Саша Богдановиќ: Центар отвора вештачење - наместо 9, ставени само 3 сантиметри асфалт
Објавено во: Економија 28 Април, 2020
Саша Богдановиќ, градоначалникот на Центар, соопшти дека неговата општина започнува вештачење со која ќе докаже дека изведувач на улицата „9-ти Мај“ наместо девет, нанел само три сантиметри асфалт.
„По започнување на градежните активности на улицата „9-ти Мај“, се утврдија одредени недостатоци произлезени од последната реконструкција, изведена во 2009-та година.
Според проектот за реконструкција изготвен во 2007-ма, дебелината на слојот требала да биде 9 см, додека на терен фактичката состојба укажува на трикратно намалување, односно изведена е со дебелина на асфалт од само 3 см“, објави градоначалникот.
Богдановиќ најави постапка со која понатаму ќе се обиде да ја докаже вината на изведувачот, односно неодговорното работење на тогашното раководство.
„Недомаќинското и неодговорно работење во Центар е одамна минато и сакам да информирам дека општината за пропустите во овој случај ќе отвори постапка за вештачење“, додава тој.