Уапсени напаѓачите кои пукаа кон американската амбасада во Анкара
Објавено во: Свет 20 Август, 2018
Tурската полиција денеска приведе две лица под сомнение дека пукале врз Амбасадата на САД во Анкара. Турската национална телевизија ТРТ јавува дека Ахмет Челиктен и Осман Ѓундас истрелале шест 9-милиметарски куршуми од возило во движење.
Полицијата во Анкара ги испитува сите аспекти и мотиви за нападот, но за сега се знае дека првиот од напаѓачите, роден во 1979 година, имал досие од областа на економскиот криминал, додека вториот, роден во 1980 година им е познат на властите по трговија со дрога, закани со насилство и насилство, кражби на автомобили и загрозување на сообраќајната безбедност.
Во пукањето немаше повредени, само три куршуми ја погодиле капијата и прозорец од Амбасадата. Полицијата ги засили безбедносните мерки за амбасадите во Анкара веднаш по инцидентот.
Овој напад е оценет како обид да се создаде хаос.
Нападот се случи во период на влошување на односите помеѓу Анкара и Вашингтон поради судењето на американскиот свештеник, Ендрју Брунсон во Турција.