Трајковски: Посебна контрола за трговците кои соопштија дека нема да поскапуваат
Објавено во: Економија 13 Март, 2024
Директорот на Државниот пазарен инспекторат,Горан Трајковски, синоќа во дневникот на ТВ Алсат рече дека под посебен надзор ќе бидат ланците на маркети,кои по завршувањето на одлуките за замрзнување на цените, издале соопштение до своите клиенти дека нема да има поскапувања на основните производи.
„Нема да дозволиме,поготово кај оние општествени компании кои што веќе дадоа соопштение. Ако го прекршат, односно не ги применуваат самите работи што ги напоменаа дека „гарантираните цени“ кај основните прехранбени производи ги задржуваат до 15 мај,или до донесувањето на Законот за нефер трговски практики, тоа е веќе манипулација врз потрошувачите. Ние со потполно право, покрај другите законски прописи, ќе можеме да ги контролираме по ова“, рече Трајковски.
Првиот човек на ДПИ, според она што го увидел самиот, по завршувањето на мерката „гарантирана цена“, видливо поскапување имало само кај млекото.
„Имаше минимални поскапувања кај млечните производи и затоа апелиравме до снабдувачите. Она што го имавме забележано како индикатор е дека снабдувачите на големо ги покачиле цените и затоа во моментов вршиме контроли кај снабдувачите на големо. Но, напоменувам, тие контроли се пообемни, за да ја видиме точната слика“, наведе тој.