Русија им одреди притвор до 22 мај на терористите
Објавено во: Свет 25 Март, 2024
На четворицата уапсени обвинети за терористичкиот напад во петокот во концертната сала Крокус Сити Хол во предградието на Москва, во кој беа убиени 137 лица, судот во руската престолнина им одреди двомесечен притвор.
Судот им одреди притвор до 22 мај во очекување на судењето, чиј почеток се уште не е закажан. Затоа, притворот може да им биде продолжен. На четворицата обвинети за „тероризам“ им се заканува доживотен затвор.
Севкупно, руските власти објавија апсење на 11 осомничени во врска со нападот, вклучувајќи ги и четворицата наводни сторители.
На сликите од судот се гледа како тројца од наводните сторители се водат со лисици во специјалната просторија за обвинетите. Четвртиот бил префрлен на специјално столче, не можејќи да ги отвори очите.
Двајца обвинети, наводно, ја признале вината: Далерзон Мирзоев и Саидакрами Мурондали Рачабализонда. Според Би-Би-Си, тие се обратиле до судот на таџикистански јазик со помош на преведувач. Другите двајца се викаат Самсиндин Фаридуни и Мухамедсобир Фаизов.
Руските власти соопштија дека обвинетите се „странски државјани“, без да ја наведат нивната националност. Таџикистан е поранешна советска република во Централна Азија каде исламот е доминантна религија.
Новинската агенција РИА Новости објави дека еден од обвинетите порано работел во фризерски салон во градот Иваново, североисточно од Москва. Друг е татко на осуммесечно новороденче, работник во фабрика во градот Полдоск, на периферијата на руската престолнина.
Одговорноста за терористичкиот напад ја презеде џихадистичката организација Исламска држава.