28 Април, 2024
0.0258

Што предлага СДСМ, што мисли ВМРО, кој ги праша земјоделците?!

Објавено во: Агробизнис 20 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Опозициската СДСМ најави пет земјоделски мерки, владејачката партија ВМРО ДПМНЕ ги нарече памфлет политки. За дел од земјоделците мерките се реални и остварливи, но за дел предложените мерки на опозицијата веќе се спроведуваат, но се едногласни дека земјоделство е исполитизирано како никогаш досега. Што најави СДСМ СДСМ, како што велат најавуваат сигурни и навремени субвенции со еднаков пристап до сите земјоделци при доделување на субвенциите. - Субвенции со одредена динамика на исплата, тогаш кога на земјоделците најмногу им се потребни. Овој начин на добивање средства ќе го постигнеме со уредување на исплатата во одреден период од годината, кога таа ќе се врши: сточарите во јули, после жетва кога добиточната храна е најевтина за да можат да купат храна за зимата; поледелците во септември за да се подготват за сеидба на житните култури; лозарите и овоштарите во февруари, пред почеток на нова реколта; градинарите во март, пред сеење или расадување; тунопроизводителите по завршувањеа на откупот на тутунот, изјави проф.д-р Татјана Прентовиќ од СДСМ Дел од мерките се даночно ослободување на земјоделците, односно партијата предлага укинување на персоналниот данок на земјоделците за остварен приход над 300 000 денари. За поконкурентно земјоделство опозиционерите најавија инвестиции во вредност од 10 милиони евра во системи за наводнување буџетска подршка за зголемување на продуктивноста, финализацијата и извозот на земјоделското производство, а за достоинствен живот на земјоделците еднаков третман при пензионирање за земјоделците и воведување на бенефициран стаж кај професионалните земјоделци. Како одговори ВМРО ДПМНЕ Предложените мерки на СДСМ, од ВМРО ДПМНЕ ги оквалификуваа како празни ветувања и вакви памфлет политики. Од владејачката партија сметаат СДСМ промовирале мерки со кои ја враќаат земјоделската политика 15 години наназад. - Сето ова што ни го понуди СДСМ се само општи наслови како во времето на комунизмот. Во сите сфери за кои денес СДСМ зборуваше, Владата на ВМРО- ДПМНЕ веќе реализира мерки кои што по обем се два три или четири пати повеќе односно даваме дупло и повеќе пари за сето она што тие го предложиле. Ние реализираме! Она што го ветуваме го ставаме на хартија, во Програма, изјави на прес-конференција Маргарита Делева од ВМРО-ДПМНЕ, член на Комисијата за земјоделство. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека СДСМ не ја следи политиката во земјоделството, не ги следи состојбите и дека предлага нешто што е одамна реализирано или пак се анализира во поголем обем од она што тие го предлагаат. Што мислат земјоделците? За дел од земјоделците се прифатливи мерките на СДСМ , за дел мерките на ВМРО ДПМНЕ. Од Регионалниот сојуз на земјоделци мерките на опозицијата ги оценија позитивно особено мерката за бенефициран стаж за земјоделците. Семтаат дека мерките се реални, и ако опозицијата има добра стратегија и стручен кадар има може да ги оствари. - Имајќи го во предвид фактот во какви услови работат земјоделците , со дневно ефективно време од 20 часа, тогаш е јасно зошто со години бараме бенефициран стаж. Во однос на мерката за субвенциите, нас тие пари ни требаат пред земјоделските активности, значи пред сеидба, тогаш имаме најголеми трошоци. Олеснителна околност се и даночните ослободување. За зелената нафта секако ни е потребна оти токму трошоците за нафтата во производство ни се најголеми.Инвестициите во системи за наводнување се добредојдени, сега има површини кои стојат необработени, плодни, но нема како да се наводнуваат. Мерките се освраливи, ако се сака се може да се направи, вели Ристо Велков, претседател на Регионалниот Сојуз на земјоделци. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дел од мерките на опозицијата се нереални, а дел веќе се реализирале. Единствено за бенефицираниот стаж одговорија дека мерката е добра но тешка за остварување. - Мерката за бенефициран стаж е добра, но секоја работа од областа на земјоделството има своја тежина и не може за сите да важи тој бенефициран стаж. Некој копа по цел ден во оранжерии, а некој се вози во климатизиран трактор,таа работа не е иста. Даночното ослободување е нешто што ние со години го кажуваме. Исто така и во однос на системите за наводнување веќе е разговарано со Владата да се почне со ископување на бушотини и изградба на мали зафати кои ќе се користат за наводнување, тоа не е нешто ново. Во врска со субвенциите, тврдам дека и сега тие не се делат по партиска линија. И ние како Асоцијација имавме барање да се исплаќаат во периодот кога нас ни се најпотребни и тоа барање е предадено во Министерството за земјоделство. Но во последниве години е невозможно тоа, оти самите ние земјоделците бараме поради различни причини пролонгирање на рокот за аплицирање за субвенции и тоа по неколку пати, па тоа со себе повлекува и доцнење на исплата и неможност да ги добиеме парите тогаш кога ни требаат. Да не се пролонгира рокот за аплицирање, верувам дека навреме ќе ги добиваме субвенциите, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци Поделеност и меѓу земјоделците Дел од земјоделците велат дека состојбата во аграрот е полоша во споредба со пред седум години. -Од година во година растат трошоците а се намалуваат откупните цени. Ако пред седум години еден литар нафта беше 30 денари сега е 70 денари, кристалното ѓубре порано беше 60 денари, сега е 120 до 150 денари за килогарм. Од друга страна порано откупната цена на пример на доматите беше од 30 до 50 денари за килограм, а сега е 10 до 20 денари за килограм. Точно дека субвенциите се зголемуваат, но искрено јас како земјоделец немам многу ќар од субвенциите, ни ми требаат , мене ми треба добра откупна цена и пласман. Од друга страна земјоделството станува се поисполитизирано, полтиката треба да си остане кај политичарите, вели Велков Од Асоцијацијата на земјоделци пак велат дека состојбата во аграрот оди на подобро. - Земјоделстово се движи во позитивна насока, субевнциите растат, а последните податоци покажуваат дека имаме и пораст на извозот, тоа е знак за добра земјоделска политика. Во однос на тоа кога земјоделецот живеел подобро не би сакал да коментирам, тоа зависи од севкупната пазарна економија, тогаш биле едни времиња, сега се други. Но исто така сметам дека не треба ние земјоделците да се користиме во политички цели, вели Шаклев Македонија важи за аграрна земја, а околу 40 проценти од населението се занимава со земјоделство. Според агроекономистите, развојот на македонското земјоделство по осамостојувањето на државата е неспорен, меѓутоа недоволно висок со оглед на природните услови, и местоположбата, традицијата и релативно стабилни макро-економски услови и релативно слободниот пазар. Сатистиката покажува дека во последните 11 години извозот на храна пораснал за шест пати, односно од 66 милиони долари во 2000 година на 373 милиони долари во 2011 година. Но паралелно со извозот расте и увозот на храна кој од 211 милиони долари лани е зголемен на околу 667 милиони долари. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?