоделските производи кои што се и главно обележје на посната трпеза ги потврди и последниот извештај на државниот завод за статистика. А, еве како се движат пазарните цени  на некои  од  производите: ориз 70-90 ден/кг, домати 35-50 ден/кг, зелени пиперки 40-60 ден/кг, црвени пиперки 45 -60ден/кг, Компир 30 40 ден/кг, грав  150-200ден/кг, кромид 30-40ден/кг, лук  160-180ден/кг, зелка  15-20ден/кг, спанаќ  30-40 ден/кг,ореви  500-600ден кг, Кикиритки  160-180ден/кг, круши  60-90ден/кг, јаболка  30-40ден/кг, киви  50-60ден/кг, лимони  60-70 ден/кг, портокали  40-60ден/кг, мандарини  50-70ден/кг, маслинки  160-250ден/кг, риба  130-250ден/кг. Постот и здравјето! Постот подразбира воздржување од одредена храна за извесно време, кој е целосен доколку истото се однесува и на кафето, алкохолот и цигарите. Со тоа се постигнува прочистување и детоксикација на организмот, со што се зголемуваат умствените и физичките способности односно подобрување на општата здравствена состојба-сметаат лекарите. “Постот не значи изгладнување. За време на постот треба да се внесува значително  количество на свежа храна, овошје, зеленчук и многу течности, пожелно е тоа да бидат цедени сокови и вода. На прганизмот му е потребна и физичка активност која ќе го освежи и ќе направи добар баланс меѓу храната и спортот. Вообичаената брза храна која ја носи динамичното време значи и внесување на токсини, отрови кои штетно влијаат на организмот. Постот, само во насока на подобрување на здравствената состојба, со надзор од лекар може да има одлични ефекти за човекот. Но, по никоја цена да се истошти организмот до таа мера, да биде многу тешко да се воспостави нормално враќање во нормала. Мора да се мисли дека, овие пости кои се во зима,значат и поголем товар на самиот организам, а многу брзо следува период на обилна и мрсна храна, со празнувања, месо, благо. Овој шок кој може да му се направи на организмот прво со испостување, а потоа со внесување на повеќе храна може да значи вистински стрес и да доведе до контраефекти. Но по завршување на истиот,постепено треба да се воведе останата храна почнувајќи од попосните меса и млечни производи, избегнувајќи пржена и индустриски преработена храна. Прејадувањето може да доведе до здравствени проблеми, особено од страна на системот за варење на храната. Сепак здравиот начин на исхрана, одморот и менаџирање на стресот треба секојдневно да се применуваат “вели д-р Силвана Николовска –специјалист по општа медицина. Современата нутриционистичка наука препорачува начин на исхрана според кој организмот не треба да се интоксицира со преобилна храна,  ниту со прехранбени производи, кои не е во состојба да ги свари, разложи и искористи. Дека постот има и свои позитивни ефекти потврдува и нутриционистот Цвета Динева.  Според неа, за време на постот треба да се избере  храна што одговара на начинот на живот. Таа вели, дека не треба да сте експерт за да направите свој режим на исхрана, само треба да го чуете и почитувате гласот на своето тело. “Храната за постење е вообичаена - компир, ориз салата, супа и задолжително многу течности, најмалку по 2 литра течност во денот.Варената храна е добар начин да се избегнат маснотиите и непотребното зачинување со масло за јадење. Јаткастите плодови се задолжителни за енергија, и особено ако се кознумираат наутро или во текот на денот, ќе одржуваат една динамика која го прави свежо и витално целото тело. Зимата е идеален период на тиквите, кивито, портокалите, костените,  кои секое на свој начин со секојдневно внесување во редовната исхрана прави вистинска  витаминска бомба во организмот. Нема строги правила за постење. Важно е да се воспостави баланс помеѓу  умот и телото. Секој, во зависнот и од џебот се разбира, може да си постави свој начин и режим на исхрана до кој ќе се придржува. За да се подобрат ефектите од постењето на телото задолжително му е потребен сон и одмор. За време на постот се јаде многу овошје и свеж зеленчук-сурово или лесно обработено со многу малку сол, но со зачини како мајчина душица, босилек, лук и маслиново масло. Постот со овошје или зеленчук е особено добар,  ако се  пости  еднаш во неделата. Тогаш можете целиот ден да го поминете на оваа храна. Течностите никогаш не се премногу”-вели Цвета Динева –нутриционист. Прочистување на телото и душата! Под терминот постење во христијанството се подразбира воздржување од мрсна и обилна храна,  како и воздржување од сите грешни телесни задоволства, наслади и уживања во одредени временски периоди во годината. Според  христијанството,постот како религиозна догма, значи дека  со него  се челичи човековиот дух, бидејќи го скротуваме нашето тело и го потчинуваме на духот. Тоа значи дека постои телесен пост, кога телото се воздржува од храна,  и духовен пост кога душата се воздржува од лоши мисли, зборови и лоши дела. “Правилен и вистински пост е само тој пост кога човекот се воздржува од секое зло. Водејќи се од пораката на Св. Јован Златоуст , човекот  кога пости треба да воспостави рамнотежа на доброто и лошото, да помогне и подари на оној кој нема, да не осудува, да не клевети, да ги отргне лошите мисли. Бидејќи прочистувањето на телото и душата значат духовен мир и љубов кон ближните и пријателите, кон знаните и незнаните. Луѓето во време на беспарица, отуѓување и  динамично и неизвесно секојдневие, треба да најдат начин да  размислат и да се свртат кон основата на нивното постоење-добрината и љубовта. Телесниот пост е основа и темел на духовниот  кој не ослободува не само од прекумерна храна туку и од лоши мисли и дела” -вели отец Сашко Николовски од Скопската Епархија. Прехранбената култура не учи дека и најквалитетната храна треба  да се внесува во организмот на правилен начин. Информираните главно не дозволуваат да дојде до непотребна интоксикација на организмот, а со тоа и потреба на ригорозен начин да се ослободуваат од насобраните токсични остатоци.Брзион начинна живот ги фрлил во заборав традицијата и обичаите, па така денес се пости од мода, од сиромаштија,  а дури потоа од здравствени и верски побуди. Сепак и експертите и верските познавачи  се сложни дека, од духовни или здравствени причини,  постот помага да се отфрлат отровите од телото истиот треба да се вметне во поздрав, променет и поприроден начин на живот, а токму целта на природната хигиена е да се создадат услови за квалитетен живот, па дури и кога истиот значи да се испразни паричникот. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад