02 Мај, 2024
0.0275

Случајот „Швајцарски франк“

Објавено во: Анализа 09 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Дали ги знаете вашите права и обврски кога потпишувате договор за кредит?

Доколку ви се понуди опција да плаќате пониска каматна стапка на некој кредит, дали ќе ја прифатите веднаш и без многу размислување? Па, банките Ви даваат вам пари со пониска камата, Вие и немате некој ризик, зошто да не прифатите. Голем дел од нас имаат кредит. Многу мал дел од нас е свесен за ризиците што ги имаме во периодот додека го враќаме тој кредит. Случајот со кредитите во швајцарски франци во Хрватска отвора навистина многу прашања за кои вреди да се отвори широка дискусија. Но да почнеме од почеток. Пред речиси десетина години на Хрватите им се овозможи задолжување што е поевтино од она што дотогаш беше стандард во земјата. Граѓаните имаа можност да земаат кредити што се врзани со швајцарскиот франк, една од најстабилните валути во светот. Каматната стапка што ја плаќаа за таа валута беше помала од вообичаеното поради стабилноста на Швајцарија, нејзиниот кредитен рејтинг итн. Банките агресивно ги нудат овие кредити со валутна клаузула, велејќи дека тоа е шансата да се дојде побрзо до стан со поповолна камата, повеќе квадрати за помалку трошок и слично. И нормално народот рационално ја избира поевтината варијанта, па така станбените кредити достигнуваат 50% од вкупните кредити од таков тип, додека кај кредити за автомобили овој процент е уште поголем и достигнува 80%. И сѐ функционира супер се до 2011 година, кога почнува дивеењето на курсот на швајцарскиот франк. Кредит со валутна клаузула значи дека сте изложени на ризикот на промена на девизниот курс меѓу домашната валута и валутата во која ви се пресметува кредитот. Доколку домашната валута загуби на вредност, вие ќе треба да плаќате повеќе, вашиот долг автоматски пораснува колку што паднала домашната валута (и тоа без да се пресметаат каматите). Еве конкретен пример од Хрватска: кредит од 66.000 франци (42.000 евра) земен во 2006 година со валутна и каматна клаузула има месечна рата од 2.980 куни. Благодарение на падот на куната во однос на швајцарскиот франк за 37% и поради промената на каматните стапки, ратата за овој кредит стигнува до 4.200 куни, или околу 45% повеќе од првобитната рата. Во почетокот на периодот еден франк вредел 4 куни. Во време на кризата еден франк вредел 7 куни. Сега станува веројатно јасно, вие должите во франци, а враќате во куни. Тоа е таканаречениот валутен ризик што паѓа директно на товар на граѓанинот, кој веројатно немал поим каков ризик презема кога потпишувал за кредит. Згора на сето ова, поради кризата во еврозоната, каматните стапки почнуваат да растат, а станбените кредити се со променливи каматни стапки, па така одредени кредити почнуваат да растат и стигнуваат до 7% (иако почнале со 4,5%). Ова е молотов коктел, кој директно погодува околу 100.000 граѓани на Хрватска, кои во тој период се соочуваат со проблем што буквално го уништува семејниот буџет. Благодарение на овие промени на курсевите одредени семејства и по пет или шест години враќање на кредитот се во ситуација да должат многу повеќе отколку што зеле во почетокот. Ова е навистина страшно и изгледа како модерно ропство. Очајни, некои од овие луѓе формираат здружение и почнуваат битка против банките и поднесуваат тужба, која ја темелат на тоа што банките свесно манипулирале и ги насочувале луѓето кон кредити со валутна клаузула без да објаснат што значи тоа и дека со промената на курсевите износите што банките ги наплаќаат излегуваат надвор од законските рамки. Здружението Франк водеше долга и мачна војна против големите банки. Нивните адвокати ја добија првата битка. Според пресудата секој должник ќе може да ги тужи банките и да бара враќање на износот кој бил натплатен благодарение на порастот на курсот на франкот. Сепак, оваа пресуда отвара многу други прашања. За нив дискутираме во утрешниот текст. М.Д.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад