ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување
Објавено во: Финансии 23 Април, 2024
Просечната нето плата по вработен во февруари годинава изнесувала 39.276 денари, објави Државниот завод за статистика.
Со ова се забележува дека последните месеци има тренд на намалување на нето платата, која во јануари 2024 година изнесувала 39.542 денари, додека месец претходно, или во декември 2023 година уште повеќе или точно 39.998 денари.
Сепак, од ДЗС посочуваат дека просечната нето плата исплатена во февруари споредено со истиот месец 2023 година бележи раст.
- Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, изнесува 116.5.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување за 24,9 отсто, Административни и помошни услужни дејности 22,5 проценти и Уметност, забава и рекреација 20,4 отсто.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање 10,1 отсто, Рударство и вадење на камен 7,2 проценти и Земјоделство, шумарство и рибарство 6,3 отсто - се наведува во соопштението на ДЗС.
Фото: Фактор