Стечајниот управник на ФЕНИ ги „теши“ работниците
Објавено во: Македонија 03 Декември, 2017
Мирослав Анастасиевски преку соопштение за медиуми ги „теши“ работниците на ФЕНИ дека ги преземал сите мерки за побрзо работно ангажирање на вработените. Тој вели дека се преземаат активности за заштита како на капиталот така и на правата на работниците на Фени Индустри АД Кавадарци како клучен сегмент во овој процес.
„Во однос на доверителите, согласно Законот за стечај, од денот на објавување на огласот во Службен Весник на Р.Македонија од 30.11.2017 година, тече рокот за пријавување на побарувања.
Во Законска рамка ќе биде изготвена конечната листа на доверители која ќе биде поднесена до Основниот Суд Велес и ќе биде објавена на е-стечај, за што јавноста ќе биде известена“ вели Анастасиевски.
Досега се тврдеше дека ФЕНИ има вкупни долгови од 40 милиони евра кон трите банки доверители Комерцијална банка, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка, како и уште 20 милиони евра долг кон добавувачи и фирми.
Во стечајната процедура досега беше отфрлена и последната понуда за преземање на ФЕНИ од страна на бугарски Енеког поради тоа што заинтересираниот инвеститор не бил во можност да ги префрли неисплатените плати на вработените.
Во меѓувреме вработените своето незадоволство планираат да го изразат со нови протести и блокади на патишта.