Валандовчани повторно ќе протестираат против отворање на рудници
Објавено во: Македонија 04 Декември, 2017
Во Валандово в петок ќе се протестира против отворањето на рудниците „Казандол“, „Иловица“ и „Боров Дол“. Граѓаните бараат итно стопирање затоа што според нив, место за рудници со отворен коп нема.
Маршот ќе почне да се движи кон крајната цел: регионалната крстосница Валандово – Пирава – Марвинци во 13 часот. По блокадите на крстосницата и споделувањето на барањата, маршот ќе продолжи кон почетната точка во Валандово. Во склоп на овој масовен собир на граѓаните од југоистокот во 15 часот ќе започне „Конференцијата на граѓаните против рудниците на смртта“, каде што ќе може да чуеме слични искуства од стопирање рудници од пријатели од Романија, како и од пријатели од соседните Грција и Бугарија. Ќе имаме простор за дискусија на тема: „Што од овие искуства ние како граѓани на југоистокот на Македонија можеме да искористиме во нашата борба против рудниците на смртта?“- велат организаторите на протесниот марш.
Тие и досега организираа повеќе протести со цел да се запре отворање на рудници во нивна близина.