ПРЕЖИВУВАЊЕТО НА УКРАИНА Е ВАЖНО ЗА САД: Tрамп го смени ставот?
Објавено во: Свет 19 Април, 2024
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека преживувањето на Украина е важно за САД.
Ова е промена на тонот во пресрет на клучното гласање за нацрт-законите за странска помош во Претставничкиот дом, кои опфаќаат и помош за Украина од 61 милијарда долари. Трамп не даде отворена поддршка за пакетот и се пожали дека европските земји не даваат доволно пари за да ѝ помогнат на Украина.
Лани кога го прашаа за војната, Трамп не се изјасни дали би сакал Украина да победи.
„Зошто Европа не би давала исто пари колку САД за да ѝ се помогне на Украина? Како што сите се согласуваме, преживувањето на Украина е поважно за Европа отколку за САД, но е важно и за нас“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Ова се случува ден откако се сретна со полскиот претседател Анджеј Дуда во Њујорк.
Спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, кој е републиканец, најави дека овој викенд би можело да се гласа за четири одделни нацрт-закони за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот, иако некои републиканци се заканија дека ќе го сменат ако го дозволи тоа. Најголем дел е предвиден за Украина. Трамп претходно тврдеше дека за 24 часа може да ја запре војната во Украина, на што украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека треба да допатува во Киев и ако може да го стори тоа. Руската инвазија на Украина почна пред повеќе од две години.