СДСМ: 11 години ВМРО-ДПМНЕ ја изолираше Македонија, сега треба да даде поддршка
Објавено во: Македонија 12 Јуни, 2017
СДСМ реагира на денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која беа упатени барања новата Влада што побрзо да ја внесла Македонија во НАТО и ЕУ како дел од предизборните ветувања.
ВМРО-ДПМНЕ имаше 11 години за да ги придвижи интеграциските процеси и да работи на полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Но спротивно од тоа, ВМРО-ДПМНЕ со години работеше на изолација на Македонија и спротивно на државните и интересите на граѓаните, ги кочеше евро-атланстките интеграции“, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.
„Членството во ЕУ и НАТО е клучен стратешки приоритет на Република Македонија. Владата предводена од СДСМ има за цел да ги отпочне преговорите за членство што е можно побрзо. Македонија предолго е земја кандидат за членство во НАТО и ЕУ и крајно време е овој процес да се придвижи нанапред.
Владата предводена од СДСМ посветено ќе работи на отворање на евро-атлантските перспективи преку отворен дијалог со опозицијата, стручната јавност и граѓанското општество. Затоа, неопходно е сите, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, да се однесуваат конструктивно, да дадат поддршка на интегративните политики и активно да работат за целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, што е врвен државен и граѓански интерес“, стои во реакцијата на СДСМ.