02 Мај, 2024
0.0248

Протекционизмот е повторно во игра, дали се на повидок глобални трговски војни!

Објавено во: Анализа 10 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Протекционизмот се враќа повторно во игра, на сметка на либерализираните пазари. Владите во светот за една година донеле многу повеќе протекционистички мерки, отколку мерки што ќе значат либерализација на пазарот, пишува во студијата што ја изготви Центарот за економски анализи, Глобал Трејд Алерт, со седиште во Лондон..

Владите во светот, за една година, вовеле три пати повеќе протекционистички  мерки, отколку мерки што значат либерализација на пазарите. Во периодот од јуни минатата година до мај годинава, воведени се 431 протекционистичка мерка, а во истовреме донесени се само 141 мерка за либерализација на пазарите. Интересен е податокот дека, најголемите економии се и главните кои ги воведуваат таквите мерки, но истовремено тие пак се и најмногу погодени од воведувањето на протекционистичките мерки.

Според студијата, Г-8 земјите се колективно одговорни за 30% од протекционистичките мерки наметнати во текот на последните 12 месеци, а Г-20 земји се колективно одговорни за  65% од протекционистичките мерки.

Студијата утврдила дека од последниот квартал минатата година и првиот квартал од годинава, владите во светот се позасилено удираат по либерализираните пазари. Владите наоѓаат начини како да ги фаворизираат домашните интереси, без при тоа да го провоцираат гневот на нивните трговски партнери. Сега протекционизмот има променета форма, односно се помалку се користат традиционалните бариери и практично се бараат начини, како отворено да не се игнорираат правилата на Светската трговска организација.

„Денес, владите се вешти во поместување на полето за играње и тоа на начин кој нивните трговски партнери, медиумите и аналитичарите тешко може директно да го посочат како протекционизам односно не е толку лесно провдлив“, се наведува во студијата. Поради Светската трговска организација, чија главна цел е ослободување на трговските граници, владите наоѓаат нови начини како да им помогнат на сопствените економии. На пример, се врши субвенционирање на извозот, се дава финансиска помош на претпријатија или се воведуваат системи за поттикнување како гаранции за извоз. А во последно време новина е неиздавање дозволи за миграција. Ова е многу загрижувачки тренд се вели во студијата, но она што исто така е алармантно е дека ние сме сведоци на трговски спорови – конфронтации (како неодамнешната меѓу ЕУ-Кина во однос на германски соларни панели и француски вино),  а таквите конфронтации многу лесно може да ескалираат во трговска војна која несомнено може да има сериозни и поразителни економски и социјални последици, не само за регионите кои се вклучени, но и за глобалната заедница. САД и ЕУ во трговски разговори за поттик на раст или граници за глобализација? Во Вашингтон се подготвува стартот на преговорите меѓу ЕУ и САД за трансатлантска зона на слободна трговија. Најголемата зона на слободна трговија на светот ќе брои 800 милиони граѓани.

Содржината на договорот е амбициозна, велат аналитичарите. Со оглед дека тарифите се веќе ниски, овој договор повеќе ќе се фокусира на бизнис бариери како што се безбедносни стандарди или инспекциски процедури. Сепак неизвесноста дали ќе се постигне договор или не помеѓу ЕУ и САД е голема.

Македонија во трговска војна со Србија, се чека на исходот со Косово

Условениот увоз на брашно од соседните земји што го воведе Македонија за да го заштити домашното производтсво ја налути Србија.Српската влада се закани со реципрочни мерки за Македонија за македонското вино, доколку на 22 јули годинава, на седницата на ЦЕФТА закажана во Белград – не се најде решение за спорот меѓу двете држави. Во таков случај, неизбежна е трговската војна меѓу Македонија и Србија, а последниците за двете земји ќе бидат огромни.

Македонија пред извесно време избегна трговска војна со Косово. Но таа засега е само одложена. Проблемот настана неодамна кога Косово воведе административни такси за македонските камионџии, а македонската страна се закани дека и таа ќе го направи истото за косовските транспортери. Владите на двете држави, засега ја одложија трговската војна и во следните три месеци ќе треба да најадат решение, но со оглед дека засега нема никаква најава за средба на ресорните министри, неизвесно  што ќе се случува откако рокот за договор ќе помине со оглед дека двете страни не отстапуваат од своите барања, односно Македонија сака либерзализиран пазар, а Косово сака да се воведат дозволи за превоз во трети земји.

С.Н.