01 Мај, 2024
0.0277

Триумвират за Сирија – Без САД!

Објавено во: Свет 24 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Црноморскиот брег како да стана историски за носење значајни одлуки. Во фебруари 1945 година на Јалта се сретнаа Винстон Черчил, Франклин Рузвелт и Јосиф Сталин ја кроеја иднината на светот и го делеа поствоениот плен од Втората светска војна, чиј крај беше на видикот. Во средата што измина во Сочи се одржа „Мала Јалта“, на која Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рухани, лидерите на Русија, Турција и Иран, разговараа за иднината на Сирија, каде што на видикот е крај на воените дејства против Исламската држава. И што е мошне важно, таму ги немаше САД. Како да сакаше да се даде до знаење кои се главите играчи во Сирија. Но дали се' е така?  

Претседателите на Русија, Турција и Иран на средбата договорија план на активности за политичко решавање на иднината на Сирија. Според она што официјално искажаа соговорниците ќе треба да се активира меѓусирискиот дијалог. За таа цел предвидено е во Сочи да се одржи Конгрес за сириски национален дијалог. Неговите учесници ќе треба да расправаат за новиот устав на земјата, а потоа би се одржале избори под контрола на ОН. Овој договор не значи отфрлање на преговорачкиот процес во Женева и во Астана, дотолку повеќе што целта е во Сочи да дојдат сите сириски сили кои во моментов се на различни страни со исклучок на оние сили кои беа или се' уште се сојузници на Исламската држава. Тројцата претседатели се договорија  дека главните работи треба да се одвиваат во Женева под знамето на ОН. А Сочи е една, но важна, попатна станица.
Зошто Женева? Токму таму на преговорите во 2015 година се постигна договор различни групи на сириската опозиција и на сириската влада постигнаа договор кој подоцна во СБ на ОН беше преточен во Резолуција №2254, која е единствен меѓународно признат документ во кој се зборува за повоеното уредување на Сирија. Во него се нагласува дека во текот на шест месеци би се формирала  легитимна, вклучително и световна влада, која би го подготвила новиот Устав, а по 18 месеци би се одржале и избори.

Што покажува договорот на „Триумвиратот“? Прво дека голем број од разликите се наминати. Најважно е што, барем јавно, Ердоган не условува со заминување на дирискиот претседател Башар ал Асад од власта. Не се знае ништо за односот на Турција кон учеството на Курдите на таква конференција. Таа досега огорчено се противеше на таква можност. Но резултатите од теренот како да ги омекнуваат ставовите на Турција. Второ дека сите се согласуваат за единствена и неделива Сирија. Трето дека се подготвени до крај да расчистат со исламската држава. И, како што беше кажано од некој од претседателите дека ваквите форми на соработка треба да бидат пример за регионот во иднина.

По разговорите во Сочи Владимир Путин направи телефонски маратон. Очигледно нему му е многу важно да успее иницијативата на „Триумвиратот“, а чиј идеен творец е токму тој. Еден ден пред средбата со Ердоган и Рохани, кај него дојде и сирискиот претседател Асад, кој се согласил со погледите на Русија. Инаку ова беше второ излагување на Асад од Сирија за изминатите шест години и повторно во Русија. Може да се зборува за нов руски дипломатски предизвик за Западот, пред се за САД. Па така Путин наредните часови крена телефон и разговараше со претседателот Доналд Трамп, со саудискиот крал Салман, со израелскиот премиер Нетанјаху, со египетскиот претседател Сиси, а ден пред тоа и со катарскиот лидер Ал Тани, практично со сите кои директно или индиректно се вклучени во настаните во Сирија. И кои имаат влијание врз различни политички или воени групации во Сирија, а се опозиционо настроени кон власта на Асад. Веројатно замолницата е лидерите да ги убедат  тие групации да дојдат во Сочи на Конгресот за сириски национален дијалог.

Се очекува Конгресот да се одржи во првата половина на декември, иако има предупредувања дека убедувањето на групациите е макотрпна работа и треба таа да биде филигрански завршена, за од него да има конкретен договор. Деновиве во главниот град на Саудиска Арабија Ријад се одржува собир на најсилните опозиционери на сириската власт и очигледно за нивно убедување е задолжен кралот Салман. Од она што протекува од тој собир копјата се кршат околу легитимноста на Асад да учествува во иднината на Сирија. Голем број од опозицинерите бараат Асад да поднесе оставка пред почетокот на преодниот период и да не учествува на избори. Но работите на воен план не се развиваа во нивна полза, па така Асад сега стана една од клучните фигури на внатресирискиот дијалог.

Дали Москва и Вашингтон најдоа заеднички интерес во Сирија? Доналд Трамп постојано вели дека може да се договори со Русите за секое прашање кое одговара на интересите на САД. Своевремено Димитриј Песков, портпаролот на Путин, изјави дека ваквиот приод е ист со рускиот, што значи дека двете земји можат да соработуваат поаѓајќи од заеднички интерес. Што се договориле Трамп и Путин во телефонскиот разговор официјално не е соопштено, но дента кога беше средбата во Сочи TheWashingtonPost, повикувајќи се на свои извори соопшти дека САД имаат план да го сочуваат своето присуство во Сирија и по конечната победа врз ИД. Официјално САД во Сирија имаат околу 500 воени советници кои има даваат поддршка на „Сириските демократски сили“. За тоа зборуваше и министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис, кој најави дека таквата поддршка ќе продолжи. Ако се знае дека во оваа воена групација претежно се курдски сили, тогаш се отвора прашање за односот на Турција кон намерите на Вашингтон. Има најави дека САД сакаат на тие сили да им помогнат во организирање на локална самоуправа и на тој начин да вршат притисок врз Асад околу некои идни одлуки. За Сирија пак присуството на САД на теренот е окупација и нарушување на меѓународни норми, за што се жалеа и во ОН, бидејќи за разлика од Русите кои се таму на повик од Асад, Американците се самоповикани. Американскиот сенатор Мек Кејн го нападна Трамп, изјавувајќи дека разговорот покажува дека „претседателот(Трамп) погрешно верува дека Русија и САД имаат заеднички интереси“.

.Во очекување на резултатите од „притисоците“ врз воените и политичките опозициони групации од Сирија за да дојдат во Сочи, треба да се каже дека доколку тоа се оствари, тогаш ќе може да се зборува за уште еден дипломатски триумф на Путин, се разбира, овој пат потпомогнат од Иран и Турција. Американците и сега , како и во времето на Обама очигледно не успеаја да се наметнат со своја визија или стратегија во Сирија и во регионот. Но да не се заборави дека и тие имаат свои адути. Не станува збор за протекторатот на северот на Сирија, кој речиси цел е под контрола на Курдите. Москва, колку и да завршат работите според нејзино сценарио сигурно ќе мора да се сврти кон САД, а можеби и Европа за севкупна повоена обнова на сириската држава.  А секое учество во неа Запад ќе сака да го надомести со свое влијание на теренот. Трајниот мир во Сирија е мала добивка. Трамп не е Обама и сака секоја своја одлука да ја материјализира. Дали Русија е подготвена да му даде нешто за возврат доколку Конгресот во Сочи помине успешно.? Најверојатно за тоа ќе има нови конференции, нови дебати, нови конфронтации. Но, барем да се надеваме дека нема да прераснат во воени. И секако, дека нема некои тајни договори, како во „Големата Јалта“, а кои би оставиле трајни последици во Сирија и регионот.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

НОВА ДРАМА ВО БРИТАНСКИОТ ДВОР: Хари доаѓа во Лондон, но нема да се види со татко си

НОВА ДРАМА ВО БРИТАНСКИОТ ДВОР: Хари доаѓа во Лондон, но нема да се види со татко си

„АстраЗенека“ призна дека нејзината вакцина против Ковид-19 може да предизвика несакани ефекти

„АстраЗенека“ призна дека нејзината вакцина против Ковид-19 може да предизвика несакани ефекти

ЦЕЛИОТ СВЕТ СВРТЕН КОН ЗЛАТОТО: Најбезбедна инвестиција

ЦЕЛИОТ СВЕТ СВРТЕН КОН ЗЛАТОТО: Најбезбедна инвестиција

НАЈГОЛЕМАТА ЕВРОПСКА БАНКА ОСТАНА БЕЗ ДИРЕКТОР: Зошто Квин си даде оставка?

НАЈГОЛЕМАТА ЕВРОПСКА БАНКА ОСТАНА БЕЗ ДИРЕКТОР: Зошто Квин си даде оставка?

ПЛАНИРАТЕ ДА СЕ ПРЕСЕЛИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА? Еве колку долго ќе барате стан

ПЛАНИРАТЕ ДА СЕ ПРЕСЕЛИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА? Еве колку долго ќе барате стан

ПРВ БАНКРОТ ВО 2024 ГОДИНА: Еве зошто оваа банка не успеа

ПРВ БАНКРОТ ВО 2024 ГОДИНА: Еве зошто оваа банка не успеа

ДОЛАР СО ГРЕШКА ВРЕДИ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Милиони вакви банкноти кружат, потрагата не запира, но досега се откриени само 18

ДОЛАР СО ГРЕШКА ВРЕДИ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Милиони вакви банкноти кружат, потрагата не запира, но досега се откриени само 18

САД КУПИЈА АВИОНИ ОД ДРЖАВА КОЈА Е РУСКИ СОЈУЗНИК: Дали тие ќе завршат во Украина?

САД КУПИЈА АВИОНИ ОД ДРЖАВА КОЈА Е РУСКИ СОЈУЗНИК: Дали тие ќе завршат во Украина?

(ВИДЕО) МУСЛИМАНИТЕ ПОВИКАА НА КАЛИФАТ И ШЕРИЈАТ: Извикуваа „Алах Акбар“ на улиците на Хамбург

(ВИДЕО) МУСЛИМАНИТЕ ПОВИКАА НА КАЛИФАТ И ШЕРИЈАТ: Извикуваа „Алах Акбар“ на улиците на Хамбург