03 Мај, 2024
0.0287

СТРАВ ЛОЗЈЕ ЧУВА, ГРАЃАНИТЕ МЕНУВААТ ДЕЛ ОД ДЕНАРСКИТЕ ЗАШТЕДИ ВО ЕВРА - НБМ порачува: Не губете бадијала камати, ДЕНАРОТ ЌЕ ГО ОДБРАНИМЕ

Објавено во: Финансии 23 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Стравот од девалвација во земјава, за кој монетарните власти постојано тврдат дека е целосно неоправдан и дека таква промена на вредноста на домашната валута нема да се случи, сепак, во последниов период ги натерал дел од граѓаните, своите заштеди во банките кои досега ги чувале во денари, да ги претворат во евра.

Последните податоци кои ги објави Народна банка на Македонија, а кои се однесуваат на февруари, но уште повеќе и за јануари оваа година, говорат дека во тие месеци веќе почнал трендот на конвертирање на дел заштедите - од денари во евра.

Односно, според бројките на НБМ, на крајот на февруари годинава, граѓанските депозити кои што се чуваат во денари изнесувале 2,43 милијарди евра, или прецизно 2.427.235.772 евра, наспроти 2.427.626.016 евра, колку што изнесувале депозитите на крајот на јануари годинава.

Ова значи дека во февруари во однос на јануари имало сосема мал тренд на намалување на депозитите во денари, и тоа точно за 390 илјади евра.

Како што е познато, воениот напад на Русија врз Украина стартуваше во последните неколку дена на февруари.

Но, за воља на вистината, во јануари имало многу позначајно намалување на штедните влогови на граѓаните во денари, во однос на декември.

Или, според податоците на НБМ, тие се намалиле за дури 41 милиони евра во јануари во однос на февруари, што значи дека февруарскиот пад може да се смета дури и како своевидна стабилизација.

Се до јануари, пак, главно се бележеше пораст на депозитите во денари.

Наспроти денарските штедни влогови, кај девизните има постојан и многу позначаен раст. Само за илустрација, во февруари во однос на јануари, влоговите кои нашето граѓанство ги чува во странска валута, се зголемиле за 24,6 милиони евра. И во претходните месеци се бележеше значаен раст на девизните влогови на граѓаните, кои во некои месеци беа и многу поголеми од февруарскиот пораст.

Народна банка се уште нема податоци за тоа како се движеле штедните влогови во март, со оглед што месецот не е ни завршен.

Но, со оглед на големите шпекулации кои постоеја во земјава околу можна девалвација, за што, пак, причина за загриженост е големата инфлација, како и со оглед на големата „јагма“ за евра што владееше низ менувачниците во земјава, Фактор ја праша Народна банка на Македонија дали во последниов месец, откако почна конфликтот во Украина, има тенденција штедачите - депозитите кои досега ги чувале во банките во денари, да ги конвертираат во евра.

Оттаму признаваат дека во март имало поголема склоност на населението кон девизи, но не кажуваат засега за колкава сума станува збор, со образложение дека се уште нема релевантни податоци. Сепак, нагласуваат, во последниве денови тој притисок се намалил.

„Во февруари се забележува годишен раст на депозитите за 6,1 отсто, со поголем раст на девизните депозити. За месец март се уште нема прелиминарни и релевантни податоци, но дел од показателите коишто ги следиме покажуваат реакција на населението на случувањата во Украина и поголема склоност за девизи. Последниве денови видливо е постепено намалување на притисокот“, велат во одговорот од централната банка.

Фактор праша и колкава е таа сума на депозити кои се конвертирани од денари во евра, и дали тоа ги загрижува монетарните власти.

Како резултат на руско-украинската криза видливо е дека одредена група на граѓани, кои во кризни ситуации вообичаено ги променуваат штедните влогови во девизи, тоа го прават и сега. Ова особено во услови кога има шпекулации, кои, како што веќе кажавме, се целосно неосновани и не носат никому корист, туку штета. Искуството покажало дека после некој период повторно ги враќаат влоговите во денари, а како што напоменавме, однесувањето на овие субјекти се нормализира. Износите на конверзија не се многу поразлични од други епизоди на криза“, велат од Народна банка на Македонија.

Се интересиравме и што банките им советуваат на штедачите, дали ги убедуваат да ги задржат во денари и дали тоа вродува плод.

Од НБМ упатуваат на неодамнешното соопштение од банкарите, односно од Македонската банкарска асоцијација, која апелираше до граѓаните непотребно да не се изложуваат на трошоци менувајќи ги своите денарски средства во девизи.

„Она што граѓаните треба да го имаат предвид, е се разбира каматата која ја остваруваат од своите влогови, која е повисока за денарското во однос на девизното штедење. Во услови кога девизниот курс во однос на еврото е стабилен, опортунитетниот трошок, односно изгубената камата заради држење средства во девизи треба да се има предвид. Дополнително на ова се изложуваат и на непотребни трансакциски трошоци“, објаснуваат од НБМ.

Се интересиравме и што самата Народна банка им советува на граѓаните кои имаат депозити во денари, дали можат да бидат спокојни дека нема да има девалвација и дека нивните депозити на тој начин нема да ја изгубат вреедноста, со оглед на се погласните шпекулации.

Оттаму уште еднаш повикуваат дека граѓаните треба да се потпрат само на веродостојни извори на информирање.

„Со цела одговорност Народната банка стои на ставот дека денарот е стабилен и ќе остане стабилен. Ние имаме капацитет за да го одржиме курсот на денарот - го одржавме стабилен и за време на претходни кризи (како пандемијата и глобалната финансиска криза). Имаме и начини, инструменти со кои ќе делуваме ако има потреба. Девизните резерви се на соодветно ниво, двојно повисоко во однос на периодот на глобалната финансиска криза - а и тогаш ја зачувавме стабилноста на денарот. Имаме и дополнителни 400 милиони евра на располагање преку репо-линијата на Европската централна банка“, уверуваат од народна банка на Македонија.

Додаваат и дека стабилноста на денарот ја потврдуваат и меѓународните финансиски институции. ММФ во последниот извештај за земјава, објавен минатиот месец, посочува дека нивото на девизни резерви е соодветно на политиката на девизен курс и дека неговото ниво е во согласност со економските фундаменти.

Како што е познато, изминатите денови имаше голема побарувачка за евра низ менувачниците, па ја прашавме НБМ дали таа побарувачка се смири и дали граѓаните и овие денови бараат да купат девиза повеќе.

„Има стабилизирање на трендовите, а нето-откупот на менувачкиот пазар во првата декада на март е близок до нето-откупот во истиот период од мината година. Изминатите денови имаше многу шпекулации, едни беа во насока дека нема девизи, другите во однос на стабилноста на денарот. И во оваа прилика би сакале да апелираме на граѓаните да не се ориентираат кон непроверени извори и лажни вести“, велат од НБМ.

Додаваат и дека Народната банка не чекала да ескалира ситуацијата, и затоа веднаш презеле два типа на активности. Првите се од областа на супервизијата, односно засилени се контролите на терен во насока да спречат шпекулативни активности. Вторите се од областа на регулативата. со кои се овозможува овластените менувачници, при евентуален недостиг на ефективни странски пари - евра, да се снабдуваат од банките, преку склучување на договор со банката. 

„Според последно расположливите податоци, менувачниците располагаат со девизи. Дополнително воведовме и механизми за воспоставување лимит до кој девизниот курс во менувачниците може да се движи,  водејќи се од курсот по кој менувачните ги купиле еврата од банките. Со тоа се обезбедува заштита на граѓаните и во однос на цената по којашто ќе може да купат евра од менувачница, доколку имаат потреба“, објаснуваат од централната банка.

Интересно би било да се знае и со колкава сума НБМ од девизните резерви интервенираше во последниве 15 дена на менувачкиот пазар, и дали тоа ги намалило девизните резерви.

Нема прецизна информација.

„Согласно стратегијата на стабилен девизен курс, Народната банка интервенираше на девизниот пазар. Примарно ова е последица на растот на увозните цени на енергентите, а во еден дел и заради привремено зголемената побарувачка за девизи од населението.  Во текот на март, поголем дел од притисокот беше видлив во првата декада од март, а потоа значајно се намали. Девизните резерви бележеа раст и пред пандемијата, но и во текот двете пандемиски години, со што постои простор за да се апсорбираат овие шокови. По сите показатели, резервите се високи и на соодветно ниво“, децидни се од првата монетарна куќа во земјава.

Прашавме во НБМ и што открија контролите на НБМ низ менувачниците, и дали имало менувачи кои намерно не продавале евра, а имале со цел да заработат и да го искористат стравот кај граѓаните.

Оттаму велат дека тимовите на Народната банка се сеуште на терен и контролите ќе продолжат и во идниот период. Сеуште немаат целосна информација, но нагласуваат дека со новововедената можност менувачите да се снабдат со девизи од овластените банки, се исклучува и можноста да се шпекулира околу евентуален недостиг на девизи на менувачкиот пазар и непотребно да се создава паника и страв кај граѓаните.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

ФЕД НАЈАВИ ГОЛЕМА ПРОМЕНА - не се каматните стапки, тие остануваат исти

ФЕД НАЈАВИ ГОЛЕМА ПРОМЕНА - не се каматните стапки, тие остануваат исти

ЕВЕ ВО ШТО ИНВЕСТИРААТ БОГАТИТЕ: Најуспешните луѓе на планетата не инвестираат во криптовалути, еве каде ги вложуваат парите

ЕВЕ ВО ШТО ИНВЕСТИРААТ БОГАТИТЕ: Најуспешните луѓе на планетата не инвестираат во криптовалути, еве каде ги вложуваат парите

ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Бернард Арно прв на тронот, Маск падна на третото место

ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Бернард Арно прв на тронот, Маск падна на третото место

„ЗА ТИЕ ПАРИ...“: Луѓето револтирани од цените на Јадранот

„ЗА ТИЕ ПАРИ...“: Луѓето револтирани од цените на Јадранот

НАЈГОЛЕМ ДОЛГ ОД НАПОЛЕОНСКИТЕ ВОЈНИ: Претседателот на Светскиот економски форум објави лоши вести

НАЈГОЛЕМ ДОЛГ ОД НАПОЛЕОНСКИТЕ ВОЈНИ: Претседателот на Светскиот економски форум објави лоши вести

НАЈМНОГУ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ВО НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ – еве што открива извештајот на Агенцијата

НАЈМНОГУ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ВО НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ – еве што открива извештајот на Агенцијата

ПРВ БАНКРОТ ВО 2024 ГОДИНА: Еве зошто оваа банка не успеа

ПРВ БАНКРОТ ВО 2024 ГОДИНА: Еве зошто оваа банка не успеа